Соопштенија
Националниот младински совет бара ревизија на повикот што го објави Агенцијата за млади и спорт

Националниот младински совет на Македонија изразува загриженост во однос на објавениот оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации, објавен на 1 ноември од страна на Агенцијата за млади и спорт.
Оттука сметаат дека објавениот повик не е доволно промовиран, а младинските организации не се информирани за можноста за финансиска поддршка.
„Дадениот рок од осум дена, од кои само пет се работни, е прекраток за организациите да може да се информираат за повикот и да ја подготват неопходната документација. Ваквата практика на Агенцијата за млади и спорт е загрижувачка и не остава простор за широко информирање на младинските организации и организациите за млади.
Го изразуваме и нашето длабоко разочарување поради неприфаќањето ниту една препорака дадена на консултативните средби во однос на конкретниот повик. Прашуваме зошто Агенцијата за млади и спорт прави консултативни средби со младински организации кога нивните препораки не ги зема предвид? Дали консултациите се само декларативно покажување отвореност и соработка или Агенцијата за млади и спорт навистина се стреми да работи со и во интерес на младите и младинските организации?
Поради ова, итно бараме да се направи ревизија на објавениот повик, така што ќе се земат предвид дадените препораки, објавениот повик ќе биде промовиран во јавноста и ќе се продолжи рокот за доставување апликации.
Покрај тоа, би сакале да дадеме препорака за идните повици Агенцијата за млади и спорт да има изработено временска рамка, односно календар кој предвремено би најавувал кога би имало отворени повици за грантирање младински организации со однапред утврден рок, со цел организациите да имаат доволно време за подготовка.
НМСМ се залага за отворено и достапно финансирање на младинските организации, пред сè, оперативни грантови за една или повеќе години.
На тој начин младинските организации ќе може поактивно да работат со младите и ќе мотивираат младинско учество преку целата година“, велат од Националниот младински совет преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
(Видео) Шабан Салиу: Ќе донесеме инвестиција за фабрика за отпад која произведува енергија!

Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, д-р Шабан Салиу, во видео обраќање упатува порака до жителите на оваа скопска општина дека ќе стави крај на понижувањето и по добивањето на довербата за градоначалник веднаш ќе започне со системска акција за чистење на отпадот.
„Секој здив во Шуто Оризари денес носи понижување. Миризбата од ѓубрето ни ја понижува секоја улица, ни ги гуши децата. Доста е“, истакнува Салиу.
Во пораката, Салиу најавува конкретни мерки уште од првиот ден на градоначалничкиот мандат.
„Првиот ден како градоначалник ќе донесам една јасна одлука: Шуто Оризари ќе дише чисто. Ќе започнеме со вонредна акција за чистење — без одложување и без изговори,“ порачува Салиу.
Тој додава дека приоритет ќе биде и долгорочно решение за отпадот.
„Ќе донесеме инвестиција за фабрика за отпад која произведува енергија. Ќе го рециклираме отпадот, а општината ќе биде енергетски одржлива. Ќе создадеме нови работни места за нашите луѓе во Шуто Оризари,“ вели претседателот на Демократските сили на Ромите(ДСР) и кандидат за градоначалник на Шуто Оризари, д-р Шабан Салиу.
Салиу ја нагласува и моралната обврска кон најмладите и повикува на граѓанска мобилизација и гласање за бројот 24.
„Ова е збор пред вас, пред народот: нашите деца заслужуваат воздух, не срам. Браќа и сестри Роми, ова е нашиот час за промени. Шуто Оризари ќе дише. И тоа ќе се види“, вели Салиу.
Соопштенија
„Ревизија на сите тендери во Аеродром“, најавуваат од партијата Левица

„750.000 евра ја чини општината плочникот позади „Капитол“, платен со унгарскиот кредит, за кој народот ќе плаќа плус и камати! Реалната вредност на проектот е најмалку три пати пониска!“, велат од Левица – Аеродром.
„Ова не е инвестиција. Ова е мачкање очи на жителите и перење пари пред избори!
Левица ќе стави крај на ваквите тендер шеми во Аеродром!
По преземање на општината: Ќе направиме ревизија на сите тендери. Ќе следат кривични пријави за секој надуен и криминален договор кој излегува од рамките на пазарната цена. Доста беше со шминкање на реалноста во Аеродром“, додаваат од Левица – Аеродром.
Соопштенија
Трајановски: Монтажни катни гаражи, уредени паркови и градинки со зголемен капацитет, се проектите за реален напредок на Чаир

Носителот на листата на советници за Советот на Општина Чаир, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Трајановски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека е потребна промена во општината, да се направи вистинскиот избор за чесност, стручност и посветеност, како и излегување од четири годишната состојба на стагнација и безидејност во општина Чаир.
„Нашата заложба е локалната самоуправа да стане синоним за одговорност, транспарентност, развој и просперитет, Главна водилка ќе ни биде креирање и реализација на силна, одговорна и развојна локална програма. Тоа го должиме на нашите сограѓани, на сите оние кои живеат тука, На сите оние кои што го сакаат Чаир, го сакаат Скопје и ја сакааат Македонија. Ви ветувам, дека ќе бидам вашиот пријател во Советот на Општина Чаир, секогаш достапен, отворен за соработка и гласот на секој оној кој ќе се обрати со предлог, иницијатива или потреба“, вели Трајановски.
Носителот на советничката листа за општина Чаир, ги наведе проектите кои ќе се реализираат и ќе донесат напредок и поквалитетен живот за сите жители на општината, како проширување на улици, монтажни гаражи и уредување на паркови за развој на Чаир.
„Ве повикувам да бидете сведоци на проекти кои ќе донесат реален напредок, нови можности, подобра инфраструктура и поквалитетен живот за сите. Проекти како проширување на улицата Цветан Димов. Поставување на монтажни катни гаражи. Зголемување на капацитетите на градинките Снежана и Фидани. Уредување на Паркот во Топанско и модернизација на централниот парк во Чаир на кој што во моментов се наоѓаме“, рече Трајановски.
Тој упати порака до сите граѓани без разлика на верска и национална припадност да го заокружат бројот 9 и да ги поддржат советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.