Соопштенија
Министерство за одбрана: ВМРО-ДПМНЕ се потсмева за состојбите во армијата, а имаше 10 години да ја опреми

ВМРО-ДПМНЕ нека не се грижи за АРМ, за која ако толку им беше грижа, имаа време од десет години да ја опремат, осовременат и да ја модернизираат, се наведува во соопштение на ресорното министерство као реакција на обвинувањата од опозициската партија дека откако Шекеринска станала министерка, македонската армија служи за потсмев.
Од министерството за одбрана велат дека поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ водела сметка само како да ја засили полицијата за да може, како што стои во соопштението, да изгради бедем околу својата криминална власт, односно незаконски да прислушува, да следи и да заплашува.
„Ние објавуваме за набавки на гуми за армиските возила и за обувки за војниците токму затоа што во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ такви набавки не се ни вршеле. Таква состојба наследивме, оттаму и почнавме. Да ја потсетиме партијата ВМРО-ДПМНЕ чие довчерашно раководство половина е во притвор, а половина во бегство од правдата, дека ние го зголемивме и буџетот на одбраната за 15 проценти, ги зголемивме платите за 10 проценти, а идната година за уште 5 проценти, го вративме плаќањето на дежурствата, ја вративме јубилејната награда, во рекордно време изготвивме Стратешки одбранбен преглед. Од безнадежен случај, земјата за една година ја доведовме на прагот на НАТО“, се наведува во ракцијата на министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Новотни: Нема да има коридори за брза профитабилност во општина Центар

Носителот на листата за советници на Коалицијата за зелена иднина во Општина Центар, Антони Новотни, предупредува дека неконтролираната урбанизација го руши јавниот простор и квалитетот на живот, притоа најавувајќи долгорочен план за заштита на зелените површини и јавниот простор кој има историско значење.
„Урбаното дивеење ги уништува јавните простори и човечкиот квалитет на животот. Потребен е конкретен, долгорочен план: ревизија на урбанистичките планови и јасни критериуми што го штитат историското и зеленото наследство“, вели Новотни.
Тој нагласува дека приватниот интерес мора да се усогласи со јавниот во управувањето со општина Центар.
„Сопствениците и инвеститорите ќе бидат обврзани да придонесуваат за јавниот интерес, а дозволите ќе се даваат само по транспарентни јавни расправи,“ порачува Новотни, притоа додавајќи дека нема да има веќе коридори за брза профитабилност.
„Само плански, со одржлив развој, нашиот Центар ќе биде убаво место за живеење. Заокружи 8. Коалиција за зелена иднина“, порачува Новотни.
Соопштенија
Ливриниќ: Вистинска грижа за бутелчани или прекршување на Изборниот законик на последниот ден на кампањата

Во мојата програма јасно најавив мерка за ослободување од надоместок за плаќање на оброк и ужина за сите деца на сите наши сограѓани во Општина Бутел – без исклучок и без поделби. Денеска, Советот на Општина Бутел усвои две мерки со слична содржина. Тоа не го сметам за проблем, напротив – го поздравувам и поддржувам секој чекор кој е во интерес на граѓаните, вели кандидатката за градоначалничка на Општина Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ.
Но, како што вели, проблемот е начинот и времето на донесување на овие одлуки.
„Претседателот на Советот и градоначалникот Костовски добро знаат дека се наоѓаме во предизборна кампања, и тоа во последниот ден од истата, кога согласно закон е строго забрането донесување одлуки кои имаат финансиски импликации врз општинскиот буџет. Морале и можеле оваа мерка да ја донесат на законски начин на почеток на училишната година и пред изборната кампања“, вели Ливриниќ.
За жал, додава таа, со ваквите потези, мерките што се носат денес нема да имаат реален ефект врз граѓаните, бидејќи постои сериозна можност да бидат оспорени од Државната изборна комисија (ДИК) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Соопштенија
Насевска: Ќе ја реконструираме киносалата во Злетово

Од песните и ората преку театарот, ликовниот израз, модерниот балет, уметничкото творештво е пулсот на македонското битие. Свесни сме дека без вложување во културата и негување на традицијата ќе го изгубиме она што не прави препознатливи како народ, вели Марија Насевска, кандидат за советник во Советот на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа во програмата на идниот градоначалник, Тони Тоневски и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, планираме инвестиции во нови простори за културни активности.
Реконструкција на кино салата во Злетово, кино на отворено, културни фестивали кои ќе промовираат локални уметнци.
Културата расте таму каде што се сее, а ние ја сееме со љубов и визија“.