Соопштенија
(Видео) Жугиќ: Недавањето оставка на Петре Шилегов ќе докаже дека операцијата метла е само сеење магла

Заев го измете Петре Шилегов од својот двор, но проблемот е депонијата надвор од дворот. Најнеспособниот градоначалник Шилегов доби метла од партиските кругови, но проблемот е неговата неработа како градоначалник, обвини Јелена Жугиќ, советник во Советот на Град Скопје.
„Граѓаните немаат интерес од потпретседателот Шилегов, туку проблемот е градоначалникот Шилегов. Добро е што неговата партија призна дека тој е неуспешен, сега на ред е оставка како градоначалник. Петре Шилегов треба да добие метла како градоначалник затоа што е единствениот кому му украдоа урбана опрема за фонтаните и покрај ангажирана чуварска служба. Сега штетата ќе ја плаќаат скопјани; затоа што 2 години ја закочи изградбата на новиот лунапарк, кој досега требаше да биде готов, затоа што додека скопјани се гушат во смет, зони на Скопје се без соодветен водовод, претпријатијата бележат загуба, се зголемува паричниот надоместокот на членовите во управните и надзорните одбори на градските претпријатија, затоа што за Шилегов не е проблем тендерот доделен на невенчаниот сопруг на министерката од владата која ја води партијата каде до скоро беше и самиот тој потпретседател, не, за него тоа не е проблем, затоа што го поскапе паркингот, затоа што ветуваше Скопје со чист воздух, а добивме најзагаден град во светот, затоа што нема ниту еден ново изграден булевар, парк ниту, пак, започна каков било капитален проект, затоа што Петре вети многу, а не оствари ништо и секако затоа што ги навреди членовите на ВМРО-ДПМНЕ и партијата со зборовите простотилак и фашисти“, рече таа.
Недавањето на оставка на Петре Шилегов, рече Жугиќ, ќе докаже дека операцијата метла е само сеење магла и однапред договорена операција за спас на нивните пропаднати политичките кариери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Герасимовски: Масовно да излеземе во недела и да гласаме за Центар што го сакаме

„Во изминатите четири години направивме многу за Центар, за животот на сите генерации. Имаме уште многу работа, програма и план, стручни луѓе и знаење, желба и енергија. Заедно победуваме. Со нас, твојот глас вреди и значи најмногу. Ве повикувам масовно да излеземе и да гласаме за Центар што го сакаме“, вели кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите од СДСМ Горан Герасимовски.
Герасимовски, потенцира дека новата програма за работа за втор мандат е јасна, прецизна, остварлива и која Центар ќе го направи вистинско и посакувано место, најдобро за сите.
„Мојата визија опфаќа силен фокус на образованието, културата, спортот и социјалната заштита, како и континуирана грижа за младите, семејствата, пензионерите и лицата во социјален ризик. Солидарноста, еднаквоста и инклузивноста се темелот врз кој Центар функционира како вистински сервис на граѓаните и создава услови за достоинствен и сигурен живот. Продолжуваме да работиме во оваа насока за уште позелен, похуман и поразвиен Центар“, порачува Герасимовски.
Соопштенија
Марковски: Магацините на „Славија“ може да прераснат во простории за културната сцена, а не во бетонски чудовишта

Магацините на „Славија“ во општина Кисела Вода можат да прераснат во уреден јавен и мултифункционален простор за алтернативната културна сцена, креативна индустрија и други функции наменети за младите и сите граѓани истакна Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Да ги сочуваме и искористиме овие простори, како градителско наследство кое може да добие поинаква функција, а не да прераснат во колосални станбени објекти кои дополнително го загушуваат овој град“, истакна Марковски.
Тој кажа дека факт е дека на Скопје му недостасуваат простори за социјализација и дружба на младите, како и места за организирање на различни настани.
На денешната прес конференција се обрати и Јана Белчева Андреевска, носителка на листата за советници во град Скопје на „Независни заедно“:
„Наместо само да се руши и одново да се гради, добро е да ги следиме и принципите на циркуларната економија и примерите на европските метрополи, да реставриваме објекти од ваков тип, да им дадеме живот и да добијат нова вредност во новото време кое го живееме“, истакна Белчева Андреевска.
Соопштенија
ЗНАМ ја промовира програмата за млади

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска во Куманово ја презентираше програмата, поточно делот посветен на младата популација во општината и приоритетите што ќе ги реализираат во наредниот мандат.
„Студентите и младите се иднината на Куманово. Тие носат нова енергија, идеи и визија за подобро утре. Општината е нивен пријател, сојузник и партнер на патот кон знаењето и успехот. Тоа ќе го прави со поддршка во образованието, со можности за практично искуство, за културен и спортски развој, како и охрабрување на нивното претприемништво и иновации.
Со вложување во младите, вложуваме во поразвиена локална економија, модерно и европско Куманово, каде што младите ќе имаат причина да бидат овде и да градат своја иднина“, изјави Тамара Тренчевска кандидат за советник на Општина Куманово од редовите на Движењето ЗНАМ.
Таа ги наброја плановите:
Подобрување на условите и проширување на капацитетите во сите постојни општински образовни објекти.
· Гасификација и енергетска ефикасност во училиштата за подобри услови и пониски трошоци.
· Спортски игралишта и уредени дворови во секое училиште, со можност за „училници на отворено“.
· Технолошки и интеркултурен центар во целосно реконструиран „Дом на пионери – 29 Ноември“, како простор за културна размена и развој на вештини, со отворена мултимедијална сала за филмови, презентации, јавни настани, семинари, дебати, обуки, како и посебен дел наменет за центар за целодневен престој за деца.
· Младински центар во објектот на НУЦК „Трајко Прокопиев“.
· Обуки и усовршувања за наставниците и стручните служби.
· Нови спортско-рекреативни комплекси, паркови, велосипедски и трим-патеки, street-workout зони за здрав животен стил.
· Изградба на адреналински парк во состав на нов парк во с. Проевце.
· Претприемаштво за младите преку стартап-инкубатори и специјализирани обуки.
· Програма за финансиска поддршка на проекти и активности на студентите.
· Бесплатен интернет-пристап на повеќе јавни локации.
· Младински НВО-саем за вмрежување и промоција на младинските организации.
· Поддршка за талентирани ученици преку стипендии, промоција на иновации и поттик за млади уметници.
· Стипендии и награди за спортистите како поттик за нови достигнувања.
· Стипендии за првенците на генерација.
· Субвенционирање за набавка на велосипеди и електрични тротинети.
· Open Space / chill зона и скејт-парк: простор за дружење и неформални активности.
· Поддршка за развој на street art активности на млади уметници
· Организирање наградни натпревари меѓу општинските училишта со цел поттикнување на натпреварувачкиот и на тимскиот дух, дружење и мотивација за најдобрите тимови.
· Културна програма збогатена со фестивали, натпревари, секции и промоција на филмски и креативни проекти на млади ентузијасти.
· Повеќе креативни работилници: уметнички, музички и културни проекти.
· Поддршка на концерти и соло настапи на талентирани млади ученици на градските плоштади.
Движењето ЗНАМ, нагласи Тренчевска, има зацртано мноштво проекти, со кои ќе докажеме дека сакаме да бидеме и да останеме вистински партнер на младите и студентите.
„Ние не сакаме младите да заминуваат – сакаме да останат, да создаваат, и да сонуваат дека може да го променат светот токму овде. Затоа и ја градиме општината како отворено место за Вашите визии. Ние сме Општина која верува во младите – затоа што тие се нашата најголема сила! “, потенцираше Тренчевска.