Соопштенија
(Видео) Митрески: Обезбедуваме економски раст и повеќе пари кај граѓаните, очекувам пратениците да го поддржат буџетот

Во пресрет на пленарната седница во Собранието, на која предлог-буџетот за 2019 година влегува во последната собраниска фаза, пратеникот од СДСМ, Јован Митрески, на денешната прес-конференција посочи дека очекува сите пратеници да дадат поддршка за негово усвојување затоа што, како што рече, буџетот за 2019 година е домаќински, развоен и обезбедува повеќе пари во секое семејство, кај секој граѓанин.
„Во 2019 година се очекува забрзување на растот на домашниот бруто-производ на 3,2 отсто, каде што позитивен придонес врз растот е предвидено да имаат домашната побарувачка, нето-извозот, како и капиталните инвестиции.
Просечната нето-плата во следниот период ќе продолжи да расте и се очекува да изнесува 4,5 отсто на номинална основа.
Проекцијата за раст на бројот на вработени во 2019 година изнесува 2,1 отсто, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали историски минимум, на 20 отсто“, изјави Митрески.
Тој додава дека со буџетот предвидено е и зголемување на платите од 5 отсто за вработените во образованието, здравството, социјалната и детската заштита, одбраната, полицијата, судството, културата, а зголемување на платите од 10 отсто е предвидено и за лекарите специјалисти.
„Се реформира системот на социјална заштита. Со воведувањето на мерките гарантиран минимален приход и семеен пакет на права лицата што примаат социјална помош имаат можност да добиваат и до 300 отсто зголемена социјална помош.
Создаваме можности околу 60.000 деца да добиваат детски и образовен додаток.
Првпат се воведува мерката зелена нафта, што значи дека земјоделските стопанства ќе добиваат поддршка до 30 отсто за набавка на нафта. Тоа ќе ги намали трошоците за производство и ќе останат повеќе пари кај земјоделците“, додава Митрески.
Тој вели дека низ конструктивна дебата во Собранието прифатени се 9 амандмани поденсени од опозицијата во вкупна вредност од 500.000 евра и посочи дека очекува конструктивноста да продолжи и сите пратеници, без разлика на која партија и припаѓаат, да го поддржат буџетот за 2019 година, што е во интерес на граѓаните, на државата и на економијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Меџити: Чаир ќе биде лидер во искористувањето на европските фондови

Кандидатот на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, на денешната прес конференција истакна дека проширувањето на буџетските извори преку европските фондови, особено преку програмата Horizon Europe, претставува реална можност за одржлив развој и модернизација на општината.
Меџити, придружуван од неговиот советник за финансии и буџет, Бујамин Бела, изјави дека приоритет на неговиот тим е создавање на разновидност во буџетската структура и обезбедување нови извори на финансирање со цел зголемување на капиталните инвестиции и долгорочните развојни проекти.
„Наш приоритет е да создадеме разновидност во буџетската структура и изворите на финансирање, со цел да ја зголемиме можноста за капитални инвестиции и долгорочни развојни проекти. Во оваа насока, постојано истражуваме различни начини на финансирање, со јасна цел, да изградиме поразвиен, иновативен и конкурентен Чаир. Според досегашните податоци, Северна Македонија има добиено нето само околу 12 милиони евра од програмите на Horizon, што претставува само 0.03% од вкупно достапните средства. Овој податок јасно покажува дека има голем простор за напредок, и време е општините, особено Чаир, да преземат поактивна улога во оваа насока“, изјави Меџити.
Тој додаде дека Чаир ќе следи нов пристап во развојот, преку аплицирање за проекти што носат повеќе инвестиции, работни места и поквалитетни услуги за граѓаните, користејќи ги европските фондови и меѓународната соработка.
Соопштенија
Ахмети ги откажува изборните активности за да оди на протест на УЧК во Тирана

Како Централен штаб, донесовме одлука да ги откажеме сите изборни активности на Али Ахмети за петок, потврдувајќи го неговото учество на севкупниот национален протест во Тирана, во поддршка на неговите соборци и основачи на славната Ослободителна војска на Косово (УЧК). Овој чин е акт на национална солидарност, но и потсетник за оние што забораваат дека слободата и правата не се подаруваат, тие се освојуваат со жртвување, изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Тој вели дека во текот на изборната кампања, Националната алијанса за интеграција настапила достоинствено, смирено и со конкретна понуда за граѓаните.
„Не се занимававме со клевети, црни кампањи или манипулации. Зборувавме со јазикот на фактите, визијата и одговорноста. Нашата кампања ја изградивме врз довербата – не врз стравот. За жал, нашите противници ја избраа спротивната насока – патот на клеветите, фабрикувањата и темните сценарија. Наместо идеи – понудија лаги; наместо проекти – измислија скандали; наместо натпревар за развој – поттикнаа поделби. Од самиот почеток, самиот премиер изјави дека „суштината на овие избори е исчезнувањето на ДУИ од политичката сцена“, а потоа зборуваше и за „политичко пензионирање на Али Ахмети“. Тоа не е само политички речник – тоа е носталгија за време кога Албанците требаше да бидат под команда, а не рамноправни учесници во одлучувањето. Но тоа време заврши. Албанците никогаш повеќе нема да бидат васали на туѓа волја“, рече Адеми.
Соопштенија
Герасимовски: Платено практикантство, обуки и субвенции, поддршка за професионален развој и економска независност на младите

Градоначалникот на Општина Центар и кандидат за нов мандат, Горан Герасимовски, во новата програма најави обуки, едукација и волонтерски ангажман за младите центарци кои се невработени или немаат соодветно образование и професионален тренинг.
„На овие млади луѓе ќе им помогнеме да стекнат нови знаења и вештини и да ја зголемат својата конкурентност на пазарот на труд. Дополнително, во соработка со партнерски организации, ќе им обезбедиме поддршка при вработување и практикантство,“ истакна Герасимовски.
Тој посочи дека во општината веќе се ангажирани практиканти, студенти и апсолвенти, кои своето прво работно искуство го стекнуваат во различни општински сектори. Практикантите примаат месечен надомест од 15.000 денари, а по шестмесечниот ангажман добиваат официјална потврда за потребите на факултетот.
„Практикантството е одлична можност младите да се изградат како професионалци и, доколку сакаат, во иднина да станат дел од локалните процеси,“ додаде Герасимовски, најавувајќи продолжување на овој успешен проект и во наредниот период.
„Општина Центар за младите доделува и субвенции за возачки испит. Поддршката изнесува 10.000 денари за теоретска и практична обука, за сите млади кои годинава наполнија 18 или 19 години. Со оваа мерка им овозможуваме на младите да се стекнат со возачка дозвола, да станат поконкурентни на пазарот на труд, да ги зголемат своите можности за вработување и безбедно да учествуваат во сообраќајот,“ рече градоначалникот.
Младите исто така можат да добијат финансиска поддршка за купување велосипед или е-велосипед, тротинет и дополнителна опрема, со што се поттикнува користење на здрави и еколошки навики. Герасимовски истакна дека во рамките на општината активно функционира и Младинскиот центар „Матично“ како простор за учење, поврзување и вклучување на младите во различни активности.