Свет
Американскa студиja: На 100.000 вакцинирани имало по едно лице со сериозна алергиска реакција
Приближно едно од сто илјади лица кои ја примиле вакцината на „Фајзер“ / „Бионтек“ против Ковид-19, имале сериозна алергиска реакција, соопштија американските здравствени власти, истакнувајќи дека придобивките од вакцинацијата се многу поголеми од познатите ризици.
Ова се податоци од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) кој документирал 21 случај на анафилакса по инјектирање на 1.893.360 дози на вакцина од 14 до 23 декември.
„Ова во просек изнесува 11,1 случаи на анафилакса на милион примени дози“, рече пред новинарите претставничката на CDC, Ненси Месоние.
За споредба, вакцината против грип предизвикува околу 1,3 случаи на анафилакса на милион дози, па стапката на анафилакса со вакцината на „Фајзер“ е околу десет пати поголема.
Месоние додаде дека случаите на анафилакса сепак се исклучително ретки и дека е во најдобар интерес луѓето да се вакцинираат, особено во контекст на пандемијата со Ковид-19, што како заболување е многу поопасно за нивното здравје.
„Лошите исходи од ковидот и натаму се поголеми од ризикот од вакцините“, забележа таа.
„За среќа, ние знаеме како се третира анафилакса и обезбедивме на местата каде луѓето се вакцинираат, да биде возможен и третман на анафилакса“.
Забележани се 21 случај на анафилакса – акутна, алергиска реакција опасна по животот, кај вакцинирани лица на возраст од 27 до 60 години, со просечна возраст од 40 години, а сите освен двајца биле третирани со епинефрин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА

