Свет
Белата куќа: Огорчени сме од израелскиот напад во кој беа убиени хуманитарни работници
Белата куќа соопшти дека е огорчена од израелскиот воздушен напад врз Газа во кој загинаа седум лица кои работеа за World Central Kitchen (WCK), и дека американскиот претседател Џо Бајден му се јави на основачот на добротворната организација за да му изрази сочувство.
„Бевме огорчени кога дознавме за нападот на ИДФ во кој вчера загинаа голем број цивилни хуманитарни работници“, изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Запрашан дали САД ќе го осудат израелскиот воздушен напад, Кирби за употребата на зборот „огорчени“ рече: „Мислам дека во голема мера можете да го окарактеризирате како осуда на самиот напад“.
„Бајден му рече на основачот на организацијата, Хозе Андрес, дека јасно ќе му стави до знаење на Израел дека хуманитарните работници мора да бидат заштитени“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Во нападот на конвојот на WCK загинаа државјани на Австралија, Велика Британија и Полска, како и Палестинци и двоен државјанин на САД и Канада.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека нападот е трагичен и ненамерен, а израелската војска вети независна истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

