Свет
(Видео) Првпат снимено како се формира срцето: „Ова фундаментално менува сè“

Првпат научниците успеаја да направат извонредни „тајмлапс“ фотографии што го прикажуваат моментот кога срцето почнува да се формира.
Фотографиите покажуваат како срцевите клетки во ембрион на глушец спонтано почнуваат да се организираат во форма слична на срце во многу рана фаза од развојот. Научниците веруваат дека оваа техника би можела да обезбеди нови сознанија за вродените срцеви мани, кои влијаат на речиси едно од 100 новороденчиња, пишува „Гардијан“.
„Ова е првпат да можеме да ги набљудуваме срцевите клетки толку внимателно и во толку долг временски период во развојот на цицачите“, рече д-р Кензо Иванович од Институтот за здравје на децата „Грејт Ормонд стрит“ при Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), главен автор на студијата.
„Првин моравме сигурно да одгледуваме ембриони во садови подолг период, од неколку часа до неколку дена, и она што го откривме беше сосема неочекувано“.
Фотографиите од развојот на ембрионот се направени со помош на напредна техника на светлосна микроскопија, што им овозможи на научниците да ги следат ембрионите додека минуваат низ клучна фаза од развојот, позната како гаструлација, кога ембрионот почнува да формира разни типови клетки и да воспоставува основни телесни оски.
Кратко потоа клетките на срцевиот мускул се организираат во голема цевка, која потоа се дели на оддели, од кои ќе се развијат ѕидовите и коморите на срцето. Кај деца со вродени срцеви мани овој процес може да предизвика дупка во ѕидовите на срцето.
Користејќи флуоресцентни маркери, тимот ги обележал клетките на срцевиот мускул – кардиомиоцитите, кои светеле во разни бои. На секои две минути, во текот на 40 часа, биле правени фотографии покажувајќи како клетките се движат, се делат и формираат примитивен орган. Ова им овозможи на истражувачите точно да следат каде и кога првите клетки што го сочинуваат срцето се појавуваат во ембрионот.
Научниците откриле дека рано за време на гаструлацијата (околу шестиот ден од развојот на ембрионот кај глувците), се појавуваат клетки што се развиваат исклучиво во срцето и дека се однесуваат на високоорганизиран начин. Наместо да се движат случајно, клетките следат јасно дефинирани патеки, без разлика дали ги формираат срцевите комори (коморите што пумпаат крв) или преткоморите (каде што крвта влегува во срцето од телото и белите дробови).
„Нашите наоди покажуваат дека одлуката на клетката да стане срцева клетка и нејзиното насочено движење може да се случи многу порано во ембрионалниот развој отколку што сугерираа претходните модели“, рече Иванович. „Ова фундаментално го менува нашето разбирање за развојот на срцето бидејќи покажува дека она што изгледа како хаотична клеточна миграција, всушност, следи скриени обрасци што обезбедуваат правилно формирање на срцето“.
Научниците веруваат дека ова знаење би можело да ги подобри разбирањето и третманот на вродените срцеви мани, но и да го забрза напредокот во одгледувањето срцево ткиво во лабораторија за целите на регенеративната медицина. Студијата е објавена во „ЕМБО џурнал“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Претседателот на Европскиот совет: Албанија би можела да влезе во ЕУ пред 2030 година

Албанија би можела да стане членка на Европската унија пред крајот на деценијата, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Ако Албанија продолжи со истото темпо, сосема е можно да се приклучи на Европската унија пред 2030 година“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рам во Тирана.
Се зависи од тоа дали ќе продолжите по истиот пат или не“, рече претседателот на Европскиот совет.
Рама неодамна обезбеди четврти мандат со својата Социјалистичка партија на парламентарните избори.
За време на предизборната кампања Рама им вети на Албанците пристапување во Европската унија до 2030 година.
Од 2014 година, Албанија е официјален кандидат за членство, а преговорите се во тек од 2022 година. Земјата е членка на НАТО од 2009 година.
Набљудувачите неодамна забележаа одреден напредок во борбата против корупцијата.
Свет
Се огласи Ердоган: Турција е подготвена

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека неговата земја е подготвена да им биде домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин „кога ќе бидат подготвени да се сретнат“.
На средбата со Зеленски во Анкара, Ердоган ја оцени актуелната ситуација како историска можност за почеток на преговорите меѓу Русија и Украина и ја изрази силната поддршка на Турција за дијалогот, како на техничко, така и на највисоко лидерско ниво, пишува весникот „Дејли Сабах“.
Тој ја повтори подготвеноста на Турција да биде домаќин на евентуален самит меѓу Путин и Зеленски и нагласи дека Анкара придава големо значење на одржувањето на отворените канали за комуникација меѓу Москва и Киев.
Руската делегација на преговорите во Истанбул ја предводи помошникот на рускиот претседател Владимир Медински.
Претходно, европските лидери го повикаа Кремљ на целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот, а Путин предложи директни разговори во Истанбул.
Свет
Британскиот министер за одбрана: Време е да се изврши притисок врз Путин

Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека сојузниците на Украина „мора да дејствуваат“ и „да го зголемат притисокот врз Путин“, во услови на неизвесност за мировните преговори во Турција, пренесе АФП.
Зборувајќи по состанокот со германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Берлин, Хили повика на нови санкции против Русија и нагласи: „Треба да извршиме притисок врз Путин да го принудиме на преговарачка маса. Сега е време да започнеме преговори и да ја запреме војната“.
Тој додаде дека рускиот претседател „има моќ да ја запре војната – може да отпатува во Истанбул, да преговара и да нареди прекин на огнот“.