Свет
Братот на Џефри Епстин: Убиен е, знаеше премногу, наскоро се’ ќе биде откриено
Братот на осудениот американски сексуален престапник Џефри Епстин, Марк Епстин, го обвини Министерството за правда на САД дека стои зад прикривање на неговата смрт.
Џефри Епстин беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк на 10 август 2019 година. Тогашните официјални резултати од обдукцијата утврдија дека станува збор за самоубиство.
Во интервју за француската телевизија БФМ, Марк Епстин изјави дека е убеден дека неговиот брат бил убиен.
„Сега знам дека е убиен“, изјавил Марк Епстин, додавајќи дека по обдукцијата лекарите рекле дека не можат да заклучат дека станува збор за самоубиство, бидејќи околностите „премногу потсетувале на убиство“.
Тој навел дека во првичната потврда за смртта, во рубриката „причина за смрт“, стоела формулацијата „во очекување на дополнителни истраги“, а дека неколку дена подоцна биле објавени резултати според кои Епстин извршил самоубиство во ќелијата.
Марк Епстин изјавил дека неговиот брат „премногу знаел“.
„Во време на изборите во 2016 година, кога се натпреваруваа Хилари Клинтон и Доналд Трамп, Џефри рече: ‘Кога би го кажал она што го знам за двајцата кандидати, изборите би требало да се поништат’. Го обвинувам Министерството за правда дека го прикрило убиството на Џефри“, изјавил Марк Епстин за БФМ.
Француската телевизија наведува дека тој не е единствениот кој јавно изнесува такви тврдења. На 13 февруари, во британскиот „Телеграф“, д-р Мајкл Бејден, еден од лекарите кои присуствувале на обдукцијата како набљудувач во име на семејството Епстин, изјавил дека причината за смртта требало да биде предмет на повторна истрага.
„Мислам дека неговата смрт најверојатно е предизвикана од притисок при давење, а не од бесење. Со оглед на сите информации со кои моментално располагаме, подлабока истрага за причината и околностите на смртта е оправдана“, изјавил лекарот за британскиот весник.
Марк Епстин смета дека објавувањето на досиејата поврзани со случајот претставува „диверзија“.
„Мислам дека тоа е делумно диверзија за да се спречи интересот на јавноста за фактот дека тој е убиен“, изјавил тој.
Навел и дека е спроведена независна истрага за смртта на неговиот брат, која, според него, довела до заклучок дека станува збор за убиство, а резултатите од таа истрага, како што најавил, ќе бидат објавени за неколку месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавина во Австрија, двајца сноубордери загинаа
Двајца австриски сноубордери кои беа надвор од пистата на глечерот Штубај во Тирол, западна Австрија, загинаа во лавина, објави полицијата.
Мажите, на возраст од 37 години, кои не се вратиле откако излегле на снегот, беа пронајдени синоќа, но спасувачките служби можеа само да ја потврдат смртта, соопшти австриската полиција по големата потрага во која учествуваа спасувачи, кучиња и дронови.
Лавините низ Алпите веќе одзедоа десетици животи од почетокот на сезоната, а многу скијачки центри издадоа предупредувања за лавини. Во регионот каде што се случи последниот инцидент, во последните денови е во сила предупредување за лавина од ниво 4 на скала од 5 поради големи количини на нов снег.
Во соседна Италија, двајца скијачи загинаа во лавина во неделата, а третиот е во сериозна состојба.
Фото: depositphotos
Свет
Републиканец тврди: Досиејата за Епстин се кријат поради врски со Израел
Републиканскиот конгресмен, Томас Масие, изјави дека документите поврзани со починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин ѝ се ускратуваат на јавноста поради неговите наводни блиски врски со израелските и американските разузнавачки служби.
Според Масие, причините за блокирање на објавувањето на досиејата лежат и во тоа што тие би можеле да компромитираат влијателни милијардери и политички донатори.
Масие смета дека постои организиран напор да се спречи објавувањето на документите. „Постои настојување ова да се запре и верувам дека ќе се обидат да го запрат и на друго место, но тоа ќе им се врати како бумеранг“, изјави конгресменот.
Во изминатите години, Масие се позиционираше како еден од почестите републикански критичари на Трамп, јавно разидувајќи се со него по прашања од надворешната политика, извршните овластувања и транспарентноста на власта.
Во последните недели беа објавени нови документи поврзани со врските на Епстин со влијателни личности, во кои Трамп се споменува повеќе илјади пати. Се проценува дека остануваат уште околу два милиона необјавени списи. Опозицијата, критичарите, но и дел од републиканците, изразуваат сомневање дека актуелната администрација го крие целосното објавување на документите и ги цензурира објавените со цел да заштити влијателни личности.
Свет
Орбан: Нападите од Украина врз мене достигнаа ново ниво
Украинскиот претседател директно се вклучи во изборната кампања на Унгарија со напаѓање на нејзината влада, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој рече дека политичките напади од Украина достигнаа ново ниво, објави унгарската новинска агенција МТИ.
„Кога претседателот (Володимир) Зеленски ме напаѓа лично затоа што не го поддржуваме забрзаното пристапување на Украина во Европската Унија, тој всушност ја доведува во прашање суверената одлука на унгарскиот народ“, тврди лидерот на Фидес.
Орбан верува дека Унгарците покажаа дека не сакаат Украина да стане дел од ЕУ во анкетата Vox2025. Ова е владина иницијатива за необврзувачка национална консултација спроведена во 2025 година. Во земја со околу 9,6 милиони луѓе, владата тврди дека 2,2 милиони луѓе учествувале во анкетата.
„Како премиер на Унгарија, моја должност е да ги исполнувам одлуките на унгарскиот народ. И ќе го правам тоа, одново и одново, без разлика дали на претседателот Зеленски му се допаѓа или не“, заклучи Орбан.
Премиерот на Унгарија, земја која беше исклучително зависна од руската енергија пред војната во Украина, и за која критичарите велат дека не е подготвена да се откаже од оваа поповолна финансиска опција, неодамна ја прогласи Украина за „непријател“ на Унгарија.
„Украинците мора да престанат постојано да бараат во Брисел да се прекине протокот на евтина руска енергија кон Унгарија“, рече Орбан минатата недела.
„Додека Украина го прави ова, таа е наш непријател“, заклучи унгарскиот премиер, кој ја посети Москва најмалку три пати од почетокот на офанзивата во Украина.
Орбан ги претставува изборите во април како одлука „за војна или мир“, а аналитичарите веруваат дека тој одлучил да се фокусира на украинското прашање во кампањата за да избегне да зборува за унгарската економија, која стагнира по зголемената инфлација.
фото/Depositphotos

