Свет
Бајден вети дека ќе им стави крај на забраната за патување на Трамп и на исламофобијата
Џо Бајден жестоко ја критикува исламофобијата и вети дека ќе ја укине забраната за патување воведена од администрацијата на Трамп во неговиот прв мандат за време на разговорот со најголемиот муслиманско-американски комитет за политичка акција (ПАК), кој ја вклучува и антиизраелската активистка Линда Сарсур, пренесува „Њујорк пост“.
„Ако имам чест да станам претседател, ќе ја укинам забраната уште првиот ден“, рече Бајден за време на состанкот „Самит на милиони муслимански гласаови“, организиран од „Ингејџ екшн“, кој ја поддржа неговата претседателска кандидатура во април.
Забраната за патување потпишана од Трамп во јануари 2017 година ги блокира повеќето имигранти и патници од Иран, Либија, Сомалија, Северна Кореја, Сирија, Венецуела и од Јемен. Но, Бајден не застана тука, исто така критикувајќи дека во американските училишта не учат за исламот.
„Една од работите што мислам дека е важна е дека посакувам во нашите училишта да научиме повеќе за исламската вера“, рече тој обвинувајќи го Трамп за поттикнување на пламенот на омразата.
Во жестокиот говор Бајден се спротивстави на исламофобијата по што Сарсур ги повика Американците да се кренат против, како што рече, фашистичката администрација.
„Под оваа администрација видовме незамислив пораст на исламифобија и инциденти, вклучително и деца што биле малтретирани во училиштата и злосторства од омраза во нашите заедници“, рече Бајден.
„Трамп назначуваше луѓе со историја на отворена исламифобија – отворена, директна, кои нема што да бараат на високи позиции во нашата влада – на клучни улоги во раководството во Министерството за одбрана и американската Агенција за меѓународен развој“, продолжи тој.
ПАК се обврза да обезбеди еден милион муслимански гласачи за Бајден и вети дека ќе му ги испорача Мичиген, Висконсин, Пенсилванија и Флорида во ноември. Сарсур, палестинско-американски активист и сурогат на Берни Сандерс со историја на антисемитски изјави, му изрази поддршка на Бајден.
„Тука не станува збор за тоа кого сакате и кого не сакате, туку за тоа дали сакате да го победите фашизмот во Америка“, рече таа наведувајќи го разговорот кон палестинските територии.
Сарсур, родена во Бруклин, беше отфрлена од движењето „Женски марш“, што помогна да се основа, во септември 2019 година откако беа објавени нејзините ставови вклучувајќи ги и нејзините пофалби за Расмеа Одех, палестинска терористка осудена во 1970 година за нејзината улога во бомбардирањето на супермаркет во Ерусалим.
„Нашата заедница е посветена да стави крај на окупацијата на палестинскиот народ, нашата заедница е посветена на муслиманите, кои се угнетени во целиот свет“, рече Сарсур ветувјќи дека ќе го натера Бајден да ја поддржи нејзината антиизраелска агенда.
„Ние сакаме да го видиме Џо Бајден во Белата куќа, но сакаме и Џо Бајден да знае дека ќе го повикаме на одговорност пред нашите заедници. Ќе бидеме на неговиот праг да се осигуриме дека сме слушнати во оваа администрација и ќе се бориме за работите во кои веруваме и нема да ја завршиме нашата работа на денот на изборите“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Раздор во италијанската влада околу помошта за Украина, сепак, одобрен нов пакет
Италијанската влада денес одобри декрет за продолжување на воената помош за Украина во 2026 година, постигнувајќи коалициски компромис по неколкунеделна дебата што ги откри поделбите околу надворешната политика во кабинетот на премиерката Џорџа Мелони.
Договорот дојде во услови на закани од крајно десничарската Лига, која имаше блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин пред руската инвазија на Украина во 2022 година, дека нема да ја поддржи мерката, влошувајќи го расколот околу ставот на Италија за војната.
Лидерот на Лигата, Матео Салвини, инаку заменик-премиер, тврдеше дека испраќањето дополнителна воена помош за Украина може само да ја поттикне корупцијата во Киев, наместо да помогне во завршувањето на војната. Критичарите го обвинија дека ја промовира агендата на Путин.
Новата регулатива е слична на законите одобрени во последните три години. Се вели дека владата ќе испрати воени возила, разни материјали и опрема во Украина.
Сепак, Лигата објави дека, за разлика од текстот од 2025 година, новата регулатива наведува дека приоритет ќе се даде на логистичката и медицинската опрема за цивилна употреба и опремата за одбрана од ракетни и кибер напади и беспилотни летала.
Канцеларијата на премиерката Мелони сè уште не го објави текстот на документот.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој ја предводи коалициската партија Форца Италија, го поздрави новиот закон, кој парламентот мора да го одобри во рок од два месеци.
„Тоа е апсолутно избалансиран декрет, како и претходниот. Италија ќе продолжи да ја поддржува Украина воено, економски, финансиски и политички“, беше цитиран од дневниот весник „Кориере дела Сера“.
Од руската инвазија на Украина, Италија испрати 12 пакети воена помош во Киев, иако никогаш не ја откри точната содржина на пакетите, тврдејќи дека информациите се доверливи.
Но, началникот на Генералштабот на италијанската одбрана, генерал Лучијано Портолано, за весникот „Ил Соле 24 Оре“ изјави дека Италија досега испратила залихи во вредност од над 3 милијарди евра.
Иако Италија постојано обезбедува помош за Украина, таа заостанува зад другите големи европски економии, особено Германија, која ѝ испратила на Украина повеќе од 15 милијарди евра во воена опрема, додека милијарди повеќе се ветени.
фото/депозитфотос
Свет
Германија има недостиг од 120.000 возачи на камиони: „Може да стане уште полошо“
Германските шпедитери ги повикаа политичарите да преземат мерки за намалување на недостигот на возачи на камиони, објавија германските медиуми.
„Моментално имаме недостиг од над 120.000 возачи на камиони, а ситуацијата може да стане уште полоша“, изјави за „Ројтерс“, Дирк Енгелхард, портпарол на Германското здружение на шпедитери (BGL).
Тој рече дека 30.000 до 35.000 возачи се пензионираат секоја година, додека само 15.000 до 20.000 нови возачи влегуваат на пазарот на трудот.
„Јазот помеѓу понудата и побарувачката за возачи ќе станува сè поголем и поширок“, рече Енгелхард.
Тој вели дека многу шпедитери се принудени да одбиваат понуди за превоз на стока поради недостаток на достапни возачи.
Во Германија, 80 проценти од стоката сè уште се транспортира по пат, иако со години има иницијативи за префрлање на што е можно повеќе превоз на стока на железница.
Енгелхард, во име на Унијата на шпедитери, го изрази својот страв во случај на проширување на руската агресија во други европски земји.
„Во тој случај, сите камиони би биле принудени да се вратат во својата земја на потекло, а веќе речиси секој втор камион на германските патишта има странски регистрации“, рече Енгелхард.
Тој апелираше до политичарите да го олеснат издавањето работни визи за возачите од земји кои не се членки на Европската Унија.
фото/депозитфотос
Свет
Ердоган: Потезите на Израел сè повеќе го дестабилизираат регионот
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Израел сè повеќе работи на дестабилизација на регионот, наведувајќи ја како пример одлуката на Тел Авив да ја признае отцепената Сомалиленд.
Ердоган ги даде забелешките во телефонски разговор со кувајтскиот престолонаследник шеик Сабах Халед Ал-Сабах, нагласувајќи дека територијалниот интегритет на Сомалија мора да се поддржи, јавува агенцијата Анадолу.
За време на разговорот, кој се осврна на билатерални, регионални и глобални прашања, Ердоган нагласи дека Турција работи на зајакнување на врските со Кувајт во сите области. Тој додаде дека очекува соработката меѓу двете земји да продолжи да се развива.
Турскиот претседател изрази надеж дека обновата на Газа ќе започне откако ќе се постигне траен прекин на огнот и ќе се воспостави мир. Во овој процес, рече тој, соработката меѓу Турција и Кувајт ќе биде од големо значење.
фото/депозитфотос

