Свет
Британски гејмер бил сведок на убиство на пријателка од Финска додека играл онлајн игра

Британски гејмер бил сведок на страшно злосторство кога неговата онлајн пријателка (32) била смртно избодена во својот дом во Финска, а тој оддалечен повеќе од 1500 километри слушал без можност да спречи. Нападот се случил додека двајцата играле видео игра, јавува „Сан“.
Според полицискиот извештај, непознатиот Британец играл онлајн со пријателката околу 22 часот кога изненадно слушнал звук од скршен прозорец. Во паника ја прашал дали ги заклучила вратите, но веднаш потоа слушнал како убиецот на фински разговара со жртвата.
Британецот, немоќен да помогне, на 23 април во 5 часот наутро локално време, испратил е-пошта до финската полиција. Полицијата следниот ден го пронашла безживотното тело на жената во дневната соба и веднаш започнала истрага.
Истражувањето покажало бизарен ред на настани. По бруталното убиство, убиецот се упатил педесетина километри северно до градот Јува и запалил штала. Сосед го забележал пожарот и излегол надвор, а десетина минути подоцна бил сведок на страшна глетка– маж со рацете раширени излегол од изгорениот објект. Итната помош брзо стигнала и го пренела во болница, но мажот починал од тешките изгореници.
Криминалистичката инспекторка Марфа Раипела изјавила дека извршителот не бил познат на полицијата и дека случајот не се третира како терористички чин. Утврдено е дека ден претходно се преселил од својот дом во Иматра до Пумалу, каде што немал договорена средба со никого. Мотивот за ова дело останува непознат.
Полицијата верува дека жртвата била случајно избрана, поради тоа што нејзината куќа била лесно достапна и единствена со вклучено светло во тој момент. Со оглед на тоа што единствениот осомничен починал, случајот е официјално затворен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нападот во Катар не беше мудар потег, му рекол Трамп на Нетанјаху

Американскиот претседател Доналд Трамп му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека неговата одлука да изврши воздушни напади врз припадници на палестинската милитантна група Хамас во Катар не била мудра.
Детали од разговорот објави Волстрит журнал, повикувајќи се на високи претставници на администрацијата.
Весникот наведува дека Трамп тоа го изјавил за време на жешкиот телефонски разговор со Нетанјаху во вторникот, по нападот врз припадници на Хамас во Доха, пренесува Ројтерс.
Според весникот, Нетанјаху одговорил дека имал краток временски простор за покренување на нападот и дека ја искористил можноста.
Вториот разговор меѓу двајцата лидери, кој се одржал подоцна истиот ден, според извор од претседателската администрација, бил срдачен, а Трамп го прашал Нетанјаху дали нападот бил успешен.
Свет
Ученик пукаше во средно училиште во Колорадо – двајца тинејџери повредени, напаѓачот почина

Ученик отвори оган во средно училиштево предградие на Денвер, Колорадо, при што бea повредени двајца тинејџери, а потоа напаѓачот го насочил оружјето кон себе. Подоцна властите потврдија дека починал.
Истрелите биле испукани и во внатрешноста и надвор од училиштето. Полицијата пристигнала на местото во рок од пет минути и го пронашла напаѓачот, соопшти портпаролката на шерифската канцеларија на округот Џеферсон, Џеки Кели. Таа истакна дека ниту еден полицаец не отворил оган.
Повеќе од 100 припадници на безбедносните сили од околината биле испратени да помогнат.
Повредените ученици биле пренесени во болница и првично биле во критична состојба. До вечерта, еден од нив бил стабилизиран.
Средното училиште „Евергрин“ брои повеќе од 900 ученици.
Округот Џеферсон е местото каде во 1999 година во пукањето во училиштето „Колумбајн“ беа убиени 14 лица.
Свет
Белорусија ја предупредила Полска за беспилотни летала во нејзин правец

Началникот на Генералштабот на полските вооружени сили, генерал Вислав Кукула, потврди дека Полска добила информации од Белорусија за беспилотни летала кои се движеле во нејзин правец, пренесува ТВN24.
Кукула ја потврди изјавата на Белорусија дека испратила предупредување до Полска во врска со леталата.
„Белорусите нè известија дека беспилотни летала го прелетуваат нивниот воздушен простор кон Полска“, изјави тој.
На прашањето за моментот на предупредувањето, рече дека тоа му било корисно, додавајќи дека е изненаден што Белорусија, и покрај напнатите односи на копнената граница, се одлучила за соработка од ваков вид.
Во меѓувреме, Полската армија соопшти дека соборила беспилотни летала кои го нарушиле нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз Украина.
„Распоредено е оружје, а службите работат на лоцирање на соборените објекти. Се работи за сериозно нарушување на воздушниот простор“, соопшти Полската оперативна команда.
Премиерот Доналд Туск изјави дека најмалку 19 беспилотни летала влегле во полскиот воздушен простор. Досега се пронајдени остатоци од 15 беспилотни летала и ракети со неидентификувано потекло.