Свет
(Видео) Белорусија донела руски екипи да ги преземат државните медиуми
Директорка на еден државен ТВ-канал за вести во Белорусија изјави во средата дека таа и другите штрајкувачи неделава биле заменети со руска екипа за време на тековните антивладини протести во земјата.
Белорускиот портал TUT.BY во средата објави видео во кое жената, која се идентификува како Алена Мартиновскаја, директорка на државниот ТВ и радиоканал „Белорусија 3“.
Мартиновскаја му кажува на локален репортер дека нејзе и на нејзините колеги во редакцијата во средата им било забрането да продолжат со работа откако учествувале во работничките штрајкови изминатите неколку дена, тврдејќи дека државната компанија донела руски специјалисти за да ги заменат.
„Денес, моите колеги и јас отидовме на работа околу 9 часот наутро. Пред зградата имаше полицаец кој чуваше стража. Тој ме праша каде одам и јас му реков: ‘Да работам’. Тој рече: ‘Те молам, покажи ми ја твојата легитимација’ и праша за моето презиме“, вели Мартиновскаја во клипот, преведен и транскрибиран од руски на англиски од „Њузвик“.
„Тогаш тој ми рече: ‘Вие сте на црната листа и не можеме да ве пуштиме’. Прашав зошто и тој рече: ‘Ете така. Јавете му се на шефот за да потврдите што се случува’ “, продолжува таа.
Сотрудница Белтелерадиокомпании говорит, что сегодня ее не пустили на работу. По ее словам, бастующих сотрудников заменили российскими специалистами. pic.twitter.com/Di5LtePPAz
— TUT.BY (@tutby) August 19, 2020
Мартиновскаја се сомнева дека „црната листа“ вклучува имиња на луѓе како неа, кои или излегоа на штрајк или ги напуштија своите работни места за да протестираат против резултатите од неодамнешните претседателски избори во Белорусија. Таа тврди дека владата на Белорусија донела руски екипи за да ги замени новинарите од црната листа.
„Два авиона со вработени беа испратени од Русија. Тие ги преземаат нашите одговорности за голема сума пари“, тврди Мартиновскаја.
На 9 август Александар Лукашенко го доби својот шести последователен мандат како претседател на Белорусија, каде што владее изминатите 26 години како прв и единствен претседател.
Дисиденти велат дека Централната изборна комисија на Белорусија ги фалсификувала резултатите од изборите за да му го донесе убедлива победа на Лукашенко и излегоа на улиците да протестираат против гласањето.
Протестите продолжија на национално ниво изминатите 11 дена и прераснаа во општо движење против Лукашенко. Демонстрациите се соочија со прекумерна сила од полицијата, но добија поддршка од САД и Европската Унија.
Во средата ЕУ рече дека не ги признава резултатите од претседателските избори на 9 август како легитимни и најави дека ќе воведе нови санкции за претставниците на Белорусија одговорни за насилството, репресијата и за измама на изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
За прв пат во историјата, астронаути се евакуирани од Меѓународната вселенска станица од здравствени причини
Четворица астронаути ја напуштија Меѓународната вселенска станица (МВС) еден месец порано од планираното, во првата медицинска евакуација откако станицата беше лансирана во орбитата на Земјата во 1998 година.
Астронаутите би требало да слетаат во морето покрај брегот на Калифорнија во раните утрински часови во четврток по локално време. Нивната мисија беше скратена поради медицинска состојба на еден од членовите на екипажот, соопшти НАСА.
НАСА не го објави идентитетот на астронаутот ниту природата на медицинската состојба, но наведе дека е стабилен. Командата на МВС е предадена на рускиот космонаут Сергеј Куд-Сверчков и уште двајца членови на екипажот.
Во екипажот што се враќа се американските астронаути Мајк Финке и Зена Кардман, јапонскиот астронаут Кимија Јуи и рускиот космонаут Олег Платонов. Тие пристигнаа на МВС на 1 август, со планиран престој од шест и пол месеци, и требаше да се вратат кон средината на февруари.
Но, минатата недела, планираната вселенска прошетка на Финке и Кардман беше откажана во последен момент. Неколку часа подоцна, НАСА објави дека еден член на екипажот се разболел. „Постојат мешани чувства“, рече Финке во понеделникот додека му ја предаваше командата на Куд-Сверчков.
МВС орбитира околу Земјата на надморска височина од околу 400 километри, правејќи 16 орбити околу планетата дневно и патувајќи со брзина од околу 28.000 километри на час. Станицата ја управуваат пет вселенски агенции и спроведува обемни научни истражувања за вселената и ефектите од бестежинската состојба врз луѓето, животните и растенијата.
Свет
Израел и Иран постигнаа таен договор преку Русија
Во услови на високи тензии, Израел и Иран тајно разменија пораки, со посредство на Русија, уверувајќи се едни со други дека нема да извршат први напад.
Неколку дена пред да избувнат протестите во Иран кон крајот на декември, израелските власти го информираа Техеран преку Москва дека нема да го нападнат Иран доколку први не бидат нападнати.
Иран одговори преку истиот канал дека ќе се воздржи и од превентивен напад, изјавија дипломати и регионални претставници запознаени со комуникациите, според „Вашингтон пост“.
Комуникациите се невообичаени со оглед на непријателството меѓу двата блискоисточни соперници, кои водеа 12-дневна војна минатиот јуни.
Според дипломатите, контактите ја одразуваа желбата на Израел да избегне ескалација додека се подготвува за воена кампања против Хезболах, либанска милиција во сојуз со Иран.
Приватните уверувања беа во спротивност со јавната реторика на израелските претставници кон крајот на минатата година, кога отворено алудираа на можноста за нови напади врз Иран за да се запре неговиот арсенал од балистички ракети.
Иако иранските претставници позитивно одговорија на израелската иницијатива, тие останаа претпазливи, изјавија двајца претставници запознаени со размената. Иран верува дека дури и ако израелските гаранции се искрени, останува отворена можноста американската војска да започне напади врз Иран како дел од координирана кампања, додека Израел ќе ја фокусира својата воена моќ исклучиво врз Хезболах.
Сепак, „за Иран беше добра зделка“ да се држи настрана од потенцијален конфликт меѓу Израел и Хезболах, изјави висок регионален претставник кој зборуваше под услов да остане анонимен. Американски претставници изјавија дека иранската поддршка за Хезболах веќе се намалила додека Техеран се справуваше со внатрешни немири.
Свет
Иранско судство: Демонстрантот Ерфан Солтани не е осуден на смрт
Иранското судство ги негираше извештаите дека демонстрантот Ерфан Солтани е осуден на смрт, објавија иранските државни медиуми.
Солтани претходно беше наведен како првиот демонстрант во Иран кој ја доби најстрогата казна од почетокот на сегашните немири.
Неговото семејство претходно изјави дека им било кажано дека егзекуцијата е одложена.
Иранското судство објави дека 26-годишниот Ерфан Солтани, кој беше уапсен на 10 јануари за време на протестите во Иран, не е осуден на смрт, објавија државните медиуми, пренесува Ројтерс.
Се вели дека Солтани е обвинет за „здружување против внатрешната безбедност на земјата и пропагандни активности против режимот“, но судството појасни дека смртната казна не се однесува на вакви обвиненија доколку бидат потврдени од судот.
Солтани е задржан во централниот затвор во Карај, се вели во извештајот.

