Свет
Болсонаро стравува дека американското сценарио може да се случи во Бразил

Бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро, изјави дека недовербата во пребројувањето на гласовите на изборите во Америка доведе до напад на толпата кон Конгресот. Тој предупреди дека истото може да се случи и во неговата земја.
Болсонаро ги повтори наводите за широкораспространета измама на гласањето на 3 ноември и предупреди дека бразилскиот систем за електронско гласање, кој е меѓународно пофален за неговата ефикасност и брзина во броењето на гласачките ливчиња, може да биде манипулиран, објави „Ројтерс“.
Болсонаро се залага за враќање на печатените ливчиња на претседателските избори во Бразил, кои ќе се одржат во 2022 година и на кои планира да побара втор мандат.
„Што се случи на изборите во Америка? Во основа, која беше… причината за целата криза? Недостиг на доверба во гласањето“, им рече Болсонаро на приврзаниците пред неговата резиденција.
Без да даде докази за ваквите тврдења, тој рече дека има луѓе што гласале три или четири пати, како и дека гласале починати лица. Болсонаро предупреди дека ако не се испечатат гласачките ливчиња на изборите во 2022 година, Бразил ќе има поголеми проблеми од САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пратеник најден мртов во парламентот во Финска

Безживотно тело е пронајдено денес околу 11 часот наутро во зградата на финскиот парламент, а според релевантните локални медиуми, станува збор за тело на пратеник кој извршил самоубиство, но сè уште не го објавуваат неговиот идентитет.
Полицијата не ги потврди наводите дека станува збор за пратеник, но објави дека засега нема сомнение за кривично дело.
Повикот до полицијата пристигна во 11.06 часот наутро.
Шефот на обезбедувањето на парламентот, Аро Тоивонен, рече дека имало смртен случај во зградата на парламентот, но дека на властите е да дадат дополнителни информации за случајот.
Еден од пратениците рече дека не знае многу за случајот.
„Немам никакви подетаљни информации. Тоа е навистина тажна работа, за што многу ми е жал“, рече пратеникот Јука Копра.
Копра додаде дека претпоставува оти парламентот ќе даде официјално соопштение кога тоа ќе биде можно.
Во овој момент во зградата на парламентот има голем број полицајци, а надвор беа видени неколку возила за итни случаи.
Свет
Лавров: Трамп и неговиот тим сакаат да постигнат долгорочен и сигурен резултат

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го пофали Доналд Трамп за желбата за траен мир во Украина, а ги критикува европските лидери за инсистирањето на прекин на огнот.
Во интервју за државниот телевизиски канал „Росија 24“, Лавров се осврна на средбата на Трамп со Владимир Путин на Алјаска опишувајќи ја атмосферата како „многу добра“.
„Беше јасно дека лидерот на Соединетите Американски Држави и неговиот тим, пред сè, искрено сакаат да постигнат резултат што ќе биде долгорочен, одржлив, сигурен“, додаде Лавров.
Оваа изјава доаѓа еден ден откога Трамп изјави дека прекинот на огнот не е неопходен услов за постигнување мировен договор за време на тековниот конфликт меѓу Русија и Украина.
Од друга страна, Лавров упати остри критики до европските лидери. Според него, на секој чекор тие инсистирале само на прекин на огнот, а потоа ќе продолжат да ja снабдуваат Украина со оружје.
Свет
Швајцарија планира укинување на даночната казна за брак

Швајцарија планира да го укине системот на заедничко даночење брачни парови, кој често доведува до повисоки даноци отколку за невенчани двојки.
Поддржувачите велат дека оваа промена ќе поттикне повеќе жени да работат и ќе ја усогласи земјата со практиките на повеќето држави од ОЕЦД.
Сепак, конзервативните партии и црковните групи најавуваат иницијатива за референдум тврдејќи дека реформата ги казнува семејствата со еден примател на приход и би создала милион дополнителни даночни пријави.
Владата проценува дека половина од граѓаните би имале корист, 14 проценти би биле во полоша положба, а годишните приходи од даноци би се намалиле за речиси една милијарда франци.