Свет
Белорусија ја зајакнува безбедноста на границата

Белоруските погранични служби ја зајакнаа граничната безбедност, изјави за ТАСС портпаролот на Државниот комитет за граници, Антон Бичковски.
„Безбедноста на границата е зајакната, се преземаат неопходните мерки во зависност од ситуацијата во конкретни региони“, рече тој.
Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, вчера изјави дека земјата ќе ги затвори границите со Литванија и со Полска и ќе ја зајакне граничната контрола со Украина.
Тој ги повика луѓето од трите земји да ги спречат нивните политичари да почнат жешка војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Патник запалил џоинт во преполн авион, па патниците останале заглавени со часови

На летот од Сан Франциско за Канкун, во Мексико, минатата недела се случила необична сцена кога еден од патниците запалил џоинт.
Потоа следел потег на пилотот што сите патници добро ќе го запомнат, пренесува The New York Post.
Пилотот на компанијата „United Airlines“ одбил да полета, што предизвикало речиси четиричасовно доцнење.
Во вирална објава на Reddit, еден патник од летот UA1679 напишал дека несреќното патување прво било „одложено поради технички проблеми“, а потоа повторно откако „некој пушел марихуана во тоалетот“.
„Го исфрлија од авионот, а потоа седевме внатре околу 40 минути додека екипажот не одлучи што ќе прави“, напишал патникот. „Екипажот беше загрижен дека можеби биле изложени на чад од марихуана, па сите излеговме надвор и чекавме нов екипаж.“
Пилотот, наводно, бил загрижен дека изложеноста на чад од марихуана може да доведе до тоа да не помине на случаен тест за дрога.
„Имам уште 30 години кариера, не сакам да ризикувам да ме тестираат за дрога кога ќе стигнам во Хјустон“, им рекол капетанот на патниците.
Надежите на патниците за мирно патување буквално „отишле во чад“.
„Во моментот седам на терминалот на аеродромот SFO, нема ни трага од нов екипаж“, напишал авторот на објавата на Reddit.
Првичното полетување било закажано за 8:50, а новото проценето време било 12:30. Патниците добиле ваучер за оброк од 15 долари и ужинка на гејтот.
Експерти за авионски сообраќај оцениле дека реакцијата на пилотот била малку претерна, но целосно разбирлива.
„Веројатноста некој да биде позитивен на тест поради пасивно вдишување марихуана во добро проветрен авион е смешно мала“, напишал Гери Леф, соработник на порталот View From the Wing.
„Сепак, го разбирам ирационалниот страв поради регулативата на FAA за тестирање на дроги и политиката на нулта толеранција на авиокомпаниите, кои казнуваат дури и ненамерна изложеност ако тестот биде позитивен. Практично, било кое детектибилно ниво на метаболити на марихуана во урината се смета за пад на тестот, без разлика на причината“, додал тој.
Леф предупредил дека позитивен тест би можел да ја заврши кариерата на пилотот поради „долготрајна истрага и губење на лиценцата“, а пилотот во таков случај не би можел да очекува заштита од синдикатот без докази за „пасивна изложеност“.
Корисниците на Reddit жестоко го нападнале неодговорниот патник.
„Мислам дека, ако се случи вакво нешто, таа личност треба да биде казнета со тоа што ќе ја плати цената на картата за секој патник“, напишал друг.
„Треба да постои автоматска доживотна забрана за летање на сите авиокомпании“, изјавил трет.
Многумина изразиле разбирање за одлуката на пилотот да не ризикува.
Свет
Мерц ги покани Трамп, Зеленски и Руте на виртуелна средба пред самитот во Алјаска

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, денес ги покани претседателите на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп и на Украина, Володимир Зеленски, како и генералниот секретар Марк Руте и неколку високи функционери на Европската Унија (ЕУ) на виртуелна средба пред самитот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Кабинетот на Мерц објави дека виртуелните разговори, закажани за среда, ќе се фокусираат на моменталната ситуација во Украина, имајќи предвид дека во петок, 15 август, Трамп и Путин треба да разговараат за ова во Алјаска.
Планирани се и дискусии за опциите за вршење притисок врз Русија, а се разгледуваат и подготовки за можни мировни преговори и прашања за територијални претензии и безбедност, додаде канцеларијата на Мерц.
Зеленски не беше поканет на самитот во Алјаска, ниту пак беа поканети претставници од западноевропските земји и ЕУ.
По повод самитот, Руте рече дека состанокот во голема мера ќе покаже дали Путин се залага за мир, односно дали сака да ја заврши војната што Русија и Украина ја водат од февруари 2022 година.
Тој верува дека Трамп е подготвен да изврши притисок врз Путин, објави бриселскиот портал Политико.
ЕУ свика итен состанок на министрите за надворешни работи на своите членки пред самитот, со цел да се обиде да влијае на неговиот исход, од страв дека Путин ќе се обиде да прогласи политичка победа во војната.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави пред состанокот дека сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина.
„Додека работиме за одржлив и праведен мир, меѓународното право е јасно: Сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина. Одржливиот мир исто така значи дека агресијата не може да биде наградена“, рече таа.
Регион
(Видео) Рама покажа како во Албанија се уриваат дивоградби посакувајќи успешна недела

Албанскиот премиер Еди Рама на „Фејсбук“ објави видео од акција за уривање на дивоградби, со порака дека продолжува битката против бесправната градба која, како што рече, ги загрозува и нагрдува заедничките простори.
„По секоја цена ќе го напишеме последното поглавје од борбата со градбите без дозвола или спротивно на издадените дозволи“, порача Рама, посакувајќи им на граѓаните успешна недела.