Соопштенија
Тоневски: Во наредните 4 години ќе инвестираме во патната инфраструктура во Пробиштип

Патната инфраструктура е област во која никогаш нема крај, секогаш има потреба од изградба и реконструкција на уште една улица, секогаш има потреба од нови тротоари како на улицата „28 август“, „Партизанска“, на „Браќа Миладиновци“, на улицата „Кочо Рацин“ и на многу други локации, рече Тони Тоневски, кандидат за градоначалник на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но Пробиштип не е само градот, во наредните 4 години ќе инвестираме во секое населено место. Асфалтерките ќе стигнат до секоја населба и секое село. Ќе го изградиме патот до Јамиште, Шталковица, Пестришино, Близанци, Кундино, Костомар, Горни Стубол. Ќе го прошириме и реконструираме патот до Свети Николе, преку Неокази и Мечкуевци, за да добиеме вистински регионален пат каков што доликува на нашата општина. На сите жители ќе им овозможиме нормален и безбеден пристап до нивните домови и села. Заборавени места повеќе нема да има. Направете го вистинскиот избор, за тебе за твоето место, за твојата иднина“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Герасимовски: За првпат воспоставуваме „Крафт Стрит“ – улица на занаетчиите во Центар

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, денеска најави нов проект „Крафт Стрит – улица на занаетчиите“, кој има за цел да создаде нова урбана зона посветена на занаетчиството, уметноста и локалното производство.
„Во Центар за првпат воспоставуваме Крафт Стрит – улица на занаетчиите. Сите занаетчии, уметници и производители ќе добијат свој простор за развој и промоција на идеи и бизниси, а граѓаните ново катче со уникатни македонски производи. За Центар што го сакаме“, изјави Герасимовски.
Проектот, како што објасни, е дел од неговата визија за создавање покреативен, културно жив и економски одржлив Центар, каде што локалните уметници и занаетчии ќе имаат можност да го претстават својот труд и да остварат директен контакт со посетителите и купувачите.
„Ова е уште еден чекор во насока на создавање отворен, жив и културен Центар, општина во која граѓаните ќе имаат место за дружење, инспирација и гордост од сопствената традиција“, порача Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека „Крафт Стрит“ – улицата на занаетчиите се реализира во вториот мандат, по победата на локалните избори.
Соопштенија
Николоски: Најавувам голем инвестициски циклус, каде покрај средства од општините и Владата, обезбедени се и финансии од Светска банка

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски најави голем инвестициски циклус, каде, како што рече, покрај средства од општините и Владата, обезбедени се и финансии од Светска банка.
„Најавувам еден голем инвестициски циклус, којшто покрај средствата од општината и оние редовни средства коишто владата ги префрла, а до сега инвестираме некаде околу 500 милиони евра во сите општини заедно, ќе има и дополнителни средства коишто министерството за транспорт во соработка со Светска банка ги има обезбедено и ќе почнеме да ги реализираме во годините 2026, 2027, 2028 и 2029“, потенцираше Николоски.
Тој денеска беше на увид на градежни активности во Општина Гази Баба заедно со градоначалникот и кандидат за уште еден мандат, Бобан Стефковски.
Николоски посочи дека проектот за реконструкција на главната улица „Палмиро Тољати“, која е од поважните сообраќајници во општина Гази Баба, е начинот на кој целосно се решаваат проблемите во општините и во населбите.
Соопштенија
(Видео) Димитриев: Време е за промени – време е за нова ера во Аеродром

„Денес сите можеме да ја почувствуваме енергијата на промена“, изјави Марјан Димитриев, кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од Левица на средбата со граѓани на која присуствуваа и Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
„Луѓето се охрабрија и јасно кажуваат дека вака не може повеќе. Доста беше лаги, доста беше корупција, доста беше истите луѓе да се кријат зад празни ветувања и да мислат дека можат да не купат со лажни насмевки и чистење само пред избори“.
Димитриев во своето обраќање остро ја критикуваше состојбата во општината, нагласувајќи дека „Аеродром никогаш не била понечиста општина“. Според него, службите што треба да го одржуваат јавниот ред и хигиена не функционираат, а целиот систем се свел на „испумпување пари од буџетот на општината кон приватни фирми за чистење кои не се ни појавуваат на терен“.
„Во последниот мандат потрошени се над три милиони евра за чистење, а општината никогаш не била понечиста,“ истакна тој, најавувајќи целосна реорганизација на јавното комунално претпријатие. „Нема повеќе да има тендери за приватни фирми за чистење. Парите ќе се инвестираат таму каде што треба во нова механизација, повеќе вработени и силна општинска служба што ќе ја врши работата навремено и чесно“.
Како втор приоритет, Димитриев го посочи решавањето на загадувањето кое, како што рече, со години го гуши Аеродром. „За да го решиме овој проблем, најпрво мора да адресираме чија е одговорноста за оваа состојба денес“, потенцираше кандидатот. „Овде, пред сè, мислам на одговорни лица во Општината Гази Баба и Град Скопје за случајот со Вардариште, како и на одговорни лица за случајот со Усје. Ќе бидат покренати кривични постапки за овие лица за непостапување по службена должност“.
Во делот на капиталните проекти, Димитриев најави изградба на Аеродромска чаршија – место за занаетчии, мали бизниси, култура и дружење, изградба на Технолошки парк кој ќе биде двигател на иновациите и новите технологии и ќе отвори современи работни места за младите, како и изградба на Дом на културата во Аеродром, каде што граѓаните ќе можат да гледаат театарски претстави, концерти и изложби што ќе го збогатат културниот живот во општината.
На крајот од своето обраќање, Димитриев упати јасна порака до граѓаните: „Време е за промени! Аеродромци, доаѓа наше време – време за вистинска промена“.