Свет
Акциите на „Тесла“ потонаа откога Маск најави дека ќе формира партија
Акциите на „Тесла“ паднаа за речиси 7% еден ден откако извршниот директор Илон Маск најави формирање на нова политичка партија, наречена „Американска партија“, со што пазарната вредност на компанијата се намали за повеќе од 68 милијарди долари.
Маск во саботата изјави дека партијата би можела да се фокусира само на „2 или 3 места во Сенатот и 8 до 10 места во Претставничкиот дом“, што, според него, би било „доволно за да се одлучи за контроверзното законодавство и да се осигури дека тоа навистина ја одразува волјата на народот“.
Зголеменото политичко присуство на Маск долго време е загриженост за акционерите на Тесла. Порано оваа година, тој работеше во таканаречениот Оддел за владина ефикасност (DOGE) работејќи со претседателот Доналд Трамп, потег што многумина го сметаа за потенцијално штетен за брендот на Тесла.
By a factor of 2 to 1, you want a new political party and you shall have it!
When it comes to bankrupting our country with waste & graft, we live in a one-party system, not a democracy.
Today, the America Party is formed to give you back your freedom. https://t.co/9K8AD04QQN
— Elon Musk (@elonmusk) July 5, 2025
Акциите на Тесла пораснаа откако тој го напушти DOGE во мај. Но, неодамнешната најава на Маск за враќање во политиката повторно предизвика загриженост.
„Едноставно кажано, сè подлабокиот ангажман на Маск со политичката елита на Вашингтон е токму спротивното од она што инвеститорите во Тесла го сакаат во ова клучно време“, рече Ден Ивс, раководител на технолошки истражувања во Wedbush Securities, во белешка до клиентите.
„И додека најлојалните поддржувачи на Маск ќе го поддржат секој негов потег, расте бројот на акционери кои чувствуваат замор од неговата политичка насока“, додаде Ивс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.
Свет
Макрон: Отворени сме за учество во дополнителни мисии на НАТО
Пред медиумите се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, кој и натаму носеше очила за сонце за да прикрие инфекција на окото.
Тој изјави дека денешниот самит покажува единство во поддршката за Данска, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
„Кога Европа е обединета, силна и реагира брзо, работите се враќаат во нормала и се смируваат“, наведе Макрон.
Додаде дека Европа мора да остане „на штрек“ и да продолжи да дејствува „обединето“, покажувајќи дека има „инструменти на располагање“ за, во случај на закани, да „наметне почит“.
Макрон исто така нагласи дека Франција е отворена за учество во дополнителни мисии на НАТО, најверојатно во арктичкиот регион.
Фото: ЕПА
Свет
„Нашите црвени линии не се тема за расправа“ – порака на данската премиерка од Брисел
Данската премиерка Мете Фредериксен пристигна на вонредниот самит на Европска унија.
На почетокот им се заблагодари на другите земји членки за поддршката.
„Кога Европа не е поделена, кога стоиме заедно, јасно и силно, вклучително и со подготвеност да застанеме во одбрана на самите себе, резултатите се видливи“, изјави таа.
Истакна дека Данска сака да најде решение и дека побарала посилна вклученост на НАТО во арктичкиот регион, додавајќи дека сите во НАТО се согласуваат со тоa.
„Потоа, на потрадиционален политички и дипломатски начин ќе разговараме со Соединети Американски Држави за билатералниот однос меѓу Кралството Данска и САД“, рече таа.
Притоа повтори дека Данска има свои црвени линии.
„Ние сме суверена држава и за тоа не можеме да преговараме“, порача таа, додавајќи дека Данска е отворена за разговори за зајакнување на соработката во арктичкиот регион.
„Секако дека сме подготвени да соработуваме со САД, како што отсекогаш сме правеле кога станува збор за безбедноста, но нашите црвени линии, кои воедно се и нашите демократски правила, не можат да бидат предмет на расправа“, нагласи Фредериксен.
На прашањето дали и понатаму ѝ верува на американската администрација, таа накратко застaна и дипломатски одговори: „Соединетите Американски Држави се наш близок партнер веќе многу години, но мора да соработуваме врз основа на меѓусебно почитување, без закани. Затоа, секако, се надевам дека ќе најдеме политичко решение во рамките на демократијата.“
Во речиси секој одговор таа повторно ги нагласи данските црвени линии поврзани со суверенитетот.

