Соопштенија
(Видео) Колариќ: Шилегов и директорот на ЈСП да објаснат како два тендери ги добиле фирми регистрирани на една адреса
Шилегов и директорот на ЈСП да објаснат како два тендери ги добиле фирми регистрирани на една адреса и зошто сега се плаќаат услугите двојно од порано, побара Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје.
„ЈСП Скопје под надлежност на еден од најбогатите градоначалници на главен град на Балканот Петре Шилегов доделило бизнис во висина од 200 илјади евра на две фирми, регистрирани на иста адреса, во сопственост на едно исто лице, основани неполн месец пред да ги добијат набавките. Шилегов повеќе од 10 месеци нема направено ниту еден проект од корист за скопјани, не успеа да се справи со комарците, ниту со кучињата скитници, градот тоне во смет и хаос, а ЈСП под надлежност на градот парите на скопјани ги доделува на фирми кои што очигледно се основани со една намера, да се јават како добавувачи на јавните институции“, рече Колариќ.
Таа додаде дека ЈСП во две засебни постапки доделило бизнис во вкупна вредност од 200 илјади евра на две фирми основани на иста адреса во сопственост на едно лице.
„Првата зделка во висина од 78 илјади евра за набавка на електронски картички за возење ја добила фирмата „Идкардс“, основана неполн месец пред до го добие овој бизнис. Цената која ЈСП ја плаќа на „Идкардс“ по единечна картичка изнесува 120 денари, што е за 20 денари повеќе од претходно, односно 20% поскапо од цената по која што се набавувале картичките. Тендерот за набавка на картички кој беше распишан од страна ВМРО-ДПМНЕ резултираше со поповолни и пониски цени со цена од 100 денари по поединечна картичка. Како услуга за која истото претпријатие плаќало 100 денари сега плаќа картичка по цена од 120 денари?
Но овој скандалот не застанува тука. Имено, фирмата „Идкардс“ е фирма во сопственост на исто лице кое 7 дена пред тоа ја основала фирмата „Ит плус смарт консалтинг“, која исто така доби бизнис од ЈСП за давање на консултантски услуги во вредност од 130 илјади евра“, обвини Колариќ.
И двете фирми, додаде таа, се основани на иста адреса на улицата „Димо Хаџи Димов“ број 81 во општина Кисела Вода од страна на ист сопственик со основен влог од 5000 евра. „И двете фирми се јавуваат како набавувачи на иста институција во краток период за две различни работи. Дали овие фирми се формирани со намера за да го добијат бизнисот од 200 илјади евра и дали станува збор за однапред договорена работа? Шилегов и директорот на ЈСП да објаснат на граѓаните на Град Скопје како два тендери ги добиле фирми регистрирани на една адреса и зошто сега се плаќаат услугите повеќе од порано?“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
БРАКО донираше 330 топли оброци за лица во социјален ризик
Компанијата БРАКО реализираше хуманитарна донација од 330 топли оброци од работничката менза на фабриката, наменети за лица во социјален ризик во Велес и околината.
Оброците беа подготвени од велешкиот ресторан „Боем“, кој ја обезбедува исхраната за вработените во БРАКО.
Во рамки на заедничката акција, храната се преземаше преку Народната кујна на „Боем“, а за лицата кои живеат во подалечни места или немаат пристап до информации и социјални мрежи, активисти ја доставуваа директно до нивните домови.
Со оваа донација, БРАКО уште еднаш ја потврдува својата посветеност на општествената одговорност и поддршката на локалната заедница, со посебен фокус на солидарноста и грижата за најранливите категории граѓани.
Компанијата и во иднина ќе продолжи да поддржува иницијативи кои имаат реално и директно влијание врз подобрување на квалитетот на живот во заедницата.
(ПР текст)
Соопштенија
Таткото троши – ќерката плаќа: смена на улогите во новата реклама за картичката за деца на Халкбанк
Замислете кога во одреден момент со парите би управувале децата. Тие да можат да одлучат што да се купи, а што не или колку може да се потроши за чоколади и за слатки. Тие да кажат дали овој месец ќе заштедат или ќе го потрошат целиот буџет.

Во ваква улога се најдоа познатиот македонски актер Сашко Коцев и неговата 9-годишна ќерка Јоана, на снимањето на рекламата за првата платежна картичка за деца на Халкбанк. Станува збор за иновативен производ, наменет за деца од 9 до 15 години, кој ним им овозможува да стекнат финансиски навики, додека родителите имаат целосна контрола на тоа каде и колку трошат нивните деца.
Рекламата за картичката Халки се случува во слаткарница. Таткото е возбуден и сака да нарача сè од менито, но за тоа мора да побара дозвола од ќерката. Таа, од друга страна, е смирена и рационална и не дозволува да се претера со нарачките, но и конзумирање на слатко. На крајот, ќерката ја плаќа сметката со својата Халки картичка.
„Целта на кампањата е на забавен начин, со доза хумор, да покажеме дека децата знаат да се однесуваат одговорно кон финансиите доколку им се дозволи и им се покаже како да го прават тоа. Практично, идејата за креирање на првата картичка за деца и тинејџери до 15 години во Македонија е токму тоа – да им помогне да научат како да располагаат со одредена сума пари, да го планираат неделниот или месечниот џепарлак и да стекнат навики за штедење. Секако, со помош и со контрола на родителите“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.
Mastercard Junior дебитната картичка овозможува низа поволности како повлекување готовина без надоместок од сите банкомати во Македонија и во странство, бесплатен трансфер на средства од сметката на родителот или старателот на сметката на детето. Исто така, родителот има можност за поставување лимити на платежната сметка на детето, блокирање на картичката преку електронско банкарство во случај на губење, СМС инфо без надоместок на мобилниот број на законскиот застапник/старател и можност за дигитализирање на картичката на Google Pay или Apple Pay.
Процедурата за аплицирање за картичката за деца е едноставна и може да се направи во сите филијали на Халкбанк, а сите апликации до крајот на март годинава се ослободени од трошоци за издавање на картичката.
(ПР)
Соопштенија
ЕДС официјален поддржувач на Олимпискиот комитет за спортскиот циклус 2026
Со потпишувањето на спонзорски договор со Олимписки комитет на Северна Македонија, ЕДС официјално станува дел од Олимпиското семејство како Официјален поддржувач за време на клучниот спортски циклус во 2026 година.
ЕДС ќе даде поддршка на Олимпискиот комитет во период што опфаќа неколку од најзначајните меѓународни спортски настани, меѓу кои Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026 и Медитеранските игри во Таранто.
Со оваа соработка, ЕДС ја потврдува својата заложба за поддршка на спортот, младите и вредностите што ги промовира олимпиското движење – фер-плеј, извонредност, посветеност и заедништво.
„Ова партнерство за нас претставува многу повеќе од спонзорство. Тоа е јасна поддршка на вредностите што ги делиме со олимпиското движење – дисциплина, истрајност и стремеж кон извонредност. Горди сме што, преку соработката со Олимпискиот комитет на Северна Македонија, ќе бидеме дел од еден значаен спортски циклус и ќе придонесеме кон промоција на домашниот спорт на меѓународната сцена,“ изјави главниот извршен директор на ЕДС, Александар Сарџовски.
Спонзорството ја зацврстува позицијата на ЕДС како општествено одговорна компанија, која континуирано инвестира во иницијативи со долгорочна вредност за заедницата и придонесува кон позитивен општествен развој.
ПР

