Соопштенија
СДСМ: Почитувањето на мерките спречува ширење на коронавирусот, оние кои ги прекршуваат ќе бидат санкционирани
Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет, почитувањето на мерките спречува ширење на коронавирусот, оние кои ги прекршуваат протоколите ќе бидат санкционирани, велат од СДСМ.
„Високите бројки на новозаразени со коронавиусот како во државата, така и и во регионот и Европа покажуваат дека започна очекуваниот есенски бран, со којшто може да се справиме само со строго почитување на мерките. Најдобра и најефикасна заштита на личното и јавното здравје е носењето маска, одржување дистанца и редовна дезинфекција. Нема никаков простор за прекршување на мерките, ниту толеранција за тие кои свесно, преку погазување на протоколите и мерките, предизвикуваат ширење на коронавирусот“, пишува во соопштението.
Од партијата потсетуваат дека Владата, на барање на инспекцискиот совет, усвои измени на Законот за заштита на население од заразни болести со кои сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид-протоколите.
Со новите законски измени, велат од СДСМ, овластување за изрекување забрана за работа и прекршочен платен налог ќе добијат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво.
Доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти.
„Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет. Во овој период од исклучителна важност е почитувањето на сите здравствени ковид протоколи за да се заштити здравјето на секој граѓанин. Ниту здравствените работници, ниту другите надлежни служби, оваа битка не можат да ја извојуваат сами. Да се обединеме и да се поддржиме меѓусебно, битката против невидливиот непријател мораме да ја водиме сите заедно, без исклучок“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Митески: Паметен пристап до паркирањето, практично, економично и безбедно решение за Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром и кандидат за нов мандат, Дејан Митески, најави решение за еден од најчестите проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните – недостатокот на паркинг места и хаосот во сообраќајот.
„Наместо нереални ветувања за катни гаражи кои бараат години и милионски буџети, општината се насочува кон брзо и практично решение, воведување еднонасочни улици со обележани ленти за паркирање. Не можеме да изградиме катна гаража за шест месеци, но можеме за шест месеци да обезбедиме до 800 нови паркинг места“, истакна Митески, додавајќи дека ова решение се базира на користење на постојната инфраструктура, без дополнителни големи трошоци.
Тој кажа дека оваа стратегија носи три големи придобивки за жителите на Аеродром: прво, значително се зголемува бројот на достапни паркинг места во густо населените зони, со рационално искористување на секој метар улица, второ, создава можност за воведување велосипедски патеки на делови каде што ширината тоа го дозволува, поттикнувајќи здрави и еколошки навики и трето, самата организација на еднонасочните улици природно го намалува брзото движење на возилата, придонесувајќи кон побезбедно и покултурно сообраќајно однесување.
„Со новиот сообраќаен режим, улиците ќе станат поуредени, побезбедни и попрактични. Наместо да вложуваме време и средства во невозможни проекти, се фокусираме на решенија што граѓаните ќе ги почувствуваат веднаш“, рече Митески.
Соопштенија
Ристески: Комплетна реконструкција на улицата „Јане Сандански“, продолжуваат инфраструктурните проекти во Македонски Брод
Комплетна реконструкција на улицата „Јане Сандански“, продолжуваат инфраструктурните проекти во Македонски Брод, вети Жарко Ристески, кандидат за градоначалник на општина Македонски Брод од ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес, заедно со мојот тим извршив увид во градежните активности кои се одвиваат на крак од улица „Јане Сандански“. Вршиме целосна реконструкција на оваа улица, односно реконструкција на коловозната лента, пешачките патеки, подземните инсталации, а исто така ќе вградиме хоризонтална и вертикална патна сигнализација. Македонски Брод, во градското подрачје добива уште една безбедна улица“, рече тој.
Соопштенија
„Влен“: Гласот за НАИ е глас за Левицата
„Тежок политички скандал на овие избори се случува во Тетово. Фотографијата што кружи во медиумите, на која се гледа претставникот на НАИ во Тетово, Арди Исмаили, на средба со кандидатката на Левица, Катка Божиновска, е најјасен доказ дека оваа коалиција е подготвена да продаде каква било национална вредност само за да добие власт“, велат од „Влен“.
„Да не заборавиме која е Левица, партија која: јавно ги навреди Албанците, се изјасни против независно Косово, се спротивставува на членството во НАТО, побара затворање на џамиите и ограничување на правата на Албанците!
И денес, НАИ седи на маса со нив, за валкан изборен договор. Ова не е политика, ова е срамна зделка. Ова не е стратегија, ова е морален колапс.
Сега на секој граѓанин му е јасно: за да го задржат своето фотелја, тие се подготвени да се продадат на секоја сила што ги мрази Албанците.
Тетово, Дебар, Струга и секоја албанска општина треба да знаат, на 2 ноември, гласот за НАИ е глас за Левица, за антиалбанство и за политички срам. Додека ВЛЕН, со својот кандидат Билал Касами во Тетово, Фисник Мела во Дебар и целиот свој тим, претставува достоинство, развој и иднина.
Албанците не се пазарат со оние што ги навредиле. Албанците не се продаваат. Тие гласаат за промената што ВРЕДИ!“, се наведува во соопштението на „Влен“.

