Свет
Америка и Британија одлучија кого ќе поддржат како нов шеф на НАТО
Соединетите Американски Држави и Велика Британија денеска го поддржаа холандскиот премиер во заминување Марк Руте да го наследи Јенс Столтенберг на местото генерален секретар на НАТО, ставајќи го во силна позиција да ја преземе таа функција.
Наследникот на Столтенберг, откако ќе поднесе оставка во октомври, ќе ја преземе функцијата во клучен момент со задача да ја задржи поддршката на членките на НАТО за скапата одбрана на Украина од руска инвазија, истовремено чувајќи се од каква било ескалација што директно би ја вовлекла Алијансата во војна со Москва.
„Претседателот Бајден силно ја поддржува кандидатурата на премиерот Руте за следен генерален секретар на НАТО. Премиерот Руте има длабоко разбирање за важноста на Алијансата, е природен лидер и комуникатор, а неговото водство добро би ѝ послужило на Алијансата во овој критичен момент“, изјави еден американски функционер.
Во зависност од исходот на американските претседателски избори во ноември, следниот шеф на НАТО можеби ќе треба да се справи со втор мандат на Доналд Трамп, кој неодамна уште еднаш ја доведе во прашање неговата посветеност на одбраната на сојузниците во НАТО.
Трамп привлече жестоки критики од западните официјални лица на почетокот на овој месец затоа што сугерираше дека нема да ги заштити земјите кои не ги исполнуваат целите за одбранбени трошоци на Алијансата, па дури и ќе ја охрабрат Русија да ги нападне.
Но, Руте, кој веќе се сметаше за фаворит за највисокото место во НАТО, во саботата рече дека Европа треба „да престане да се жали, кука и да приговара“ за Трамп и наместо тоа да се фокусира на она што тој може да направи за Украина.
„Мораме да соработуваме со кој и да е на подиумот“, рече Руте на конференцијата за безбедност во Минхен. Најдолговечниот холандски премиер Руте (57) неочекувано најави дека се повлекува од холандската политика во јули, но ќе остане премиер додека траат коалициските разговори по изборите на 22 ноември.
Лидерите на НАТО се назначуваат со консензус, за што е потребна поддршка или барем отсуство на противење од сите 31 членка. Двајца дипломати изјавија дека досега Руте има поддршка од околу 20 членки на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА

