Соопштенија
Генералниот директор на „Алкалоид“ панелист на „Трансформација 28“ во организација на „Црвен крст“
Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, беше говорник на панел-дискусијата насловена „Градење на здраво и безбедно општество и потребата од ефикасно мобилизирање на ресурси за одговор на современите хуманитарни предизвици“, во рамките на настанот насловен „Трансформација 28“, во организација на „Црвен крст на РСМ“. На темата за досегашната соработка и за корпоративните модели за општествена одговорност кои би биле делотворни во рамките на процесот „Трансформација 28“, Мукаетов ги истакна реализираните активности на компанијата во соработка со „Црвен крст“, потенцирајќи го виталното значење на оваа организација, особено во делот на брз хуманитарен одговор во општеството.
„За нас како компанија и за мене како поединец ‘Црвениот крст’ е синоним за хуманост, солидарност, човечност и поддршка. Место од каде се подава рака на секого кому му е потребна помош, отворена врата за најранливите општествени слоеви и стартна позиција на секој поединец или компанија кои сакаат да бидат општествено одговорни“, истакна Мукаетов.
Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со „Црвен крст на РСМ“ и со „Црвен крст на Град Скопје“, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно фунционира Друштвото на крводарители, а само во последните 15 месеци „Алкалоид“ организираше три крводарителски акции, во чии рамки беа собрани повеќе од 400 единици крв. Покрај тоа, во 2013 година „Алкалоид“ го помогна реновирањето и ребрендирањето на Дневниот центар за дарување крв и континуирано дава придонес во неговото тековно функционирање. Во компанијата изминатиот период беа спроведени и две масовни акции за донирање облека на неколку собирни пунктови на трите локалитети на „Алкалоид“, кои резултираа со собрани повеќе од 3000 килограми облека со добра употребна вредност.
Проектот „Водич во болница“ е, исто така, еден од општествено корисните проекти спроведени во соработка со „Црвен крст“, инициран во 2019 година, а кога станува збор за елементарните непогоди во земјава и во регионот, по апел на „Црвен крст“, „Алкалоид“ сесрдно дава своја поддршка и придонес. Бездомниците, бегалците и мигрантите се, исто така, многу горливи категории, при што компанијата помага во смисла на одржување и на задржување на интегритетот на луѓето кои против своја волја биле принудени да живеат поинаку. Една таква поголема акција наменета за овие ранливи категории, во рамките на „Алкалоид“, беше спроведена во 2015 година, кога на организираниот хуманитарен пикник, отворен за сите вработени во компанијата, беа собрани повеќе од 750.000 денари, кои му се донираа на „Црвен крст“. Проект кој компанијата ќе го започне периодов е партнерството со организацијата во новиот сервис „Црвен крст – санитетски транспорт за лицата во трето доба“.
Општествената одговорност е нераскинлив дел од деветдецениската историја и традиција на „Алкалоид“. Компанијата и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ на разни начини помагаат во развојот на македонското здравство и фармација, културатa, на спортот, образованието и на другите сфери од поширокото опшествено опкружување.
„Помагањето на луѓето на кои им е потребна помош ќе нè направи побогати за едно убаво искуство, а тоа е сознанието дека сме направиле добро дело. Хуманоста, човековата солидарност, емпатијата, меѓусебното разбирање, а во исто време и почитувањето на различностите кај луѓето
се вредности во кои јас сум бил воспитуван и кои ги пренесувам на моите деца“, истакна Мукаетов на крајот на своето обраќање.
На панел-дискусијата учествуваа и министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити; министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска; претседателот на „Црвен крст на Република Србија“, д-р Драган Радовановиќ, и Армен Грегоријан, постојан претставник на УНДП во земјава. Развојната рамка на „Црвен крст на РСМ“ „Трансформација 28“ најави реформи и реорганизација на националното друштво, таргетирајќи четири области: реорганизација на инфраструктурата, односно на организациската поставеност на „Црвен крст“, културолошка трансформација, дигитализација, како и реорганизација на програмите на „Црвен крст“.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
„Sport Life“ ги израдува со новогодишни пакетчиња децата од ранливите категории и лицата со посебни потреби
Радост и празнично расположение кај децата од ранливите категории и лицата со посебни потреби, при посетата на претставниците на „Sport Life“ обложувалници.

Тие им подарија новогодишни пакетчиња на 70 деца во групните домови за деца без родители од ЈУ Детски дом „11 Октомври“ – Скопје, исто така и на верните пријатели од Здружението регионален центар за лица со интелектуална попреченост – „ПОРАКА НАША“ Куманово, а оваа година 32 пакетчиња беа доделени и на Здружението за рехабилитација и инклузија на лицата со даунов синдром – Дневен центар „ДОЗА СРЕЌА“ во Скопје.
„Ова е петта година по ред, во која во пресрет на Новогодишните празници, сакаме да ја подигнеме свесноста за децата од ранливите категории и лицата со посебни потребни, т.е. оние кои секојпат треба да бидат во нашите мисли и дел од општествената одговорност на компаниите.

Се надеваме дека оваа наша посета и донација, ќе им донесе многу насмевки и среќа и ќе им ги разубави Новогодишните празници. Оваа благородна традиција е дел од нашата визија за похумано и инклузивно општество и истата ќе продолжи и во иднина“ – изјави Петар Поцков, маркетинг директор на „Sport Life“.
Воедно, „Sport Life“ обложувалниците им посакуваат среќни Новогодишни и Божикни празници, на сите граѓани, со желби за здравје, мир и благосостојба.
(ПР)
Соопштенија
(Видео) Мукаетов: „Алкалоид“ го продолжи трендот на континуиран годишен раст и реализираше значаен дел од својата ESG-стратегија
Во „Алкалоид“ посветеноста, економичноста и ефикасноста ги кренавме на највисоко можно ниво, настојувајќи максимално да ги оптимизираме процесите во компанијата потпирајќи се на нашиот највреден ресурс – луѓето, вели Живко Мукаетов, Генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје.
Тој вели дека компанијата и оваа година го продолжи трендот на континуиран годишен раст и реализираше значаен дел од својата ESG-стратегија.
„Го добивме бронзениот медал од EcoVadis (глобално призната платформа за оцена на одржливоста), со што се позициониравме меѓу водечките субјекти во регионот во поглед на транспарентноста и примената на одржливи практики“, вели меѓу другото Мукаетов.
Целото обраќање е објавено во видеото:
(ПР)
Соопштенија
Фотоволтаични централи и за четири куќи од СОС Детско село – до 2027 година ОКТА ќе обезбеди производство и складирање на енергија од обновливи извори за целиот комплекс
Четири куќи во СОС Детско село во Скопје отсега ќе користат соларна енергија. Компанијата ОКТА донираше соларни панели за оваа организација со вкупна инсталирана моќност од 24 KWp, со годишно производство од 32,4 MWh. Покрај соларните панели, дополнително се инсталирани и четири батериски системи за складирање на енергија со капацитет од 20 KWh.
Ова е само прва фаза од проектот кој што компанијата ќе го реализира во следните 3 години. Согласно планот, до 2027 година сите куќи во кои живеат згрижувачките семејства ќе имаат инсталирано соларни централи и батериски системи за складирање на енергија. Со реализацијата на овој проект, СОС Детско село значително ќе ги намали трошоците за електрична енергија, а истовремено ќе ја зајакне својата одржливост и дополнително ќе го унапреди квалитетот во домувањето.

„Одржливоста е заедничка обврска на сите нас. Во нашата деловна култура основа на делување и реализација на сите активности е поттикнување на одржливост и поддршка за сите чинители во заедницата. Реализацијата на овој проект за нас е вистинска чест, бидејќи со овие активности ќе дадеме конкретен придонес во унапредувањето на квалитетот на живот на децата поддржани од СОС Детско село. Тоа за нас е вистинска мотивација и во иднина да ја продолжиме соработката со оваа организација која е од големо значење за заедницата“, изјави Димитриос Пасхос, извршен директор на ОКТА.
Реализираната донација на соларни панели за четири куќи во СОС Детско село, ќе придонесе за намалување на јагленородниот отпечаток за 26 тони на годишно ниво. ОКТА и досега ја поддржуваше работата на СОС Детско село со различен тип на донации.

„Во сржта на нашата работа е детето и обезбедувањето стабилна, сигурна и грижлива семејна средина. За остварување на оваа мисија, поддршката од приватниот сектор е од исклучително значење. Ваквите проекти имаат конкретен и долгорочен ефект – ја зголемуваат нашата енергетска ефикасност и ни овозможуваат дел од средствата да ги пренасочиме кон директна поддршка на децата и згрижувачките семејства. Дополнително, еколошкиот аспект е особено важен, бидејќи со користење обновливи извори на енергија создаваме поздрава и поодржлива средина за раст и развој на децата“, истакна Јулијана Накова Гапо, национална директорка на СОС Детско село.
ОКТА ќе ја заокружи 2025 година со успешно реализирани вкупно шест донации на фотоволтаични централи наменети за едукативни и образовни институции. Овие значајни иницијативи за општеството но и за компанијата која што уште еднаш ја потврди својата цврста решителност и општествено одговорна мисија, се доказ дека одговорно домување, работа и живеење, треба да бидат врвен приоритет на сите општествени чинители. И следната година, компанијата планира продолжување и проширување на активностите на овој план со вклучување на значајни институции на локално и национално ниво.
(ПР)

