Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: МВР и Обвинителството молчат за говорот на омраза и заканите

СДСМ се во страв и паника затоа што знаат дека ги губат изборите и ја немаат довербата од народот. Токму затоа се впуштија во сценарио за ширење на страв и закани, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, во последните неколку дена јавноста е сведок како членови и активисти на СДСМ јавно се закануваат и шират говор на омраза, а сето тоа поминува без осуда од власта и без реакција на МВР и Јавното Обвинителство.
,,Еден од мегафоните на власта, новинарот Бранко Тричковски јавно повика на насилство и убиство кон пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошовски, само затоа што ја прецртал Северна од името како претставник на Советот на Европа, а надлежните молчат. Иако СДСМ ветуваа дека ќе се санкционира говор на омраза, за институциите јавен повик на убиство не е доволен за да реагираат.
Впрочем ова не е прв пат Тричковски да шири говор на омраза, а МВР и Јавното Обвинителство да не реагираат. Претходно тој повикуваше на убиство на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но ниту тогаш не надлежните не презедоа ништо против него и немаше покренато обвинение против него”, смета партијата.
Според нив, за нервозата и паниката во власта сведочи неодамнешната случка во скопски Аеродром, кога партиски активист на СДСМ, вербално и физички нападна член на Унијата на Млади Сили на ВМРО-ДПМНЕ, кој го снимаше како нервозно ги кине плакатите на професорката Силјановска Давкова. Од активисти на СДСМ, беше сторено и тешко кривично дело попречување на изборната кампања, откако нападнаа и им го одзедоа рекламниот материјал за изборите на младите активисти на ВМРО-ДПМНЕ.
,,За ниту еден од овие случаи СДСМ не се оградува, не ги осудува, а надлежните не реагираат. Очигледно е дека стравот од губење на изборите е голем и СДСМ веќе не бира ни средства како да ги заплаши граѓаните. МВР и ЈО мора да се одважат и да излезат од спрегите на власта за да ги истражат овие случаи и да ги казнат виновниците. Ширењето на страв, заканите, нападите и говорот на омраза не смее да останат неказнети. Неспособниот СДСМ единствениот начин да остане на власт го гледа преку закани и уцени. Граѓаните на Република Македонија не заслужуваат да живеат во паника и страв. Тие заслужуваат подобро.
Токму затоа на претседателските избори неопходна е победа на професорката Гордана Силјановска Давкова за веднаш потоа да следат предвремени парламентарни избори и СДСМ конечно да замине, за да може да дојде подобро утре за Република Македонија и граѓаните”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Митовски: Црешево и Смилковци ги враќаме на мапата на развојот

Актуелниот градоначалник цел мандат ги остави Црешево и Смилковци во пустош и заборав. Без ниту еден капитален проект, без инвестиции, без елементарни услови за живот. Времето на неработа, запоставеност и игнорирање на овие населени места завршува. Таа слика ќе се промени во мандатот што следи, затоа што мојата визија е јасна – рамномерен развој на сите населени места во Општина Гази Баба, изјави кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски.
„Во Црешево ќе изградиме нов резервоар за вода со капацитет од дополнителни 300 кубни метри, ќе се доврши фекалната канализација, а краците од улица 3 ќе бидат конечно асфалтирани и санирани. Ќе ја замениме целата водоводна линија од препумпната станица во Железара до резервоарот во Црешево во должина од 6 километри, ќе изградиме нова бушотина за зголемен доток на вода, ќе го осветлиме регионалниот пат Црешево–Стајковци и ќе изградиме пешачка патека по целата должина. Дополнително, ќе изградиме и прочистителна станица за фекални води. Во Смилковци исто така ќе изградиме нов резервоар за вода со капацитет од 300 кубни метри, ќе ја довршиме фекалната канализација и ќе ја замениме целата водоводна линија во должина од 3,5 километри. Ќе се изгради нова бушотина, ќе се прошири патот и ќе се направи пешачка патека од Смилковци до Црешево, а краците од улица Павле Божинов конечно ќе бидат асфалтирани. Во недела, гласот за број 5 е глас за реализација на овие проекти, за секој дом, за секој од вас, за модерна и развиена Општина Гази Баба“, рече Митвоски.
Соопштенија
Герасимовски: Центар е инклузивна и хумана општина, вложуваме во луѓето и нивните потреби

Градоначалникот и кандидат за нов мандат, Горан Герасимовски, најави дека Општина Центар и во следниот период ќе остане посветена на инклузивноста, преку проекти и програми за поддршка на ранливите категории граѓани и создавање еднакви можности за сите.
Тој кажа дека во областа на образованието, Центар е единствената општина во државата која од сопствен буџет ангажира лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби.
„Преку проектот ‘Образование за сите’ ангажираме лични асистенти во основните училишта, со што на децата им овозможуваме поддршка во учењето и подобра интеграција во наставниот процес. За оваа намена од буџетот годинава издвоивме 4. 400. 000 денари“ истакна Герасимовски.
Дополнително, додаде тој, училиштата и градинките во Центар се уредени со инклузивен пристап и сензорни соби наменети за деца со интелектуална попреченост и потешкотии во развој.
Герасимовски рече дека Општината обезбедува и бесплатен транспорт до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост.
„Ова е исклучително важна мерка за лицата кои не можат самостојно да се движат, но и за нивните семејства. За оваа услуга годишно издвојуваме 500.000 денари од општинскиот буџет, со цел да им го олесниме пристапот до здравствените установи за да добијат потребните услуги,“ додаде Герасимовски и потсети дека во рамки на локалната самоуправа активно функционира и Центарот за дневен престој за лица со попреченост, каде се обезбедува стручна грижа, поддршка и активности наменети за развој, едукација и социјализација.
Соопштенија
Ѓорѓиевска: Водевме кампања со визија, проекти и со дела

Носителката на советичката листа на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Ивана Ѓорѓиевска, на денешната прес конференција направи збирна оценка на изборната кампања пред првиот круг на локалните избори в недела. Во изминатите три недели, заедно со нашиот тим од Движењето ЗНАМ – прошетавме низ сите делови на општина Куманово, рече таа.
„Се сретнавме со граѓаните, разговаравме со нив ги слушавме нивните проблеми, предлози и идеи. Со задоволство можам да го споделам денеска е – дека кумановци ја прифаќаат нашата програма, се согласуваат со тоа како ние планираме да работиме во наредниот мандат. И, она што најсилно го почувствувавме е љубовта кон градот и желбата за контиуитет што носи реални резултати, а не празни ветувања“, нагласи Ѓорѓиевска.
Оваа кампања, рече таа, ја водевме чесно, транспарентно и достоинствено со проекти, со визија и со дела кои зборуваат наместо нас. „Она што го имаме сработено досега е нашиот најголем капитал е показател дека ние исполнуваме. Не ветувавме невозможни работи, туку конкретни решенија кои веќе се реализираат или се подготвени да почнат.
Со таквите проекти дефинитивно го правиме Куманово – модерен град со нови улици и булевари, нови плоштади, повеќе паркинг места, со поголеми зелени површини – паркови, дрвореди и зелени појаси, со нови сообраќајни решенија депонии, со поголема водоводна, канализациска и гасоводна инфраструктура. И, општина со нови инвестиции, ново отворени работни места и перспектива за младите. Веруваме во континуитет, стабилност и вистински развој. Куманово има потенцијал, има луѓе со идеи, со енергија и со желба да напредуваат.
Нашата цел е едноставна да го задржиме тој напредок, да ја продолжиме изградбата на современ, зелен и уреден град, каде што секој човек ќе има достоинствен живот“, потенцираше носителката на советничката листа на Движењето ЗНАМ за Куманово.
Ѓорѓиевска ги покани кумановци вечерва да присуствуваат на завршниот митинг на Движењето ЗНАМ во Домот на културата „Трајко Прокопиев“, а в недела да излезат масовно на гласачките места. „Излезете и поддржете нè затоа што зад нас стои визија, систем и тим што работи за Вас, не за лични интереси. Поддржете нè затоа што знаеме како, затоа што ве слушаме и затоа што сме дел од вас. На 19 октомври изберете стабилност, искреност и дела. Гласајте за број 2 – Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, повика Ѓорѓиевска.