Свет
(Видео) Во Амазонија букнаа над 1.000 пожари за едно деноноќие
И покрај воведените мерки, бројот на пожари во бразилскиот регион Амазонија продолжува да расте.
Во девет бразилски држави кои граничат со Амазонија, бројот на пожари се зголеми за повеќе од 20 проценти во јули во однос на истиот месец минатата година, а тие податоци беа објавени од Националниот институт за вселенско истражување.
Институтот наведува дека 6.804 пожари се регистрирани во јули годинава, наспроти 5.318 во јули минатата година. Официјалните лица стравуваат дека 2020 година би можела да биде уште полоша од 2019 година за дождовните шуми во Бразил.
Само во четвртокот, сателитите снимија 1.007 пожари во Амазонија, што е рекордно во јули.
Во средината на јули, министерот за животна средина Рикардо Салес и претседателот Жаир Болсонаро го забранија палењето на растенијата во амазонскиот регион и во Пантанал – најголемото мочуришно подрачје на светот, во период од 120 дена.
Десничарскиот популист Болсонаро ја поддржува економската експлоатација на Амазонија. Тој беше жестоко критикуван за разорните пожари минатата година.
Го обвинуваат дека прифатил уништување за да отвори нови области за земјоделство, добиток и рударство.
Амазонија е најголемата прашума во светот, а научниците предупредуваат дека станува збор за клучна одбрана против климатските промени затоа што апсорбира гасови од стаклена градина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руската воздушна одбрана соборила 79 украински дронови
Руската воздушна одбрана соборила 79 украински дронови во текот на ноќта, соопшти руското Министерство за одбрана.
– Во текот на изминатата ноќ, силите на воздушната одбрана на должност пресретнаа и уништија 79 украински беспилотни летала од авионски тип. Вкупно 36 беа над територијата на Ростовскиот регион, 10 над територијата на Брјанскиот регион, 9 над територијата на Курскиот регион, се вели во соопштението на министерството.
Свет
САД ги укинаа санкциите против сирискиот претседател
САД денес ги укинаа санкциите врз сирискиот претседател Ахмед ал-Шариа, само неколку дена пред неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
Според белешката на веб-страницата на американското Министерство за финансии, САД ги отстранија ознаките за глобални терористи од ал-Шариа и сирискиот министер за внатрешни работи Анас Хатаб. Велика Британија, исто така, денес ги укина санкциите врз сирискиот претседател, еден ден откако Советот за безбедност на ОН го стори истото.
Портпаролот на Европската унија денес изјави дека одлуката на ОН ќе влијае и врз мерките на ЕУ. Ал-Шариа и Хатаб претходно беа под финансиски санкции кои беа насочени кон Исламска држава и Ал Каеда.
фотo: принтскрин
Свет
Универзитетот Корнел постигна договор со Трамп за деблокирање на парите за истражување
Универзитетот Корнел денес објави дека постигнал договор со администрацијата на Трамп за моментален поврат на повеќе од 250 милиони долари од финансирањето за истражување кое беше замрзнато од април.
Претседателот на Корнел, Мајкл Котликоф, во соопштението изјави дека универзитетот ќе ѝ плати на владата 30 милиони долари и ќе инвестира дополнителни 30 милиони долари во земјоделски истражувања во текот на три години како дел од договорот.
Тој нагласи дека ниту една владина истрага или преглед на работата на универзитетот не открила дека ги прекршил законите за граѓански права. Администрацијата се согласи да ги затвори сите истраги.
Министерката за образование, Линда Мекмахон, објави на платформата X дека договорот е уште една победа во напорите за ставање крај на „поларизирачките политики на DEI“ на врвните американски универзитети кои ја сочинуваат таканаречената Ајви лига.
Администрацијата на Трамп го замрзна финансирањето на универзитетот во април бидејќи рече дека не направил доволно за борба против антисемитизмот.
Администрацијата на Трамп врши притисок врз врвните американски универзитети поради пропалестинските студентски протести, кои ги смета за антисемитски, и политиките насочени кон поттикнување на различноста, кои ги смета за дискриминаторски.
Харвард, најбогатиот и најстариот универзитет во Соединетите Американски Држави, е исто така цел на администрацијата на Трамп и започна правна битка, но сè уште бара спогодба. Трамп во септември изјави дека договорот со Харвард е блиску.
Универзитетот Колумбија и другите американски универзитети постигнаа договори со Трамп ова лето.
фото: принтскрин

