Соопштенија
Единствена Македонија ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да се обединат за бојкот на референдумот

Единствена Македонија ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да донесе одлука за бојкот на референдумот кој денеска ќе го распише Собранието за 30 септември годинава.
„Во овие тешки моменти за татковината кога пучистичката власт е во очајнички обид да сруши сè што е македонско, го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да биде на страната на патриотските политички сили во Македонија, македонскиот народ, поголем дел од граѓаните, Македонците во странство, кои нема да излезат на претстојниот референдум оти не сакаат промена на вековното македонско име.
Единствена Македонија верува дека и ВМРО-ДПМНЕ ја дели нашата спремност да останеме свои на своето, да се оди до крај во одбрана на Македонија и Македонците од јасно изразената намера на пучистичката власт во Скопје да го промени името.
Во овој момент мора да се тргнат настрана тесно-партиските интереси и сите национални и патриотски сили правилно да ги распоредат интересите што подразбира, на прво место националниот и државниот интерес, на второ место партискиот интерес, а дури некаде на трето место личниот интерес.
Ова зло што ѝ се случува на Република Македонија е познато. Се вика пучистичка власт во Скопје која сака да сруши сè што е македонско. Националните и патриотските сили имаат обврска тоа да не му го дозволат. Да се обединиме против референдумот, а потоа на избори секој нека оди со своите определби оти простата вистина вели дека доколку се сруши државата сите ќе нè затрупа во неа!“ се наведува во соопштението на Единствена Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Трајановски од „Искуство за успех“: На местото на старата касарна во Бардовци ќе се изгради нов скопски експо центар

Кандидатот за градоначалник на Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, денеска го претстави новиот проект од својата програма, изградба на современ Скопски Експо-Центар на местото на поранешната касарна во Бардовци, во општина Карпош.
„Денеска сме овде, на периферијата на Карпош и Бардовци, пред локацијата на старата касарна, простор кој е запуштен и затворен повеќе од една деценија,“ изјави Трајановски. „Во минатото, овој простор беше предлаган за сместување на бегалци и мигранти, што со право предизвика револт и протести кај граѓаните. Наместо да остане симбол на отпор, ова место треба да стане симбол на развој“, рече тој.
Според проектот, новиот Скопски Експо-Центар ќе се изгради на површина од 86.000 квадратни метри и ќе претставува ново сајмиште на главниот град, простор каде што ќе се одржуваат саеми, изложби, конференции и бизнис-настани на регионално и европско ниво.
„Локацијата е стратешки идеална, во непосредна близина на скопската обиколница, со лесен пристап од сите правци и блиску до индустриската зона Визбегово. Со тоа, Скопје добива логична и функционална целина: спој на индустриски и комерцијален центар со јасна економска визија,“ истакна Трајановски.
Додаде дека проектот предвидува во рамките на експо-комплексот да се изградат и хотелски капацитети, угостителски и забавни содржини, зелени површини и јавни простори.
„Со ваков центар, Скопје ќе стане дел од европската бизнис мапа. Ќе можеме да ги промовираме нашите производи и да привлечеме компании од регионот и од светот. Наместо запуштен простор, ќе добиеме нова економска и урбана точка што ќе му даде нов живот на градот,“ изјави Трајановски.
Соопштенија
Шабан Салиу: Шуто Оризари повеќе нема да биде нечија приватна сцена

Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари од редовите на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, во видео порака до граѓаните повика на промена на политиката во оваа скопска општина и на избор на патека што носи конкретни резултати за граѓаните.
„Верувам дека нашите деца во Шуто Оризари заслужуваат повеќе. Токму затоа треба да ја направиме промената,“ порачува Салиу во видеото, нагласувајќи дека крајно време е да се напушти логиката „партија за функција“ и да се избере „патеката која води до конкретни дела“.
Во видео-обраќањето, Салиу нагласува дека довербата на граѓаните ќе ја враќа со мерливи резултати и отчетност во секој чекор.
„Не ветувам чуда, ветувам работа што се гледа и одговорност што се чувствува. По 19-ти октомври ќе зборуваат делата“, порачува Салиу.
Тој порача и дека општината мора да се врати кај граѓаните.
„Шуто Оризари повеќе нема да биде нечија приватна сцена, ќе биде ваша општина,“ упатува порака до жителите на Шуто Оризари, претседателот на ДСР и кандидат за градоначалник, д-р Шабан Салиу.
Соопштенија
ЗНАМ: Најголемата депонија во Центар е неспособната локална власт на СДСМ

Најголемата депонија во Центар е неспособната локална власт на СДСМ, обвинија од Движењето ЗНАМ.
„СДСМ, како цела држава, така и во Центар е во тотален распад на идеи, резултати, но очигледно и на нерви. Наместо да одговорат зошто четири години ништо не сработија, зошто премолчуваат на дивоградби кои никнуваат пред нивните очи, тие повторно се вплеткуваат во лаги, спинови и соопштенија напишани во нивните мувлосани партиски канцеларии, далеку од реалноста“, велат од ЗНАМ.
Од таму велат дека тие не се против чистење – туку против незаконски акции, злоупотреби и предизборен маркетинг на сметка на граѓаните.
„СДСМ тврди дека проектот во Крњево се спроведува според „важечки ДУП“. Ајде да бидеме сериозни. Ако деталниот урбанистички план (ДУП) не е усогласен со актуелниот Генерален урбанистички план (ГУП), тој не може да се применува. Тоа јасно стои во член 35, став 5 од Законот за урбанистичко планирање. Во членот 2 стои дека градежно земјиште на кое не се формирани градежни парцели, што е ограничено со регулациони линии служи за општа употреба односно за изградба на јавните простори: улици, плоштади, инфраструктури, урбано зеленило и друго. Ако овој простор според оваа одредба во Законот, е предвиден за сообраќајница според ГУП-от, а не за урбано зеленило (уште помалку и со ДУП-от), како тоа Општина Центар реализира проект според важечки ДУП кој не е усогласен со ГУП на Градот Скопје? На тие што не им е јасно во членот 11 став 3 од Законот за урбанистичко планирање прецизно е наведено што содржи Генералниот урбанистички план, додека описот на Деталниот урбанистички план е даден во член 13 став 3 и 4 од истиот Закон“, велат од ЗНАМ.
Тие прашуваат како може општина Центар предводена од СДСМ да не ги почитува овие одредби од законот и на простор кој според ДУП и ГУП е предвиден за примарна сообраќајница булевар Крушевска република, да тврди дека има проект кој е предвиден според важечки ДУП за уредување на просторот со зеленило, урбана опрема и игралиште?
„Очигледно оние што со години го кршат законот, а денес се обидуваат да се претстават како реформатори. Нема јавна расправа, нема усогласеност со ГУП, нема транспарентност – има само лаги, паника пред избори и фото-акции за спас на рејтингот. Главна особина на владеењето на СДСМ е нивната неспособност. Господа од СДСМ, и сами да се тркате, ќе завршите на второ место. Ете, до толку сте неспособни. И наместо да чистат депонии на пет дена пред избори, ги облекоа работниците во нови униформи, СДСМ треба да се исчисти сам од лагите, манипулациите и неуспесите што четири години ги затрупуваат граѓаните на Центар. На 19 октомври, граѓаните ќе направат вистинско чистење – ќе го исчистат Центар од неспособноста на градоначалникот и локалната власт што мисли дека законот е нивна сопственост. На 19-ти октомври Центар ќе избере Градоначалник кој ќе работи од првиот до последен ден на мандатот, почитувајќи ги законите и јавниот интерес“, велат од ЗНАМ.