Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Растот на економијата бележи нула, Заев си кажува вицеви

,,Денешниот настан на Заев пред стопанствениците да не беше трагичен ќе беше комичен. Аболицираниот за финансиски криминал Заев се шегува, а бизнисмените му аплаудираат. Аболицираниот за 8 милиони евра се смее, а од друга страна стопанството се урнисува, економијата доживува крах, стандардот паѓа, а граѓаните осиромашуваат”, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, на јавноста ѝ е потполно јасно дека овој криминален картел на власт предводен од Заев е само камен околу вратот на Македонија. Нивното корумпирано и криминогено работење нема никаква врска со европските вредности, за кои постојано зборува. Овој криминален картел на власт не може да донесе никаква иднина за државата, а уште помалку европска иднина.
,,Бизнис-логиката на Заев ја виде и ја слушна целата јавност. Ако не може да им додели тендер или дозвола на сопствените и партиските фирми, тогаш се испраќа по едно евро во менувачницата на Вицето. Така се богатат на сметка на целиот народ. Така беше во Струмица, но, за жал, сега таа пракса се пренесе и во цела Македонија. Граѓаните денес видоа дека додека растот на економијата бележи нула, Заев си кажува вицеви. Здравството е во катастрофална состојба, а не помалку лошо е и во образованието, земјоделството и сите други области. Македонија може да напредува само доколку Заев и екипата тендераши околу него не биде на власт. Колку побрзо тоа се случи, толку подобро за народот и за државата”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Георгиевски: Во Илинден ќе се отвори полициска станица за безбедна и мирна животна средина за сите граѓани

Александар Георгиевски, кандидат за градоначалник за општина „Илинден“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дел од реализираните проекти во општина Илинден.
„Ја подобривме инфраструктурата, изградивме фекални канализации и ја модернизиравме водоводната мрежа. Јавните комунални претпријатија добија современа механизација и зголемен возен парк, за полесно да ги извршуваат своите обврски кон граѓаните на Илинден, бидејќи нашите граѓани заслужуваат современи услови за живеење. Илинден, е финансиски стабилна општина без долгови“, рече Георгиевски.
Георгиевски истакна дел од проектите на изборната програма.
„Ќе изградиме и реконструираме над 15км главни и локални улици и патишта низ сите локални места, ќе изградиме и реконструираме најмалку 5 локални моста, ќе продолжиме со изградба на пешачки и велосипедски патеки, како и со проектот светла општина Илинден каде што предвидуваме поставување на нови линии на улично осветлување, во делот на образованието, ќе продолжиме со инвестиции во инфраструктурата на нашите училишта, во рамки на основното училиште „Гоце Делчев“ ќе изградиме нова училишна зграда која ќе обезбеди современи и безбедни услови за учење, исто така, ќе изградиме и нова спортска сала во основното училиште „Браќа Миладиновци“ која ќе обезбеди современ простор за физичко образование, спортски активности и рекреација, во овој дел, важно е да се спомене и финансиската поддршка за секое ново прваче која за прв пат ќе ја доделиме со почеток од новата учебна година, на новиот мандат, ќе изградиме нова градинка“, истакна Георгиевски.
Го истакна еден од најзначајните проекти и тоа отворањето на полициска станица, која ќе обезбеди безбедна и мирна животна средина за сите граѓани.
„Како дел од нашите напори за зајакнување на јавниот ред и мир, ќе отвориме полициска станица, оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, конечно оваа година со промена на законските регулативи овозможи отворање на полициска станица од општа надлежност во Илинден. Оваа полициска станица ќе овозможи побрза и поефикасна реакција на полицијата, како и поголема присутност во заедницата, што ќе создаде безбедна и мирна животна средина за сите граѓани“, рече Георгиевски.
Ги повика граѓаните да изберат чесност и посветена работа и да го заокружат бројот 9.
Соопштенија
Ковачки: Илинден е пример за брз раст и развој, заслужува да се гради

Илинден заслужува да се гради, Илинден е пример за брз раст и развој, рече членот на Извршниот комитет Драган Ковачки пред присутните на митингот во општина Илинден.
Ковачки порача дека во Илинден локалната власт е со населението, и тоа насекаде во маалата, во селата, во училиштата.
„За големи работи потребно е партнерство, визија, лидерство и токму такво лидерство има Илинден во актуелниот и идниот градоначалник Александар Георгиевски. Илинден се менува под негово водство, општината покрај тековни работи кои се изведуваат ќе добие и полициска станица од општа надлежност и тоа на инсистирање на граѓаните“, кажа Ковачки.
Ковачки укажа дека Илинден е модерен дом за сите и додаде дека тоа е така бидејќи зад него се граѓаните од една страна, а од друга страна Владата.
„Александар ве има вас, а тој ја има поддршката од Владата и премиерот Христијан Мицкоски. Ова е Влада што верува во вистински развој и Влада што знае дека вистинскиот развој почнува од локалната самоуправа. До пред нешто повеќе од година дена имаше влада која кочеше, која стопираше, а денес е сосема поинаку ова е Влада која е партнер на граѓаните, на локалната самоуправа“, посочи Ковачки.
На крајот од своето обраќање Ковачки апелираше за масовна излезност на 19 октомври и гласање за број 9.
Соопштенија
Филипче: Со Лазар Петров, Демир Капија станува модерен винско-туристички центар во југоисточна Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Демир Капија, истакна дека со работа, визија и чесно управување, локалната власт предводена од градоначалникот Лазар Петров ја трансформира општината на подобро, во која секоја инвестиција е одговор на реална потреба на граѓаните.
„Два мандати со Лазар Петров и дела што се гледаат. Сработеното зборува за трудот, посветеноста и љубовта што се вложени во Демир Капија и секое село во општината. Кога ќе ги видите обновените улици, реконструираното училиште, детската градинка, новите паркови, канализационата мрежа и новата обиколница, јасно е дека тука не се ветувало, туку се работело”, истакна Филипче.
Тој нагласи дека на Демир Капија и е потребен континуитет на веќе започната работа и на над 58 реализирани проекти: подобрена и нова инфраструктура, локален развој, развој на туризмот и создавање услови за младите да останат и живеат во својот град.
„Демир Капија ќе ја градиме, ќе ја развиваме и модернизираме. Ќе ја градиме со луѓе што знаат, што имаат волја и што работат — за народот, а не за фотелјата.
Лазар е градоначалник кој го реализира она што е ваш приоритет, а не на поединци. И ве уверувам дека така ќе продолжи, транспарентно, квалитетно и домаќински”, потенцираше Филипче.
Нагласи дека разликата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е во чесноста, отчетноста и грижата за граѓаните, потенцирајќи дека кадрите на СДСМ работат чесно и до план, заедно со граѓаните и за граѓаните.
„Кога се работи чесно и транспарентно, кога се мисли на народот, има резултати. Демир Капија денес е општина со нов лик, со развиена инфраструктура и подобрени услови за живот. Од новите патишта, канализациите и резервоарите за вода, до уредените паркови и јавни површини – се гледа дека градоначалникот Лазар Петров знае како да се грижи за сите”, рече Филипче.
Како дел од новата програма на градоначалникот Петров претседателот на СДСМ, Филипче најави неколку капитални и урбани проекти кои ја поставуваат Демир Капија во центарот на еколошкиот, туристичкиот и инфраструктурниот напредок на регионот.
„Со изградбата на современа пречистителна станица за отпадни води, нова автобуска станица, off-road патека за велосипедисти и мотори, како и прогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено природно подрачје – поставуваме цврсти темели за зелена и одржлива иднината на општината,“ рече тој.
Дополнително, се најавуваат и проекти за уредување на крајбрежјето на реката Бошава во рекреативна зелена зона, отворање дневен центар за стари лица, адаптација на младинскиот креативен центар и програми за детска инклузија и поддршка на социјално ранливи семејства.
Филипче на граѓанската трибината порача дека Демир Капија мора да продолжи да се гради и развива како модерен винско-туристички центар на југоисточна Македонија и ги повика присутните на 19 октомври да го поддржат Лазар Петров и советничката листа на СДСМ.