Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Додека Заев ги распродава државните интереси, низ цела Македонија царува криминал и насилство
Република Македонија се претвора во ветена земја за криминалците и тоа нема да се смени со промената на името и идентитетот што ги предлага Заев, се наведува во соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека јавноста е сведок на постојани нарушувања на безбедноста, а како што велат, одговорност нема од никого.
„Главниот град Скопје наликува на сцена од криминален филм, а не на град каде што граѓаните можат да живеат без да се плашат за сопствениот живот и животот на најблиските. СДСМ ја уништува државата, а безбедноста на граѓаните е ставена под знак прашалник. Откако е СДСМ на власт секојдневно сме сведоци на насилства по улиците, неразјаснети убиства и криминални вооружени пресметки низ целата држава. Едноставно криминалот царува, а безбедноста не ја гарантира никој. Брутални убијци се шетаат на слобода, а доказ за тоа е егзекуторот што среде бел ден, на прометна улица го ликвидираше младиот фудбалер Мартин Јанушев. Поминаа десет месеци, против убиецот нема никаква постапка и не е приведен“, стои во партиското соопштение.
Од партијата додаваат дека додека криминалот, насилството, уцените и хаосот царуваат по улиците низ Македонија, Зоран Заев забрзано ги распродава националните и државни интереси на Република Македонија.
„Зоран Заев ги прифати сите грчки барања, прифати ново име за севкупна употреба, се откажа од македонскиот идентитет и се согласи на бришење на македонската култура и историја“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и ги повикуваат сите граѓани кои не се согласуваат со штетните политики на, како што велат, криминалната влада на Зоран Заев и СДСМ да дојдат во недела во 13 часот во Охрид на голем протестен марш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Герасимовски: Даваме субвенции за нови фасади за зградите и ги обновуваме
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека во вториот мандат се обновуваат фасадите и се зголемува енергетската ефикасност на зградите.
„Станарите добиваат субвенции за нови енергетски ефикасни фасади, што ги намалува трошоците за греење и ладење, а истовремено добиваат современ и уреден изглед на своите згради. Со обновувањето на фасадите, Центар добива нов, модерен, но и автентичен лик. Ја чуваме старата архитектура и ја уредуваме градската средина“, рече Герасимовски.
Тој потенцираше, дека паралелно се поставуваат и фотоволтаици на училиштата и општинските објекти преку претпријатието „Енергија Центар“.
„На тој начин, штедиме енергија и ги намалуваме трошоците за електрична енергија и до 50%. Работиме одговорно, современо и одржливо. За Центар што го сакаме!“, изјави Герасимовски.
Соопштенија
Манасиевски: Од историска победа нè делат само неколку дена
На 2 ноември сите заедно да го заокружиме бројот 9, за финалната победа на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, Карпош, Шуто Оризари и Градот Скопје, повика Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од оваа историска победа не делат само неколку денови. Со 33 освоени општини во првиот круг, водство во 21 од 27 општини во вториот круг и доминација во советничките листи, ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните заедно ќе ја потврдат промената што ја започнавме. Имено, во Аеродром победивме со околу 9.500 гласови разлика. Во Карпош водиме со околу 1.500 гласови. Во Скопје убедливо сме пред второпласираниот со над 60.000 гласови. Во Шуто Оризари обединети, одиме кон пресврт и конечно враќање на довербата во локалната самоуправа. Советите се клучни за реализација на нашите проекти и визии. Имаме убедливо мнозинство од 15 советници во Аеродром, 11 во Карпош, 18 во Град Скопје и 4 во Шуто Оризари. За оваа победничка слика да биде целосна, потребна е вашата поддршка. Поддршка за проекти, за визии, за граѓаните“, рече тој.
Соопштенија
Јовановски: Нови садници во Кичево за почист воздух
Кандидатот за градоначалник на општина Кичево од ВМРО-ДПМНЕ, Aлександар Јовановски, во предизборната програма предвидува нови садници во општината за почист воздух.
„Почитувани, нашиот град Кичево беше познат по богата шума, по огромен шумски појас, по боровите, по чистиот воздух, по убавата животна средина. За жал, еден дел од тој шумски појас се уништи со несовесно користење и дел со изградбата на големиот проект за автопатот кој ќе не поврзува со Охрид. Кога ќе дојдам на позиција градоначалник, веднаш ќе преминам кон проект за пошумување и враќање на старата шума со што ќе допринесеме за почист воздух, почиста животна средина и поубав живот за сите нас во Кичево“, вели тој.

