Соопштенија
Османи: Солидарноста е европска вредност која значи стабилност, сигурност и просперитет

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи заедно со постојаниот координатор на Обединетите Нации и претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон, остварија увид на новиот мост и браната во Свети Николе кои се реконструирани со финансиски средства од ЕУ преку програмата за намалување на штети од поплавите, во реализација на УНДП.
„Во периодот на непогодни климатски прилики во 2015 година, дури 44 од 80-те општини во Македонија беа погодени со поплава, што создаде потреба од средства за итна санација на штетите, но ја покажа и фрагилноста и неподготвеноста на државата да се справи со предизвиците и последиците од климатските промени “ – истакна Османи пред присутните претставници на медиумите. Тој посочи дека за оваа намена, изминативе три години, преку ИПА средствата на Европската Унија, реализирани од страна на канцеларијата на УНДП, успешно се имплементирани проекти во висина од 10 милиони евра со кои значително се подобрени состојбите, како во отстранување на последиците, така и во смисла на превенција од евентуални идни климатски непогди.
„Со почитуваната г-ѓа Луиза Винтон направиме обиколка на реконструираниот мост и браната во Свети Николе, кои беа целосно оштетени во поплавите од 2015 година, а подоцна санирани со оваа програма. Овие успешни проекти, иако можеби претставуваат мал дел од серијата проекти кои се реализирани за оваа намена, претставуваат многу важна придобивка за локалните жители кои живеат овде или кои гравитираат околу општина Свети Николе, како од аспект на санација на настанатата штета од поплавите, така и од аспект на превенција и сигурност за нивната средина во иднина”- истакна Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Прилепска Пиварница добитник на платинеста награда за извонредност во квалитет и безбедност на храна од PepsiCo за 2024 година

Со гордост објавуваме дека Прилепска Пиварница е добитник на највисокото признание од PepsiCo – BEVERAGES Caleb Bradham Quality & Food Safety Excellence Award for 2024, платинеста награда за извонредност во категоријата „Пијалаци“. Ова престижно признание ја потврдува нашата посветеност кон врвниот квалитет, безбедноста на храната и на пијалаците, како и постојаното подобрување на производствените процеси.
Прилепска Пиварница е едната од само две фабрики во Европа што ја добиваат платинестата награда, од вкупно 28 наградени производители на храна и пијалаци низ светот. Наградите се доделуваат во четири категории: платинеста, златна, сребрена и бронзена, и ги препознаваат најдобрите производствени капацитети на PepsiCo за извонредни резултати во областа на квалитетот и безбедноста.
Платинестата награда им се доделува на најдобрите од најдобрите, одбрани меѓу златните добитници според строги критериуми, какви што се: AIB International оцена над 925, перформанси на квалитетот и безбедноста на храната и на пијалаците над 98%, без повлекувања или поплаки од потрошувачи.
Дополнително, Прилепска Пиварница се истакна со континуирано подобрување на процесите, најдобри перформанси во контролата на параметрите од 3C (capability, control, consumer) платформата и перформансот според AIB, намалување дефекти поврзани со изгледот на пакувањата, како и со спроведување иницијативи за одржливост, заштита на животната средина и социјална одговорност.
„Оваа награда е уште една потврда за посветеноста и стручноста на нашиот тим. Горди сме што ја носиме платинестата награда во Македонија и ќе продолжиме да бидеме препознатлив пример за извонредност и на европско и на глобално ниво“ – изјави Панде Самарџиоска, заменик-генерален директор.
ПР
Соопштенија
Чуварите на мудроста третпат ќе ги отворат срцата и умовите пред младите

Некои од најуспешните и највлијателни луѓе и професионалци од Македонија ќе ги отворат срцата и умовите на третото издание на конференцијата „Чувари на мудроста“, организирана од Халкбанк, која ќе се одржи на 28 мај на Економскиот факултет во Скопје.
Оваа конференција прерасна во вистински мост помеѓу генерациите – таа нуди уникатна можност да се учи од мудроста на докажани бизнис лидери, уметници, професори, автори и визионери кои оставиле длабока трага со своето делување во земјата и светот.
На конференцијата говорниците ќе ги пренесат своите животни и професионални совети на младите, ќе зборуваат за почетоците, предизвиците и клучните моменти што ги обликувале како личности.
Дали постои рецепт за успех? Што ги мотивирало да не се откажат? Низ искрени и отворени разговори, „Чуварите на мудроста“ ќе ги споделат своите животни приказни, драгоцени искуства и искрени совети – не само со студентите, туку и со сите што сакаат да растат, учат и да се инспирираат.
Како и на претходните две изданија, конференцијата ќе биде во формат на форум што ги обединува сите кои веруваат во моќта на знаењето и животното искуство. Со отворени разговори, прашања и дискусии, сите присутни ќе можат да се вклучат и да споделат свое размислување или прашање.
Во текот на наредните неколку дена ќе бидат најавени говорниците на конференцијата, како и темите на панелите. Конференцијата „Чувари на мудроста“ е бесплатна и отворена за сите заинтересирани. Но, заради ограничениот капацитет, истите треба да го пријават своето присуство со пополнување онлајн формуларот за регистрација.
Дојдете и бидете дел од настанот којшто не само што инспирира, туку и обединува. Мудроста нема возраст – таа се создава и негува кога младоста и зрелоста ќе си подадат рака.
Соопштенија
Самит на Македонија 2025 – Просперитет, технологија, иновации

На 12-ти и 13-ти мај, во хотелот „Мериот“ во Скопје, ќе се одржи 14-то издание на Самитот на Македонија2025. На настанот се очекува да присуствуваат над 550 гости, домашни и меѓународни лидери, претставници на домашни компании и компании од регионот и дијаспората, претставници на академската заедница, невладини организации, како и млади лидери.
Официјалното отворање на Самитот е закажано за 12-ти мај со воведни обраќања на претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо и извршната директорка, проф. д-р Никица М. Блажевски.
Главните теми на Самитот ќе бидат обработени во 14 панел сесии на кои ќе учествуваат 36 врвни говорници од Македонија и светот. Фокусот ќе биде ставен на потребата од забрзан економски раст и моделите како тој да се оствари, како и на дигиталната трансформација, иновациите, привлекувањето странски инвестиции и борбата против корупцијата. На панелите и преку интервјуа со глобални и домашни лидери, ќе се дискутираат конкретни решенија и добри меѓународни практики за конкурентна, одржлива и поврзана Македонија.
Во рамки на Самитот, ќе се организираат и пет лидерски средби, два настани за вмрежување и осум засебни обуки и работилници за компании, млади таленти и владини институции. На овие настани ќе присуствуваат говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025. Активностите поврзани со Самитот ќе завршат на 15-ти мај.
Самитот на Македонија2025 е регионален настан со најдолга традиција чија цел е размена на искуства и нови трендови, вмрежување на компаниите од регионот и дијаспората, како и инспирирање на промени во Југоисточна Европа.
Повеќе информации за Самитот се достапни на веб-страница на Македонија2025: https://macedonia2025.com/summit-2025/.
ПР