Соопштенија
Хуманитарна акција на „Донирај компјутер“, „СОС Детско село“ и „Нептун Македонија“ – 109 компјутери за 109 деца без родителска грижа

Организацијата „Донирај Компјутер“ постои веќе седум години и до сега има донирано повеќе од 2600 компјутери на семејства кои не поседуваат ИТ уред. Организацијата работи на начин што ги поврзува големите компании и граѓани кои донираат компјутери а тие после репарација ги распределуваат таму каде што има потреба.
Истовремено организацијата соработува со Нептун Македонија со тоа што овозможува секоја продавница на Нептун во сите градови да преставува собирен пункт за донирање на ИТ опрема
„Со оглед на тоа дека компанијата е сериозен стратешки партнер на СОС Детско село увидовме исклучителна можност за спојување со нашиот друг партнер „Донирај Компјутер” сè со цел повторно да придонесеме во мисијата обезбедување можност за соодветно вклучување на сите деца и ранливата група на деца без родителска грижа во образовниот процес“, вели Александра Тасевска од Нептун.
Во рамките на СОС Детско село минатата година е отворен Центарот за поддршка на згрижувачки семејства каде во моментот се вклучени 73 згрижувачки семејства интегрирани во заедницата со 138 деца без родителска грижа.
„Покрај задачата за промоција на згрижувањето, центарот работи и во областа на континуирана помош и насочување на згрижувачките семејства да обезбедат грижа каква што му е потребна на детето сместено кај нив. Таква една акција беше и акцијата „Донирај компјутер” која обезбеди 109 компјутери за сите 73 згрижувачки семејства. Како и за другите деца, така и за децата кои се сместени во згрижувачки семејства централен дел од вештините коишто им се потребни за да бидат успешни во учењето, работата и животот се токму дигиталните вештини и поради тоа искажуваме голема благодарност до здружението Донирај компјутер. Навистина ги надмина нашите очекувања, особено заради тоа што денес со гордост можеме да кажеме дека заеднички обезбедивме компјутери за секое згрижувачко семејство“, вели Александра Ивановска од СОС Детско село.
„Донацијата беше договорена за „5 минути”. Може да се каже дека покрај тоа што ова беше огромна донација, успеавме да обезбедиме уреди за повеќе од 70 семејства за околу 1 месец. Тоа вклучува поправка, инсталација, пакување и испорака. Донацијата од 109 уреди го поткрена нивото на организираност и функционалност на едно повисоко ниво и претставува рекорд во испорачани уреди за многу краток временски период. За крај ќе упатам еден апел до сите компании, доколу имате компјутери кои не ви се потребни сега имате можност да ги донирате. Со самата ваша донација помагате на огромен број на семејства, деца, студенти, училишта. Или со мои зборови, менувате човечки судбини“, рече Борче Стаменов од „Донирај Компјутер“.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Трајановски: Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз

Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска пред Јавното сообраќајно претпријатие го претстави предлогот од својата програма за решавање на еден од најголемите и најболни проблеми на Скопје – јавниот транспорт.
„Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз. Во нашата програма предвидуваме комбиниран пристап и имплементација на два паралелни процеси – одблокирање на проектот за Bus Rapid Transit (БРТ) како и набавка на нови, еколошки автобуси,“ истакна Трајановски.
Тој потенцираше дека сегашната состојба во ЈСП е алармантна, бидејќи дури и во случај веднаш да се обезбедат 200 електрични автобуси, тие не би можеле да се пуштат во употреба. „Депоата не се подготвени, нема полначи со капацитет од најмалку 110 киловати, што е неопходно за нивно полнење. Затоа, на краток рок, најефикасно и најекономично решение се автобусите на метан, кои се докажано најеколошка и најисплатлива алтернатива,“ појасни тој.
Трајановски ја поздрави и најавата на Владата за набавка на нови автобуси, но нагласи дека ваквиот процес мора да биде континуиран, а не еднократен. „Ова е процес што требаше да се одвива постојано, но поради политички блокади и меѓупартиски калкулации, граѓаните беа оставени без пристоен јавен транспорт. Време е да се стави крај на тоа,“ рече тој.
Тој додаде дека Јавното сообраќајно претпријатие е од стратешко значење за државата и треба да има постојана поддршка од Владата, како што било и во минатото, кога редовно се доделувале субвенции во висина до 15 милиони евра годишно.
Во следната фаза, програмата на Трајановски предвидува и детализирање на јавниот превоз за специфични групи граѓани, меѓу кои и средношколците. „Планираме воведување на мрежа од мини-буси и комбиња кои ќе можат да оперираат низ тесните улички и урбани зони, за безбедно и директно превезување на учениците од нивните домови до училиштата. Она што го гледаме во европските градови може и мора да стане реалност и во Скопје,“ нагласи Трајановски.
„Јавниот транспорт не смее да биде хроничен проблем на Скопје. Тој мора да стане пример за организираност, економичност и грижа за граѓаните,“ заклучи Трајановски.
Соопштенија
Герасимовски: Исчистена депонијата под Кале, не дозволуваме центарци да се гушат во смет

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – ПОЦ и вредните хигиеничари денеска спроведоа акција за чистење на депонијата кај полигонот на Кале.
Во изјава за медиумите, Герасимовски потенцираше дека изминатите четири години го сработуваат и она што Град Скопје не го работи.
„Денеска се чисти просторот под Кале, добро познатиот полигон, каде што се сочуваме со огромна депонија. Нема да дозволиме центарци да се гушат во смет. Заедно со нашите тимови на луѓе, заедно со хигиеничарите, заедно со сите вработени сме постојано на терен, дури и во ноќните часови. Изнајмивме дополнителна механизација за цело ѓубре што се прелева на улиците и на одредени депонии биде отстрането од наша страна“, вели Герасимовски.
Тој, истакна дека по завршувањето на чистењето на депонијата во населбата Крњево, викендов хигиеничарите продолжиле со чистење и целосно отстранување на опожарените бараки во кои беше сместен поранешниот Суд за прекршоци, кај салата „Партизан“ во Градскиот парк.
„Нашите служби, заедно со мене, заедно со директорот на ПОЦ Душко Коцевски ќе бидеме постојано на терен за да ја подигнеме хигиената на што повисоко ниво“, потенцираше Герасимовски.
Во чистењето на депонијата кај Кале, вклучена беше целата механизација со хигиеничарите, според соопштеното.
Соопштенија
ЗНАМ: Вложуваме во повеќе паркови и зеленило, инвестираме во здрава иднина на граѓаните

Движењето ЗНАМ – за наша Македонија, денеска ги претстави приоритетите од изборната програма за идниот мандат во Куманово посветени на подобрувањето на животната средина со повеќе паркови и зеленило.
„Зелените површини и парковите се белите дробови на градот. Тие обезбедуваат чист воздух, создаваат простор за одмор, дружење и рекреација, а истовремено ја зголемуваат убавината и квалитетот на урбаното живеење. Вложувањето во паркови и зелени површини значи инвестиција во здравјето на граѓаните, подобра животна средина и одржлива иднина за сите“ изјави кандидатот за советник од редовите на Движењето ЗНАМ Душан Крстиќ.
Тој нагласи дека Општина Куманово целосно ги реконструираше двата најголеми паркови – Соколанскиот Градскиот парк, исклучително важни локации што го разубавуваат градот и се одлично место за рекреација на граѓаните. А, за идниот период најавуваат уште позасилено темпо на работа и повеќе десетици проекти. Меѓу кои:
· Изработка на стратегија за урбано зеленило и делување според акцискиот план.
· Урбан сквер со зелена површина или мини парк во секоја локална заедница.
· Воспоставување катастар на зеленило.
· Заштита на сите неизградени, а планирани зелени површини во опфат на Генералниот урбанистички план и нивна реализација како уредено зеленило во паркови со урбана опрема.
Пет нови паркови:
· Изградба на нов парк на влез во с. Проевце;
· Изградба на урбан сквер „Гоце Делчев“ со парк, фонтана и урбана опрема на влез во населба Гоце Делчев;
· Нов парк на место на времените објекти на локалитет Табакана.
· Парк со урбан сквер и шеталиште до Спортската сала, спроти Градскиот кеј по должина на бул. „Октомвриска револуција“.
· Парк на улица „Карадачки одреди“ во населба Тоде Мендол.
· Збогатување на содржините на Спомен костурница со ново игралиште, нова урбана опрема, простор за пикник и рекреација.
· Изградба на урбани зелени скверови на локација Ловец, до поранешен хотел „Кристал“, на ул. „Гоце Делчев“, на завршеток на ул. „Илинденска“ со ул. „Доне Божинов“, на место на времени објекти помеѓу ул. „Трст“ и ул. „Доне Божинов“.
· Нови дрвореди на ул. „Ленинова“, ул. „Браќа Рибар“ (Нагорички сокак), бул. „Октомвриска револуција“, бул. „Трета МУБ“ и на други локации каде има услови.
· Уредување на сите водни текови согласно Студија за водни текови на територија на Општина Куманово.
· Уредување на просторот околу речните корита со зелени површини, трим патеки, урбана опрема и простор за рекреација.
· Промоција на позитивни примери на општествено одговорни граѓани, обезбедување грантови и кампањи за поттикнување на еко активизам.
· Пешачка патека во шумскиот предел на локација Студена вода со летниковци за одмор до с. Биљановце – погодна за развој на детско извидништво.
· Уредување на просторот меѓу ул. „Вараждинска“ и бул. „Октомвриска револуција“ со урбана опрема и зеленило.
· Уредување на државно неизградено земјиште меѓу блок згради на бул. „Октомвриска револуција“, како и во населба Гоце Делчев и Зелен Рид.
· Поставување на систем за наводнување „капка по капка“ на зелени површини долж бул. „Трета МУБ“, бул. „Октомвриска револуција“ и на други зелени површини.
· Поставување фонтани за пиење вода на повеќе локации.
· Поставување јавни тоалети во сите градски паркови и во центарот на градот.
„Куманово денес ја покажува својата посветеност кон поубава и поздрава животна средина. Секое засадено дрво е дел од нашата грижа за иднината, секој уреден парк е симбол на општината што мисли на своите граѓани.
Зелено Куманово не е само проект – тоа е наш заеднички дух, начин да покажеме дека се грижиме за градот и идните генерации. Со повеќе паркови, повеќе дрвја и чист воздух, Куманово станува град по мерка на човекот – модерен зелен дом за сите нас“.