Свет
Блинкен: Хамас е единствената пречка за прекин на огнот во Газа
Палестинското исламистичко движење Хамас останува „единствената пречка меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот“ со Израел, изјави вчера американскиот државен секретар Антони Блинкен. „Чекаме да видиме дали навистина ќе се согласат на прекин на огнот и дали ќе ги ослободат заложниците“, рече Блинкен на форумот Седона на Институтот Мекејн во Аризона.
„Во моментов, реалноста е дека Хамас е единствената пречка меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот“, додаде тој. Израел и земјите посредници сè уште чекаат одговор од исламистичкото движење на предлогот за 40-дневно примирје поврзано со ослободувањето на заложниците во Газа, во замена за палестинските затвореници кои ги држи Израел.
Делегација на Хамас денеска заминува за Каиро за да ги продолжи разговорите. Истакнувајќи дека милитантите на Хамас „тврдат дека го претставуваат“ палестинскиот народ, Блинкен рече дека „ако тоа е вистина, прекинот на огнот треба да се прифати“.
Американскиот државен секретар, исто така, процени дека израелскиот напад врз Рафах, град во јужниот дел на Појасот Газа, кој е дом на повеќе од милион Палестинци раселени поради војната, ќе предизвика штета „поголема од она што е прифатливо“. Според Блинкен, Израел не претставил никаков план за заштита на цивилите при овој можен напад.
„Во отсуство на таков план, не можеме да поддржиме голема воена операција во Рафах, бидејќи штетата што таа би ја предизвикала би била над она што е прифатливо“, рече тој. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот ја потврди намерата да започне офанзива на Рафах „со или без договор“ за прекин на огнот. „Ќе направиме се што е потребно за да го победиме и поразиме нашиот непријател“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Санчез: Трамп игра „руски рулет“ со животите на милиони луѓе
Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се спротивстави на нападите врз Иран што ги изведуваат САД и Израел, предупредувајќи дека со тие потези се „игра руски рулет со животите на милиони луѓе“.
Санчез се обрати откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговијата со Шпанија поради ставот на Мадрид за конфликтот.
„Така почнуваат големите катастрофи на човештвото. Не може да се игра руски рулет со судбината на милиони луѓе“, изјави Санчез во телевизиско обраќање.
Тензиите меѓу двата сојузника во НАТО се зголемија откако Санчез го осуди американско-израелското бомбардирање на Иран, нарекувајќи го непромислено и незаконско. Шпанија потоа забрани користење на американски авиони од поморските и воздушните бази во јужниот дел на земјата за напади врз Техеран.
Санчез порача дека светот не може да ги решава проблемите со конфликти и бомби и нагласи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со зборовите „не за војна“.
„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме одмазда“, изјави шпанскиот премиер.
Тој потсети и на последиците од американската инвазија на Ирак во 2003 година, која доведе до пораст на тероризмот и на цените на енергијата, додавајќи дека причините и последиците од нападот врз Иран исто така се нејасни.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави за шпанската телевизија ТВЕ дека нападот врз Иран нема цел да воспостави демократија и нагласи дека Шпанија е суверена држава која одлуките ги носи во согласност со меѓународното право.
Свет
Советник на иранскиот лидер: Нема преговори со САД, ќе војуваме колку што сакаме
Иран нема намера да преговара со Соединетите Американски Држави и нема никакви контакти со Вашингтон, изјави за иранската државна телевизија Мохамад Мохбер, висок советник на покојниот врховен лидер на Иран.
Мохбер, кој претходно беше вршител на должноста претседател на Иран и прв потпретседател на државата, истакна дека Техеран нема доверба во САД.
„Немаме доверба во Американците и немаме никаква основа за преговори со нив“, изјави тој.
Додаде дека Иран е подготвен да ја продолжи војната „колку што долго сака“.
Свет
Европски стравувања: Фокусот на САД кон Иран може да ја намали помошта за Украина, објави „Политико“
Европските официјални лица стравуваат дека американскиот фокус на конфликтот со Иран може да го намали вниманието и воената поддршка за Украина, што би можело да ја отежни нејзината одбрана од руските напади, објави бриселскиот „Политико“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека долготраен конфликт на Блискиот Исток може да го ограничи пристапот на Украина до американските системи за противвоздушна одбрана и други клучни ресурси.
Според официјални лица, САД веќе употребиле големи количини ракети и пресретнувачи во операциите против Иран, што може да влијае врз резервите на оружје во Европа и Украина.
Европските влади, кои немаат доволно резерви, се обидуваат да развијат сопствени воени капацитети и да продолжат да ја поддржуваат Украина, но тој процес може да трае со години. Зеленски изјави дека Украина ќе користи домашни ресурси и финансирање за да го надомести евентуалниот недостиг.
Кризата веќе влијае и врз плановите на Европската унија. Состанок поврзан со украинското членство, кој требало да се одржи на Кипар, бил одложен по напад со ирански дрон врз британска воздухопловна база на островот.
Во меѓувреме, САД и Израел извршија напади врз Иран, меѓу кои и ликвидацијата на врховниот лидер Али Хамнеи, што според проценките го ослабува Иран како снабдувач на руската воена опрема.
Украински официјални лица сметаат дека американските операции против Иран индиректно може да ѝ помогнат на Украина, бидејќи го намалуваат пристапот на Русија до ирански дронови и технологија.
Сепак, украински пратеници предупредуваат дека продолжената кампања на САД и Израел против Иран може да го забави напредокот на мировните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

