Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги чита мислењата на Венециската комисија во согласност со своите теснопартиски интереси
СДСМ ги чита мислењата на Венециската комисија во согласност со своите теснопартиски интереси. Еден ден мислењата на Венециската комисија ги издигнува на пиедестал и ги смета за најзначајни во развојот на демократските процеси и владеењето на правото во Македонија за веќе наредниот ден, кога не му одговараат, да ги чита како мислења што се однесуваат само за државите што се предмет на анализа. Двојните стандарди и лицемерството на СДСМ кон почитувањето на европските стандарди се евидентни во секое нивно партиско соопштение и прес-конференција, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Снежана Калеска-Ванчева.
Според партијата, конфузни се констатациите дека мислењата на Венециската комисија се однесуваат само на конкретните држави и дека ВМРО-ДПМНЕ ги чита селективно и не ги става во корелација со националните правни акти.
„Во оваа пригода сакаме да ја информираме јавноста дека сите мислења на Венециската комисија се однесуваат на конкретни држави, на нивните уставни и законски решенија за одредени теми, но преку одделните мислења Комисијата создава европски стандарди, создава европска и демократска правна пракса што има вредност за сите држави. Оттука, лага е тврдењето на СДСМ дека позитивната оценка што Комисијата ја дала за одржување избори по 60 дена од престанокот на вонредната состојба се однесува само на Грузија затоа што тоа го има предвидено во нивниот Устав и дека тоа мислење не важи за другите земји.
Тоа е политичка манипулација и партиски спин што го навредува угледот на Комисијата, а членот на Македонија што ја претставува земјата во Венециската комисија тоа мора добро да го знае.
Венециската комисија преку анализата на уставните и законските решенија на државите создава правни стандарди познати како soft law, кои треба да се почитуваат од сите држави членки на Советот на Европа. Не случајно компилацијата на мислењата за вонредната состојба за сите органи на Советот на Европа е основата врз која се градат 12-те одредници за државите, важни правила како треба да се организира државата во услови на вонредна состојба. Еден од тие одредници се и изборите и вонредната состојба.
Од друга страна, деновиве и ОБСЕ излезе со официјален став дека избори во време на пандемија може да ги загрозат меѓународните стандарди. Сите релевантни меѓународни организации се мошне внимателни кога станува збор за одржување избори во пандемиски услови, само СДСМ сака да лови во матно, да ги занемари сите европски укажувања и да ја турка државата во уште поголема неизвесност и штетни последици врз здравјето на луѓето.
Кога сме кај националните изборни правила, го прашуваме СДСМ дали со уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес спротивно на сите европски стандарди одлучи арбитрарно да создаде нови изборни правила што не се предвидени во Изборниот законик?
Дали со таквото арбитрарно однесување не ги повреди ставовите на Венециската комисија, кои се на линија дека со уредбите донесени во вонредна состојба не смеат да се создаваат нови правила, кои пред состојбата не биле предвидени во Уставот и во законите на државата?
СДСМ мора да ѝ одговори на јавноста зошто одлучи да го прекрши Изборниот законик и неовластено да се впушти во уредување изборни правила што воопшто не постојат во Изборниот законик? Зошто СДСМ не ги почитува Уставот и Изборниот законик и зошто свесно ја втурна Владата да уредува прашања што не се во нејзина надлежност? Владата нема право со уредба со законска сила да запира, ниту да продолжува веќе почнати изборни дејства затоа што такви категории не се уредени во Изборниот законик, ниту во Уставот. СДСМ арбитрарно се наметна како главен фактор во создавање изборни правила што воопшто не постојат во нашето изборно законодавство. СДСМ уште еднаш ја злоупотреби Владата за партиски и криминални цели“, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Таткото троши – ќерката плаќа: смена на улогите во новата реклама за картичката за деца на Халкбанк
Замислете кога во одреден момент со парите би управувале децата. Тие да можат да одлучат што да се купи, а што не или колку може да се потроши за чоколади и за слатки. Тие да кажат дали овој месец ќе заштедат или ќе го потрошат целиот буџет.

Во ваква улога се најдоа познатиот македонски актер Сашко Коцев и неговата 9-годишна ќерка Јоана, на снимањето на рекламата за првата платежна картичка за деца на Халкбанк. Станува збор за иновативен производ, наменет за деца од 9 до 15 години, кој ним им овозможува да стекнат финансиски навики, додека родителите имаат целосна контрола на тоа каде и колку трошат нивните деца.
Рекламата за картичката Халки се случува во слаткарница. Таткото е возбуден и сака да нарача сè од менито, но за тоа мора да побара дозвола од ќерката. Таа, од друга страна, е смирена и рационална и не дозволува да се претера со нарачките, но и конзумирање на слатко. На крајот, ќерката ја плаќа сметката со својата Халки картичка.
„Целта на кампањата е на забавен начин, со доза хумор, да покажеме дека децата знаат да се однесуваат одговорно кон финансиите доколку им се дозволи и им се покаже како да го прават тоа. Практично, идејата за креирање на првата картичка за деца и тинејџери до 15 години во Македонија е токму тоа – да им помогне да научат како да располагаат со одредена сума пари, да го планираат неделниот или месечниот џепарлак и да стекнат навики за штедење. Секако, со помош и со контрола на родителите“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.
Mastercard Junior дебитната картичка овозможува низа поволности како повлекување готовина без надоместок од сите банкомати во Македонија и во странство, бесплатен трансфер на средства од сметката на родителот или старателот на сметката на детето. Исто така, родителот има можност за поставување лимити на платежната сметка на детето, блокирање на картичката преку електронско банкарство во случај на губење, СМС инфо без надоместок на мобилниот број на законскиот застапник/старател и можност за дигитализирање на картичката на Google Pay или Apple Pay.
Процедурата за аплицирање за картичката за деца е едноставна и може да се направи во сите филијали на Халкбанк, а сите апликации до крајот на март годинава се ослободени од трошоци за издавање на картичката.
(ПР)
Соопштенија
ЕДС официјален поддржувач на Олимпискиот комитет за спортскиот циклус 2026
Со потпишувањето на спонзорски договор со Олимписки комитет на Северна Македонија, ЕДС официјално станува дел од Олимпиското семејство како Официјален поддржувач за време на клучниот спортски циклус во 2026 година.
ЕДС ќе даде поддршка на Олимпискиот комитет во период што опфаќа неколку од најзначајните меѓународни спортски настани, меѓу кои Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026 и Медитеранските игри во Таранто.
Со оваа соработка, ЕДС ја потврдува својата заложба за поддршка на спортот, младите и вредностите што ги промовира олимпиското движење – фер-плеј, извонредност, посветеност и заедништво.
„Ова партнерство за нас претставува многу повеќе од спонзорство. Тоа е јасна поддршка на вредностите што ги делиме со олимпиското движење – дисциплина, истрајност и стремеж кон извонредност. Горди сме што, преку соработката со Олимпискиот комитет на Северна Македонија, ќе бидеме дел од еден значаен спортски циклус и ќе придонесеме кон промоција на домашниот спорт на меѓународната сцена,“ изјави главниот извршен директор на ЕДС, Александар Сарџовски.
Спонзорството ја зацврстува позицијата на ЕДС како општествено одговорна компанија, која континуирано инвестира во иницијативи со долгорочна вредност за заедницата и придонесува кон позитивен општествен развој.
ПР
Соопштенија
Лото и Џокер на само еден клик од тебе – играј онлајн и пробај ја среќата во зимските денови
Во зимските денови, кога се поминува повеќе време дома, Државна лотарија им овозможува на граѓаните практична можност за забава и добивки. Сите љубители на игрите на среќа може да ја испробаат својата среќа преку едноставната и сигурна платформа за играње лото и џокер онлајн на официјалната веб-страница loto.mk.
Со само еден клик, секој може да го уплати своето лото-ливче брзо и сигурно, без потреба од чекање во редици. Резултатите се проверуваат на едноставен начин, а платформата е достапна секогаш и секаде, овозможувајќи им на корисниците да играат кога сакаат и каде сакаат.
Започнувањето на годината со можност за големи добивки претставува дополнителен поттик граѓаните да си ја испробаат среќата. Играњето лото онлајн не е новитет, туку веќе докажана и практична алатка што им овозможува на играчите лесно и сигурно да бидат дел од возбудата на најпознатата игра на среќа во земјата.
Државна лотарија со оваа дигитална алатка ја потврдува својата посветеност кон создавање едноставни и достапни решенија што ја збогатуваат секојдневната забава на граѓаните. Онлајн уплатата претставува уште еден начин компанијата да биде поблиску до своите играчи, овозможувајќи им удобност, сигурност и можност за големи добивки – токму во моментите кога сакаат да се забавуваат.
Игрите на среќа се наменети само за лица над 18-годишна возраст. Државна лотарија постојано потсетува дека играњето треба да биде одговорно и умерено, со јасна порака дека тие се пред сè форма на забава што може да донесе возбудливи добивки.
Државна лотарија, како општествено одговорна компанија, ја афирмира својата посветеност кон одговорното играње, обезбедувајќи средина што е сигурна и контролирана. Со тоа се гарантира дека игрите на среќа остануваат во рамките на целта за која се создадени – предизвик, забава и возбуда.
ПР

