Свет
(Видео) Единствената сестра на Адолф Хитлер за која ретко се зборува
Паула Хитлер била единствената сестра на Адолф Хитлер која го доживеала зрелото доба. Во исто време, го поминала животот во сенката на човекот што стана симбол на злото во 20. век.
За разлика од својот брат, Паула живеела повлечен и анонимен живот, настојувајќи што повеќе да се дистанцира од политиката и од нацистичкиот режим.
Родена е на 21 јануари 1896 година во Хафелдинг кај Линц, во тогашна Австро-Унгарија. Била најмладото дете на Алојз Хитлер и Клара Пелцл. Поголемиот дел од нејзините браќа и сестри починале во раното детство, па зрелото доба го доживеале само Адолф и Паула.
По смртта на таткото во 1903 и мајката во 1907 година, децата останале без родителска грижа, а нивниот однос со текот на времето се оладил.
Паула и Адолф никогаш не биле блиски. Додека Адолф ја градел својата политичка кариера во Германија, неговата сестра живеела скромно и главно надвор од јавноста. Не била членка на Националсоцијалистичката партија, ниту учествувала во политичкиот живот на Третиот Рајх. Сепак, повремено била финансиски зависна од братот, кој ѝ обезбедувал парична помош и сместување, пренесува Индекс.
Живот во сенка
Интересно е што Паула го користела презимето Волф – истиот псевдоним што Адолф повремено го користел – со цел да го прикрие својот идентитет и да избегне несакано внимание.
За време на нацистичкото владеење, Паула живеела претежно во Виена, работејќи повремени работи и избегнувајќи јавност. По завршувањето на Втората светска војна кратко била испрашувана од американските власти, но против неа не била покрената никајва постапка, бидејќи немало докази за политички или идеолошки ангажман.
Во повоените години живеела во Баварија, скромно и повлечено. Иако во приватни разговори тврдела дека го сакала братот како член на семејството, никогаш јавно не ги бранела неговите злосторства ниту политички се огласувала.
Паула Хитлер починала во Берхтесгаден, на 64-годишна возраст. Била погребана без поголеми обележја, а нејзиниот живот останал маргинална фуснота во историјата, главно поради крвното сродство со Адолф Хитлер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британската полиција ги истражува летовите на Епстин од аеродромот Стенстед
Полицијата во Есекс ги истражува информациите за приватни летови кои слетувале и полетувале од аеродромот Стенстед, по објавувањето на документи поврзани со Џефри Епстин. Овој потег следи откако поранешниот премиер Гордон Браун минатата недела ја повика британската полиција итно да ги испита тврдењата за криумчарење жени и девојки во земјата со авиони, пренесува Скај њуз.
Браун во текст за „Њу стејтсмен“ навел дека неодамна објавените документи за Џефри Епштајн откриваат дека авионот на осудениот педофил имал 90 летови кон или од британски аеродроми. Тој истакнал дека дури 15 од тие летови се случиле откако Епстин во 2008 година бил осуден за сексуален престап.
Портпаролот на полицијата во Есекс изјавил: Ги проценуваме информациите што се појавија во врска со приватните летови кон и од аеродромот Стенстед, по објавувањето на списите за Епштајн од страна на американското Министерство за правда.
Од аеродромот Стенстед соопштиле дека сите приватни авиони таму оперираат преку независни оператори (Fixed Base Operators), кои се задолжени за сите аспекти на приватното и корпоративното воздухопловство во согласност со прописите. Нагласиле дека сите имиграциски и царински проверки на патниците на приватни летови ги спроведува директно Граничната полиција.
„Тие користат целосно независни терминали со кои не управува Лондон Стенстед и ниту еден патник од приватен авион не влегува во главниот терминал на аеродромот. Аеродромот не управува ниту има увид во патничките аранжмани на приватно оперираните авиони“, се наведува во соопштението.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.
Свет
Истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико по тврдењата за закопани девојки
Властите на сојузната држава Ново Мексико покренаа истрага за ранчот „Зоро“, кој му припаѓал на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, по обвинувањата дека на тој имот надвор од Санта Фе сексуално злоупотребувал девојки и жени, објави Аксиос.
Според пратеничката Андреа Ромеро, истрагата има за цел откривање на вистината и овозможување преживеаните да добијат правда.
Министерството за правда на Ново Мексико минатата недела му пишало на Министерството за правда на САД барајќи нецензуриран пристап до анонимен мејл од 2019 година во кој се наведува дека две „странски девојки“ биле закопани на ранчот „Зоро“.
Ранчот, кој Епстин го поседувал од 1993 година до неговата смрт во 2019 година, се простира на повеќе од 7.600 хектари и се појавува во повеќе јавно објавени досиеја поврзани со него.
Преживеаните тврделе дека биле злоупотребувани на тој имот, вклучително и сведочењето на Ени Фармер, која за време на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година го обвинила Епстин дека ја злоупотребувал на тој ранч.
Двопартискиот одбор на Претставничкиот дом на Ново Мексико ќе собира сведоштва од преживеани и планира јавно именување на осомничените сторители.
Пратениците истакнуваат дека ранчот долго време бил надвор од дометот на правдата и дека истрагата има за цел обновување на довербата на јавноста и заштита на безбедноста на граѓаните.
Сегашните сопственици на ранчот, семејството на поранешниот сенатор од Тексас, Дон Хафинс, вети целосна соработка.
Првиот состанок на одборот е закажан за вторник, а привремениот извештај до Претставничкиот дом мора да биде поднесен до 31 јули, додека конечниот извештај се очекува до 31 декември, вклучувајќи и препораки за понатамошни постапки.

