Свет
(Видео) Гром уби цело стадо крави во Никарагва
Шеесет крави угинале по удар на гром на фармата Фертимар лоцирана во општината Чонталес во Никарагва, јавија локалните медиуми.
Кравите биле на земјоделец од Гватемала. Молњата ги удрила откако поради силните дождови, животните се засолниле под дрво.
Un rayo mató la noche del pasado martes a 60 vacas en una finca de Juigalpa, Chontales#Video
Nota completa >> https://t.co/wjBQrwnp1g pic.twitter.com/hVyI8bsrgp
— La Nueva Radio YA (@nuevaya) October 23, 2019
Ова е втор пат годинава како гром убива стадо крави во Никарагва. На 9. јуни силна молња уби 21 крава на фарма на островот Ометепе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бербок: Германија ќе обезбеди дополнителни 100 милиони евра помош за Украина оваа зима
Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека оваа земја, зимава ќе обезбеди дополнителни 100 милиони евра помош за Украина.
„Јасно е дека доаѓа есента, зимата е веднаш зад аголот. Русија планира уште една зимска војна со цел да ги направи животите на луѓето во Украина што е можно пострашни“, рече Бербок за време на нејзината посета на Молдавија, пренесува Танјуг.
Русија врши напади врз украинската енергетска инфраструктура како што се електрани, што доведува до прекини на електричната енергија во некои делови од земјата, наведува Ројтерс.
Свет
Стотици загинати во Мјанмар по тајфунот Јаги: „Најлошите поплави во историјата на земјата“
Бројот на загинати во Мјанмар по тајфунот Јаги се искачи на повеќе од 220, а речиси 80 други се уште се водат како исчезнати, соопшти воената влада.
Тајфунот го погоди северниот дел на Виетнам, Лаос, Тајланд и Мјанмар на почетокот на септември и досега, според официјалните податоци, уби повеќе од 500 луѓе ширум регионот.
Јаги предизвика големи поплави и лизгање на кал во Мјанмар, при што загинаа најмалку 226 лица, додека цели села беа уништени. Со уништени стотици илјади хектари земјоделски култури, ОН, исто така, предупреди дека на повеќе од половина милион луѓе во земјата разурната од војна итно им е потребна храна и вода за пиење, засолниште и облека.
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA) соопшти дека околу 631.000 луѓе биле погодени од поплавите во Мјанмар.
Агенцијата додава дека комуникациските линии се прекинати, патиштата се блокирани и мостовите се оштетени, што сериозно ги отежнува напорите за доставување помош.
Лошата комуникација, особено со оддалечените области, исто така го отежнува собирањето податоци за жртвите.
Според Светската програма за храна (WFP), овие поплави се најлошите во поновата историја на Мјанмар.
Свет
Отпорноста на антибиотици се зголемува велат научниците: „До 2050 година би можеле да умрат 39 милиони луѓе“
Повеќе од 39 милиони луѓе ширум светот би можеле да умрат од инфекции со бактерии отпорни на антибиотици во следните 25 години, покажува студијата објавена денес во „Лансет“, во која се нагласува дека сè уште е можно да се избегне тоа мрачно сценарио.
Веќе идентификуван како главен здравствен проблем, се проценува дека отпорноста на антибиотици дополнително ќе се зголемува. Од 1990 до 2021 година, повеќе од еден милион луѓе ширум светот умреле директно како резултат на отпорност на антибиотици, забележале авторите.
Тие анализирале 22 патогени, 84 комбинации на третман со патогени и 11 инфективни синдроми кај луѓе од сите возрасти од 204 земји и територии, користејќи податоци од повеќе од 520 милиони луѓе.
Во текот на тие три децении, смртноста на децата под 5-годишна возраст, која би била директна последица на отпорноста на антибиотици, е намалена за 50 проценти, што е резултат на подобрувањата во превенцијата и контролата на инфекции на нивната возраст.
Но, паралелно, смртноста кај возрасните на возраст од 70 или постари се зголеми за 80 проценти во тој период, заедно со брзото стареење на населението и поголемата подложност на таа популација на инфекции.
Во однос на патогените, морталитетот се зголеми најмногу по инфекциите со Staphylococcus aureus (MRSA) отпорен на метицилин. Кога се гледаат грам-негативни бактерии, најчеста била отпорноста на карбапенеми, антибиотици со широк спектар. Во следните децении, смртните случаи поради отпорност на антибиотици само ќе се зголемуваат, се вели во студијата.
Бројот на директни жртви би можел да достигне 1,91 милиони годишно ширум светот до 2050 година, што е скок од повеќе од 67 отсто во споредба со 2021 година, според моделите создадени од авторите на студијата. До средината на овој век, отпорноста на антибиотици ќе игра улога во 8,22 смртни случаи секоја година, што е зголемување за 74,5 проценти од 2021 година.
Севкупно, помеѓу 2025 и 2050 година, отпорноста на антибиотици директно ќе предизвика смрт на повеќе од 39 милиони луѓе ширум светот и ќе биде поврзана со уште 169 милиони смртни случаи, проценуваат научниците.
Но, можни се и помалку песимистички сценарија. Научниците велат дека „сега е време да се дејствува“ за да се заштитат луѓето ширум светот од опасностите што ги носи отпорноста на антибиотици.
Студијата ја нагласува потребата од мерки кои комбинираат превенција од инфекции, вакцинација, минимизирање на несоодветната употреба на антибиотици и истражување на нови антибиотици за да се ублажи бројот на смртни случаи предвидени до 2050 година.