Свет
Бајден патува во Германија
Американскиот претседател, Џо Бајден, утре ќе отпатува во посета на Германија, кога минатонеделната посета на таа земја беше одложена поради ураганот што ги погоди САД, соопшти Белата куќа.
Минатата недела Бајден требаше да учествува на состанокот на т.н Контакт група за Украина во американската воена база Рамштајн во Германија.
Тој, исто така, требаше да се сретне со германскиот канцелар, Олаф Шолц, францускиот претседател, Емануел Макрон и британскиот премиер, Кир Стармер во сабота во Берлин пред самитот во Рамштајн за Украина.
Желбата и на германската и на американската страна беше првата билатерална посета на Бајден на Германија да се случи пред претседателските избори во САД на 5 ноември.
За време на неговиот претседателски мандат, Бајден оствари само една официјална посета на Германија, и тоа како дел од самитот на Г7 во 2022 година.
„Иако Бајден патува за Германија, тој нема да се сретне со Зеленски утре додека е во Европа“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер на редовниот брифинг со медиумите.
Зеленски утре ќе биде на самитот на ЕУ, каде пред европските лидери ќе го претстави својот План за победа за ставање крај на војната.
Украинскиот претседател изјави дека војната со Русија би можела да заврши најдоцна следната година доколку неговиот План за победа, кој вклучува безусловна покана за членство во НАТО и конкретна поддршка во вооружувањето и дозвола за употреба на западни ракети со долг дострел кои би биле насочени длабоко на руска територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

