Свет
(Видео) Жена која исчезна пред две години рибарите ја најдоа жива во морето
Колумбијката Анџелика Гаитан (46) е пронајдена папсана и со хипотермија додека лебдела на морето во близина на брегот на градот Пуерто Колумбија во провинцијата Атлантико. Таа е забележана во водата на 26 септември, две години по нејзиното исчезнување. Ја пронашол локалниот рибар Роландо Висабал.
Според колумбиските медиуми, рибарот на почетокот не сфатил дека станува збор за човечко тело.
Видеото, кое бргу се прошири на интернет, покажува како рибарите ја влечат беспомошната жена со помош на јаже.
Според извештаите од болницата, жената пловела во водата околу осум часа и дошла во болница во состојба на шок. Кога закрепнала, Гаитан изјавила дека жали за моментот кога решила да скокне во водата и како самиот Бог ја спасил од давење.
– Благодарна сум, Бог ми даде нова можност да продолжам – рече таа.
Полицијата почна истрага за случајот за да се открие каде била спасената жена во изминатите две години.
Несреќната жена за RCNRadio изјавила дека нејзиниот сопруг ја тепал и малтретирал за време на последните две бремености, пренесува DailyMail, а таа не можела да избега поради децата. И откако го пријавила неколку пати, сè се враќало по старо.
Во друго интервју таа рече дека била заклучена во сопствената куќа и нејзиниот сопруг ѝ забранувал да користи тоалет. Тој ја тепал и се обидел да ја убие во 2018 година.
Според нејзиното сведочење, пред две години избегала и шетала по улиците шест месеци сè додека не била примена во засолниште за жени, каде што кажала дека била исто така малтретирана и не го нашла засолништето по кое копнеела.
„Жените ја исклучуваа водата додека се туширав или ставаа течен сапун во мојот сок“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранско судство: Демонстрантот Ерфан Солтани не е осуден на смрт
Иранското судство ги негираше извештаите дека демонстрантот Ерфан Солтани е осуден на смрт, објавија иранските државни медиуми.
Солтани претходно беше наведен како првиот демонстрант во Иран кој ја доби најстрогата казна од почетокот на сегашните немири.
Неговото семејство претходно изјави дека им било кажано дека егзекуцијата е одложена.
Свет
Иран до Трамп: Не ја повторувај грешката од јуни
Министерот за надворешни работи на Иран го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да не ја повторува грешката од претходните воени судири, нагласувајќи дека Техеран е подготвен за дипломатија.
„Мојата порака е, не ја повторувајте грешката што ја направивте во јуни. Ќе го добиете истиот резултат“, изјави Абас Арагчи за Фокс њуз, осврнувајќи се на американските напади врз три нуклеарни објекти во Иран како дел од 12-дневната војна меѓу Иран и Израел.
„Знаете, ги уништивте објектите во јуни, но технологијата не може да се бомбардира, ниту решителноста не може да се бомбардира“, рече тој, осврнувајќи се на неодамнешните тензии и ставот на САД кон Техеран. Арагчи истакна дека Иран немал позитивно искуство со САД, но патот на преговорите останува подобар. „Иран покажа дека е подготвен за преговори, подготвен за дипломатија“, рече тој.
„Имаме докази дека во текот на изминатите 20 години, САД секогаш бегале од дипломатијата, ја запирале дипломатијата по војната. Мојата порака е дека помеѓу војната и дипломатијата, дипломатијата е подобар пат. Иако немаме позитивно искуство од Соединетите Американски Држави, дипломатијата е сепак многу подобра од војната“, рече тој.
Свет
Егзекуцијата на иранскиот демонстрант Ерфан Солтани е одложена, велат семејството и групата за човекови права
Егзекуцијата на иранскиот демонстрант Ерфан Солтани не е извршена вчера, потврдија член на семејството и Хенгав, група за човекови права со седиште во Норвешка.
Сомаје, братучетка на Солтани, која не сакаше да го даде своето целосно име од безбедносни причини, изјави за Си-ен-ен дека егзекуцијата не се случила како што е планирано во текот на денот. Сепак, таа додаде дека не е откажана и дека семејството сè уште чека повеќе информации. Хенгав, исто така, објави доцна во среда дека егзекуцијата на Солтани е одложена.
Според Хенгав, 26-годишниот Солтани бил уапсен во својот дом минатиот четврток. Четири дена по неговото апсење, на неговото семејство му било кажано дека неговата егзекуција е закажана. Веста доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно во среда изјави дека Иран „нема планови за егзекуции“.

