Свет
Америка најави нова воена помош за Украина во вредност од 400 милиони долари
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин за време на денешната работна посета на Киев најави нова помош за Украина во оружје во вредност од 400 милиони долари.
Најавата за нова воена помош за Киев доаѓа во пресрет на претседателските избори во САД за две недели, на 5 ноември.
Во фокусот на посетата на Остин на Украина, негова четврта и најверојатно последна како шеф на Пентагон во администрацијата на Џо Бајден, се очекува да бидат американските напори за зајакнување на одбранбените капацитети на Киев, кој се соочува со руски напредок на бојното поле во источна Украина.
Сепак, и покрај солидарноста со Киев, не се очекува промена во политиката на САД во однос на се погласните барања на претседателот Володимир Зеленски да и се дозволи на неговата земја да користи оружје насочено длабоко на руска територија.
„САД разбираат што е тука во прашање“, рече Остин најавувајќи нова помош во муниција, оклопни возила и противтенковско оружје.
Остин ја отфрла загриженоста дека доколку победи републиканецот Доналд Трамп би можел да се откаже од поддршката за Киев.
„Овие две и пол години не видов ништо освен двопартиска поддршка за Украина и очекувам дека ќе продолжиме да ја гледаме во Конгресот“, рече Остин.
Остин дојде во Киев по серијата средби што американскиот претседател Џо Бајден ги имаше во Берлин со клучните европски партнери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од 25.000 домови во Австралија без струја поради невреме
Повеќе од 25.000 домови и деловни објекти останаа без струја бидејќи невреме го погоди северниот дел на Нов Јужен Велс, Австралија, додека главните патишта беа блокирани од паднатите дрвја.
Надзорникот Скот Мекленан рече дека дошле повеќе од 140 повици од сопственици на куќи на кои им е потребна помош, пренесува ABC News. Компанијата „Есеншл енерџи“ соопшти дека работи на враќање на струјата, пренесува Танјуг. Во Твид Хедс поради силно невреме е уништен автомобил пред градинка, а човекот во возилото се здобил со полесни повреди.
Метеорологот Едвард Медлок изјави дека невремето ќе продолжи денеска и утре.
Невремето донесе и обилни врнежи, при што во Алстонвил се забележани 53 милиметри дожд, додека во помалите градови падна град.
Во петок се очекуваат температури од 36 до 38 степени со ризик од силен ветер и можна појава на град, информираат метеоролозите.
Свет
Девојчињата на возраст од девет, момчињата од 15 години ќе можат да се венчаат во Ирак
Ирачкиот парламент ги усвои амандманите на законот за семејство кои би можеле да доведат до намалување на возраста за брак на 15 години за момчињата и девет за девојчињата, јави денеска Тасс, наведувајќи дека амандманите на законот се усвоени како единствен пакет заедно со уште два други амандмани, на кој се спротивставија многу пратеници.
Претседателот на ирачкиот законодавен совет, Махмуд ал-Машадани најави гласање за три нацрт-закони истовремено, кои некои ги сметаат за нелегитимни, а гласањето го призна за валидно и успешно и покрај недоволниот број на гласови „за“.
Веднаш по гласањето, група ирачки парламентарци потпишаа петиција со која се бара оставка на претседателот, а некои од нив планираат да ја оспорат уставноста на усвоените акти.
Измените на Законот 188 „за личниот статус“, усвоен во 1959 година и го претставува ирачкото семејно право, предизвикаа негодување во јавноста.
Во сегашната верзија, бракот е доброволна заедница меѓу способен маж и жена кои наполниле 18 години, додека во посебни случаи бракот е дозволен на возраст од 15 години.
Со усвоените амандмани се коригираат ставовите 2 и 10 од Законот за семејство и се дозволува бракот да се склучува во согласност со верските норми, особено оние пропишани во шиитската гранка на исламот, која ја следи значителен дел од ирачкото население.
Свет
Конгресот го усвои првиот предлог на Трамп за апсење илегални имигранти
Претставничкиот дом на САД го усвои првиот нацрт-закон на претседателот Доналд Трамп, кој бара апсење на илегални имигранти обвинети за кражби и насилни злосторства.
Законот беше донесен со 263 гласа „за“ и 156 „против“, со поддршка на 46 демократи и 217 републиканци, пишува Гласот на Америка.
Предлогот, именуван по Лејкен Рајли, девојка од Џорџија која беше убиена минатата година од илегален имигрант од Венецуела, сега мора да биде потпишан од Трамп пред да стапи на сила.
Трамп ја направи имиграцијата центар на неговата кампања, а републиканците ја поддржаа неговата тешка агенда за имигрантите.
Демократите, кои го поддржаа предлог-законот, велат дека го направиле тоа затоа што и граѓаните што ги претставуваат се загрижени за имиграцијата.