Свет
(Видео) Иран погоди болница во Израел со балистичка ракета

Болницата Сорока во Бершева на југот на Израел утринава соопшти дека зградата била погодена со проектил при ирански ракетен напад на израелска територија.
„Во нападот беше погодена болницата и беше предизвикана значителна штета во неколку области“, се вели во соопштението на болницата.
Неколку минути претходно израелското Министерство за надворешни работи извести за „директен удар“ на важен објект каде се згрижуваат бројни израелски војници ранети во Појасот Газа. Во болницата биле сместени и цивили.
Според последните информации, најмалку 30–40 лица се повредени при иранскиот ракетен напад во Израел – вклучувајќи го и ударот врз болницата „Сорока“ во Бершева, како и повеќе локации во централниот дел на земјата.
Massive damage to Soroka Medical Center in Beersheba, following the impact of a ballistic missile fired by Iran. pic.twitter.com/8rXhGeuk0z
— OSINTdefender (@sentdefender) June 19, 2025
Иранските медиуми објавија дека Иран утринава истрелал проектили кон Израел.
„Технолошки напредни проектили летаат над Тел Авив“, објави новинската агенција Фарс, додека иранската државна телевизија директно емитуваше снимки од Тел Авив.
Иран утрово најави дека ќе го натера Израел да зажали и плати за сите свои напади, во седмиот ден од интензивната и невидена војна меѓу двете земји.
„Иран ќе продолжи да го користи своето право на самоодбрана со гордост и храброст и ќе го натераме агресорот да зажали и да плати за својата тешка грешка“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на „Икс“, обвинувајќи го Израел дека сака да го прошири конфликтот во регионот и пошироко.
Израелската војска претходно објави дека изведува серија напади во Иран, вклучително и Техеран, на седмиот ден од нејзината офанзива против Исламската Република.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израелскиот министер за одбрана: Хамнеи не треба да постои

При посетата на местото на ракетниот напад утрово во Холон, израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „модерен Хитлер“ и „не може да продолжи да постои“. Тој рече дека според воените цели на израелската војска (ИДФ), „овој човек дефинитивно не треба да продолжи да постои“.
„На диктатор како Хамнеи, кој води земја како Иран и кој го прогласил уништувањето на Државата Израел како своја декларирана цел, не смее да му се дозволи да продолжи и да ја постигне таа цел“, им рече Кац на новинарите.
„Доколку за време на ужасниот холокауст постоеше држава Израел и доколку имаше силни израелски сили што можевме да ги испратиме во бункерот за да го фатиме непријателот на еврејскиот народ, Хитлер, ќе го направевме тоа“, рече тој.
„Ќе ги испративме ИДФ, ќе го извлечевме и ќе го елиминиравме. И токму така ја гледам сегашната ситуација – Хамнеи е современ Хитлер“, нагласи тој.
„Хамнеи е човек кој со децении е на чело на моќна нација и има големо идеолошко влијание. Тој го користи тоа и отворено вели дека го поддржува уништувањето на Израел. Тој ги мобилизира сите расположиви ресурси, дури и на сметка на сопствениот народ“, забележа тој.
„А денес гледаме докази дека тој лично дава наредба за таргетирање на болници и станбени згради. Овие ракетни напади врз цивилни објекти не се статистичка аномалија што може да се објасни. Тој го гледа ова како дел од мисијата за уништување на Државата Израел“, нагласи тој.
На прашањето дали елиминирањето на Хамнеи е една од целите, Кац одговори: „Целите на војната се да се елиминира нуклеарната закана, да се елиминираат изворите на уништување и да се неутрализираат ракетните закани. Во таа рамка, Израелските одбранбени сили добија инструкции и знаат дека овој човек повеќе не треба да постои без сомнение.“
Свет
Иран: Трамп е глупав

Клучен ирански функционер денес ги предупреди САД дека секоја интервенција во корист на нивниот сојузник Израел ќе биде дочекана со „остра реакција“, објави агенцијата Франс-прес.
Советот на чуварите, моќно тело кое го надгледува законодавството на Иран, во соопштението објавено на државната телевизија изјави:
„Криминалната американска влада и нејзиниот глупав претседател мора да знаат дека ако направат грешка и преземат каква било акција против Исламската Република Иран, ќе добијат остар одговор од Исламската Република Иран“, се вели во соопштението.
За потсетување, кога новинарите го прашаа за евентуален напад на САД врз Иран, американскиот претседател Доналд Трамп вчера рече: „Можеби ќе го направам тоа. Можеби и нема да го направам. Мислам, никој не знае што ќе направам“.
Свет
Америка го предупреди Хезболах: Тоа би била многу, многу, многу лоша одлука

Специјалниот американски пратеник за Сирија, Том Барак, го предупреди Хезболах да не се вклучува во војната меѓу Иран и Израел, објави АФП.
Барак, кој е и амбасадор на САД во Турција, е во прва официјална посета на Бејрут, каде што се сретна со високи либански претставници, вклучувајќи го и претседателот на парламентот Набих Бери, сојузник на Хезболах.
„Можам да кажам во име на претседателот Доналд Трамп… дека тоа би била многу, многу, многу лоша одлука“, рече Барак по средбата со Бери, одговарајќи на прашање за ставот на САД доколку либанската вооружена група Хезболах, поддржана од Иран, се вклучи во војната.
Хезболах, кога избувна конфликтот во петокот, ги осуди нападите на Израел врз Иран, но не објави никакви планови за интервенција во име на Техеран. Групата претрпе големи загуби во минатогодишната војна со Израел, која заврши со прекин на огнот во ноември.
И покрај прекинот на огнот, Израел продолжи со нападите врз Либан, велејќи дека ќе продолжи со нападите сè додека Хезболах не се разоружа. Во израелски напад врз Кфар Јуз во јужен Либан во среда загинаа две лица, додека во друг напад во Бариш беше повредено едно лице, соопшти либанското Министерство за здравство.