Свет
Авион итно приземјен во Москва: во леталото имало речиси 300 патници, откриен технички проблем
Авионот на „Ер Индија“ од Њу Делхи за Бирмингем беше пренасочен кон Москва како мерка на претпазливост во средата вечерта поради технички проблеми во леталото, објави денеска британски „Мирор“.
Речиси 258 патници и 17 члена на екипажот се наоѓале во авионот кога слетал на аеродромот „Шереметјево“ во Москва околу 21.35 часот по локално време.
„Аеродромските служби веднаш одговориле на барањето на екипажот и се подготвиле да го примат авионот во согласност со важечкиот план за итни случаи. Странскиот екипаж доби целосна помош од рускиот аеродром и од експерти во согласност со актуелната меѓународна конвенција“, се наведува во соопштението на аеродромот „Шереметјево“.
Тоа беше трет индиски патнички авион што непланирано слета поради технички проблеми во последните месеци.
Во јули летот од Њу Делхи до Сан Франциско беше пренасочен кон аеродромот „Краснојарск“ во Сибир поради потенцијален проблем во приемниот дел на авионот, а поради недостигот на присуство на „Ер Индија“ на овој аеродром, патниците беа оставени на аеродромот, а екипажот беше сместен во хотели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Министерот за одбрана на Израел: Времето за договор со Хезболах истекува
Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, денеска изјави дека истекува времето за договор со Хезболах за запирање на судирите по должината на израелско-либанската граница.
Во разговор со својот американски колега Лојд Остин, Галант истакна дека можностите за договор во северната арена се при крај бидејќи Хезболах продолжува да се здружува со Хамас“, пишува „Тајмс оф Израел“.
Галант исто така му рекол на американскиот секретар за одбрана дека какво и да е сценариото, израелските одбранбени сили ќе продолжат да дејствуваат со цел да го уништат Хамас и да обезбедат враќање на заложниците што ги држи Хамас во Газа.
Хезболах почна да лансира ракети и беспилотни летала во северен Израел по избувнувањето на конфликтот во Газа по нападот врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври минатата година.
Свет
Од денеска контроли за влез во Германија: воведени нови мерки на граничните премини со пет земји
Поради преоптовареност на системот за прифаќање баратели на азил, Германија од денеска воведува контроли на сите државни граници, кои ќе траат најмалку шест месеци.
Новата регулатива се однесува на премините кон Данска, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција, пренесува „Дојче веле“.
Почнувајќи од денеска, германската федерална полиција не само што ќе ги контролира патниците на источната и јужната копнена граница туку и на северната и западната граница, најмалку шест месеци.
Германија овој чекор го оправда со големиот број мигранти, кои илегално влегуваат во земјата, и со преоптоварувањето на системот за прифаќање бегалци, изјави германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер.
Иако треба да биде исклучок во рамките на Европската Унија, тие правила очигледно веќе не важат, оценува германското радио и укажува дека дополнителните контроли би можеле да доведат до тешкотии во движењето на луѓе и стоки, со оглед на тоа што Германија е во центарот на шенген-зоната.
Контролите на внатрешните граници се предвидуваат само под одредени услови, но самите земји членки одлучуваат дали се исполнети овие услови, а за воведување гранични контроли, единствено се должни да ја информираат Европската комисија во Брисел.
Свет
Нивото на Дунав расте, Будимпешта се подготвува за поплави – објавена мапа од движењето на циклонот
Циклонот Борис стигна до централна и источна Европа носејќи поплави, снег и силни ветрови.
Додека Унгарија се наоѓа на силен удар на циклонот Борис, Будимпешта се подготвува за зголемување на нивото на Дунав и за најголемите поплави во последната деценија.
View this post on Instagram
„Хунгаромет“ на својата страница на „Инстаграм“ објави видео од циклонот. Како што пишуваат „тоа што недостигаше цело лето, циклонот го надополни за три дена, со претерување“.
Мапата за движење на циклонот покажува како се движи над Унгарија.
Градоначалникот на Будимпешта, Гергељ Карачони, најави дека поради претстојниот најголем бран поплави во деценијата, нивото на подготвеност за заштита од поплави е подигнато на три. Еве ги најважните мерки:
Долните брегови на Будим и Пешта се затворени од 20 часот.
Паркираните автомобили мора да се отстранат до пладне или ќе се влечат.
Во вторник наутро се очекува Дунав да го премине нивото на долниот брег.
Подготвени се милион вреќи со песок.
Од вторник во заштитеното подрачје ќе може да влезат само возилата што учествуваат во одбраната, а сообраќајот на пешаците ќе им биде ограничен.
Трамвајскиот сообраќај по должината на крајбрежјето ќе биде ограничен.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан најави дека ги откажува сите меѓународни активности.