Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ бара власта да ги прифати нивните предлог мерки за справување со загадувањето на воздухот

Аерозагадувањето во Македонија руши светски рекорди, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во нивното соопштение се наведува дека Македонија е помеѓу државите со најзагаден воздух во светот и со најзагаден воздух во Европа. Граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ се директни жртви на неспособноста на власта, како локалната така и на централната.
„Цената за неспосбноста на власта граѓаните ја плаќаат со своите и животите на своите најблиски. Вознемирувачки се податоците на Светската здравствена организација дека над 3 илјади граѓани годишно ги губат животите како директна последица на загадувањето. Нема место за политички калкулации и политиканство кога станува збор за животите на македонските граѓани. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во Собранието вчера поднесе информација за енормното загадување на амбиеталниот воздух во државата. Нема место за политиканство кога станува збор за здравјето на нашите најмили. Бараме веднаш, власта да ги прифати нашите предлог итни мерки за справување со енормното загадување на воздухот“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Експертите потенцираат дека со итни мерки против загадувањето можат да бидат спасени преку илјада животи кои прерано згаснуваат како резултат на преголемото загадување на воздухот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали овие илјада животи кои можат да бидат спасени со итните мерки против загадувањето на воздухот се помалку важни од удобството на државните функционери и партиски пајташи од СДСМ? Дали здравјето на граѓаните е помалку важно од лускузните автомобили и удобните фотелји за кои владата планира да потроши неверојатни 7 милиони евра? Апелираме уште еднаш да се прифатат мерките кои живот значат“, стои во паритското соопштение. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваа дека во спротивно власта треба да си замине и да остави друг да се грижи за здравјето и животот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Левица: 62 години од земјотресот во Скопје – изграден од солидарност, денес уништен од корупција и алчност

Делегација од Левица составена од членовите на Централниот комитет – Андреа Јанков, Катерина Јовановска и Дарја Мустафаоглу, денес оддаде почит и положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес кој на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, го погоди Скопје.
„Во тој страшен миг, тагата и болката се вплетоа во животите на илјадници луѓе и засекогаш ја променија историјата на нашиот град. Над 1.000 загинати, 3.000 повредени и 200.000 останати без дом. Но, во часовите и деновите по трагедијата, заживеа нешто подеднакво моќно – солидарноста.
Првата помош стигна од југословенските републики, а потоа и од целиот свет – 87 нации испратија медицински тимови, храна, шатори, механизација. Скопје го доби епитетот „Град на солидарноста“, а 14 октомври, кога ОН усвои резолуција за обнова на градот, влезе во светската историја како Ден на Скопје. Обновата на градот ја предводеа визионерски умови.
Денес, 62 години подоцна, Скопје го разјадува корупцијата, градежната мафија и дивото градење. Наместо планско и хумано урбанизирање, имаме илјадници дивоградби, уништени паркови, станбени блокови без основна инфраструктура.
Сето тоа се случува во град кој се наоѓа на трусно подрачје – нешто што надлежните постојано го забораваат или свесно го игнорираат. Наместо да се гради отпорно, одржливо и безбедно, Скопје стана жртва на профитерско и ризично узурпирање.
Она што некогаш беше симбол на заедничка обнова и визија, денес е претворено во хаос каде што јавниот интерес е распродаден за приватен профит. Градот кој беше изграден со солидарност – денес е разјаден од алчност.
Овој ден не треба да биде само тивко сеќавање на трагедија, туку и гласно предупредување дека негрижата, корупцијата, непочитувањето на стандардите можат да чинат човечки животи.
Нека овој ден нѐ потсети не само на минатото, туку и на нашата одговорност за иднината на Скопје“, стои во соопштението од Левица.
Соопштенија
ДОМ инсистира на итни мерки што ќе обезбедат интегритет и транспарентност на сите функционери

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) ги осудува последните случувања околу оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска. Обвинението за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат во случајот „Адитив“ открива длабока инфилтрација на коруптивни практики во самите врвови на институциите кои треба да бидат првиот бедем во одбраната на правната држава. Оваа скандалозна афера не само што го подрива кредибилитетот на ДКСК, туку ја потврдува потребата за итна и безкомпромисна промена на системот на контрола и отчетност.
Времето кога нашата држава требаше да го прифати мотото „Нула корупција“ беше пред 34 години, со прогласувањето на независноста. Наместо тоа, сведочиме дека децении подоцна продолжуваме да доцниме, додека младите масовно си заминуваат поради отсуството на доверба во правната држава. Ова не е прашање на партиска припадност, туку на основни човечки вредности и на историската одговорност на државата кон граѓаните.
ДОМ инсистира на итно донесување мерки што ќе обезбедат интегритет и транспарентност на сите избрани и назначени функционери: детално и доследно верификување на анкетните листи за имотна состојба, јавно објавување на судирите на интереси, автоматско суспендирање при поднесено основано обвинение и воведување независен антикорупциски инспекторат со реални санкции.
Зелената партија ДОМ го повикува Собранието да ги усвои клучните законски измени за борба против корупцијата, како и итно да формира независно специјализирано тело за проверка на интегритетот на јавните службеници и функционери. Без овие промени, сите останати декларации против корупцијата ќе останат само празна реторика.
ДОМ останува цврсто на ставот дека корупцијата не смее да се релативизира, ниту да се премолчува. Ги повикуваме сите граѓани и граѓанки, здруженија и политички партии кои веруваат во правдата и еднаквоста пред законите, да застанеме заедно, едни до други, во одбраната на правната држава и владеењето на правото. Пред да го загубиме последниот остаток на институционален кредибилитет. Пред иднината на младите засекогаш да ја побараат на некоја нова, надвор од државата, адреса.
Соопштенија
(Видео) Шукова: Во работата ќе ме водат двете сили кои во 1963 го издигнаа Скопје од урнатините – љубовта кон градот и заедништвото

Потпретседателката на СДСМ и кандидатка за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, денеска испрати емотивна порака до скопјани, по повод 62-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди градот во 1963 година.
Шукова потсети на солидарноста и заедништвото со кои Скопје беше изградено одново и порача дека токму тие вредности мора повторно да го поведат градот напред.
„Скопје беше повторно изградено со срце, со волја и пред сѐ со солидарност. И токму заедништвото и искрената љубов кон градот се двете сили кои единствено можат да го водат овој град напред. Денес, ни се потребни повеќе од било кога“, рече Шукова.
Кандидатката за градоначалничка остро се осврна на изминатите четири години од актуелното локално раководство, обвинувајќи го за неспособност и занемарување на интересите на граѓаните.
„Скопје изминатите четири години беше силно погодено од неспособност, лични интереси и негрижа. Духот на Скопје се рушеше и обезличуваше секој ден, оставајќи ги скопјани немоќни пред партиските интереси“, рече Шукова.
Таа истакна дека како иден градоначалник ќе работи со чесност и одговорност, посветена на граѓаните.
„Никогаш како градоначалничка нема да дозволам личните, партиските и било кои други интереси да го уништат градот. Ветувам дека во работата ќе ме водат двете сили кои во 1963 го издигнаа Скопје под рушевините – силата на љубовта кон градот и силата на заедништвото со секој од вас“, порача таа.
Шукова заклучи дека Скопје заслужува повеќе и повика на нов почеток.
„Градот што го преживеа најтешкото, заслужува повеќе. Ние сите заслужуваме повеќе бидејќи го сакаме овој град. Скопје може подобро и ќе биде подобро. Затоа што Скопје сме сите ние. Време е да му дадеме нова сила. Време е да ги земеме работите во свои раце“, вели Шукова.
Од СДСМ најавуваат кампања за која велат дека ќе понуди реални решенија за сите предизвици со кои се соочува Скопје и визија за град кој им припаѓа на своите граѓани.