Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Ангеловска предлагаат популистички буџет

Зоран Заев и Нина Ангеловска со ребалансот предлагаат популистички буџет, во кој се крати од развојните проекти, како капиталните инвестиции за да има пари за популистички мерки, кои имаат краткотраен ефект, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на попладневната прес-конференција на која премиерот и новата министерка за финансии го образложија изгласаниот ребаланс на буџетот.
Според ВМРО-ДПМНЕ, планот на Заев е префрлање пари во непродуктивни трошоци за да го минимизира незадоволството од, како што велат, расипништвото и корупцијата на неговиот кабинет.
„Колкави се дупките во економијата кои ќе се отворат на ваков начин, Заев не го интересира бидејќи знае дека е соочен со пораз на изборите“, се нагласува во партиската реакција.
Во неа се додава дека македонската економија блеска само во главата на премиерот Зоран Заев.
„Во реалноста имаме 2,5% помалку работници во индустријата во јули годинава, во однос на јули лани, односно на 100.000 работници лани, а сега имаме 2.500 помалку. Во исто време додека Заев продава ветар и магла, реалниот БДП во однос последен квартал 2018 со прв квартал од 2019 година е паднат за 211 милиони евра“, посочуваат од опозициската парија.
Од таму сметаат дека економската политика на власта е во целост промашена и дека каков било ребаланс нема да ја спаси Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Мециновиќ: Среќен сум со текот на кампањата и сè поверојатно е дека влегуваме во втор круг

Вчеравечер, во рамките на своите народни средби во Аеродром, Центар и Кисела Вода, кандидатотот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ презентираше дел од програмата #СкопјеСЕГА и повторно потсети дека досега се третирале симптомите, наместо изворите на аерозагадувањето.
„Град Скопје го посочува прстот кон сиромашните, како тие да се виновни, наместо да работи на санкционирање на вистинските загадувачи. Мора да се зголеми бројот на инспекторите за животна средина, да се опремат со дронови за поефикасна работа на терен и да се унапреди соработката со Министерството за животна средина,“ истакна Мециновиќ.
Тој информираше дека градот, поради актуелната регулатива, нема надлежност без Министерството да врши инспекциски надзори над индустриските загадувачи, кои се најголем извор на аерозагадување.
Мециновиќ додаде: „Повторно ќе истакнам дека со решавање на проблемот со јавниот транспорт – кој, патем, е главен фокус во нашата програма, ќе се реши поголем дел од проблемите во Скопје, вклучително и аерозагадувањето.“
„Среќен сум со текот на кампањата и сè поверојатно е дека влегуваме во втор круг“ – заврши Мециновиќ.
Соопштенија
Тоневски: Во наредните 4 години ќе инвестираме во патната инфраструктура во Пробиштип

Патната инфраструктура е област во која никогаш нема крај, секогаш има потреба од изградба и реконструкција на уште една улица, секогаш има потреба од нови тротоари како на улицата „28 август“, „Партизанска“, на „Браќа Миладиновци“, на улицата „Кочо Рацин“ и на многу други локации, рече Тони Тоневски, кандидат за градоначалник на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но Пробиштип не е само градот, во наредните 4 години ќе инвестираме во секое населено место. Асфалтерките ќе стигнат до секоја населба и секое село. Ќе го изградиме патот до Јамиште, Шталковица, Пестришино, Близанци, Кундино, Костомар, Горни Стубол. Ќе го прошириме и реконструираме патот до Свети Николе, преку Неокази и Мечкуевци, за да добиеме вистински регионален пат каков што доликува на нашата општина. На сите жители ќе им овозможиме нормален и безбеден пристап до нивните домови и села. Заборавени места повеќе нема да има. Направете го вистинскиот избор, за тебе за твоето место, за твојата иднина“, рече тој.
Соопштенија
Ливриниќ: Визбегово како уредна и поврзана населба со нови тротоари, градинка и мини плоштад

Кандидатката за градоначалник на Општина Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ, оствари средби со жителите на населбата Визбегово, каде што разговараше за секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и ги претстави приоритетните мерки од својата програма за овој дел од општината.
„Во Визбегово кога врне и кога не врне е исто – тротоари немаме. Тоа мора да се промени. Мој приоритет ќе биде изградба на тротоари на сите улици и асфалтирање на улиците и нивните краци, за да имаме уредна и безбедна населба. Планираме и поставување лежечки полицајци на повеќе локации за да ја зголемиме безбедноста на пешаците“, истакна Ливриниќ.
Таа додаде дека грижата за животната средина и за животните мора да биде дел од локалната политика, најавувајќи изградба на стационар за кучиња и програми за уредување на јавните површини.
Како дел од визијата за поквалитетен живот, Ливриниќ најави и мини плоштад во центарот на населбата, опремен со урбана опрема – простор за дружење, културни настани и заедништво на жителите.
„Старото училиште ќе добие нова функција – детска градинка. Визбегово заслужува современ и безбеден простор за нашите најмали“, додаде таа.
Ливриниќ рече дека во соработка со Град Скопје, ќе биде воведена и нова автобуска линија Радишани – Визбегово – Карпош, со што ќе се подобри поврзаноста и ќе се намали сообраќајниот метеж.
„Визбегово ќе го направиме пример за тоа како една населба може да биде уредна, безбедна и пријатна за живеење. Ова не се ветувања, туку план кој заедно со жителите ќе го спроведеме“, порача Оливера Ливриниќ.