Свет
Британски експерти: Коронавирусот ќе биде тука уште многу, многу години
Велика Британија ќе живее со коронавирусот уште многу години, па дури и вакцината е малку веројатно да го отстрани засекогаш, предупредуваат британски експерти, објави Би-би-си.
Директорот на „Велком траст“, независна организација за истражувања, Џереми Фарар, изјави пред Комитетот за здравство во британскиот парламент дека корона-кризата нема да заврши до Божиќ.
Тој додаде дека човештвото ќе живее со вирусот со децении.
Оваа изјава доаѓа откако премиерот на Британија, Борис Џонсон, рече минатата недела дека се надева на враќање на нормалниот живот до Божиќ.
Експертите велат дека е важно да се биде реален дека вирусот сè уште ќе биде овде.
Џереми, кој е член на САГЕ, владино советодавно тело, рече дека светот ќе живее со Ковид-19 уште многу, многу години.
„Работите нема да бидат готови до Божиќ. Дури и ако имаме вакцина или многу добри третмани, човештвото, сепак, ќе живее со овој вирус многу, многу години“, вели тој.
Професорот Џон Бел, од Универзитетот во Оксфорд, смета дека е малку веројатно дека Ковид-19 ќе се елиминира некогаш и покрај позитивните вести објавени вчера дека испитувањата на неговиот универзитет предизвикале имунолошки одговор – важен чекор во развојот на вакцина.
„Реалноста е дека овој патоген е тука засекогаш, тој не оди никаде“, рече тој пред пратениците.
„Погледнете колку проблеми имаа во елиминацијата на детската парализа, таа програма за искоренување трае веќе 15 години. Значи, вирусот ќе дојде и ќе си оди, и потоа ќе имаме зими каде ќе се враќа. Мала е веројатноста вакцината да има траен ефект што ќе трае долго време, затоа ќе мора да имаме континуиран циклус на вакцинации, а потоа и повеќе болести, и повеќе вакцинации и повеќе болести. Затоа, мислам дека идејата дека ќе го елиминираме вирусот низ целата популација не е реална“, додава Бел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.
Свет
Трамп сака до Денот на независноста да ја запре војната во Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обидува да постигне договор за прекин на војната во Украина пред 4 јули, кога ќе биде домаќин на одбележувањето на 250-годишнината од американската независност, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на високи американски функционери.
За време на претседателската кампања, Трамп повеќепати ветуваше дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сепак, околу 400 дена по почетокот на неговиот втор мандат, тристраните разговори не довеле до договор.
Трамп сега, според „Блумберг“, има цел војната да заврши во рок од четири месеци. Но, Кремљ денеска, на четвртата годишнина од почетокот на војната, порача дека борбите ќе продолжат сè додека не се остварат руските цели во Украина.
Свет
ОН ги повикаа САД да го подмират долгот од над четири милијарди долари
Претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок, ги повика САД целосно и навреме да ја подмират својата членарина кон светската организација, откако Вашингтон уплатил само дел од долгот.
Како што пренесе „Ројтерс“, САД уплатиле околу 160 милиони долари од вкупниот долг од повеќе од четири милијарди долари кон Обединети нации.
Генералниот секретар на ОН предупредил дека организацијата се соочува со „многу скор финансиски колапс“ поради неплатени членарини.
Баербок изјави дека „секојa земја членка мора да го плати својот придонес во целост и навреме“, додавајќи дека 160 милиони долари „очигледно не е целосниот износ“.
Минатата недела, американскиот претседател, Доналд Трамп, беше домаќин на состанок на својот „Одбор за мир“, иницијатива за која дел од експертите сметаат дека може да ги поткопа ОН. Баербок посочи дека за прашањата на мир и безбедност постои легитимно тело, односно Обединетите нации.

