Свет
(Видео) Папата ги осуди злоупотребите и насилството кон мигрантите во Либија
Папата Франциско ги осуди злоупотребите и насилството кон африканските мигранти во Либија на мисата во средата во чест на посетата на Лампедуза на почетокот на неговиот понтификат, се вели во соопштението на официјалната веб-страница на Ватикан.
Папата одржа специјална утринска миса во капелата во неговата резиденција „Света Марта“ за да ја одбележи седмата годишнина од неговата посета на италијанскиот остров Лампедуза на овој датум во 2013 година. Во својата проповед папата го осуди гревот на рамнодушноста кон судбината на другите, особено кон мигрантите.
„Културата на удобност, која нè тера да мислиме само на себеси, нè прави нечувствителни на плачот на другите луѓе, нè тера да живееме во меури од сапуница, кои, колку и да се убави, се несуштински. Тие нудат бесмислена и празна илузија што резултира со рамнодушност кон другите“, рече Папата.
„Во овој глобализиран свет ние паднавме во глобализирана рамнодушност. Се навикнавме на страдањата на другите: тоа не влијае на мене; не ме засега; тоа не е моја работа!“, истакна тој.
Папата продолжи сугерирајќи дека христијаните имаат потреба од лична средба со Исус Христос, што може да се постигне со помагање на оние што се во неволја.
„Трагајќи по лицето Господово, можеме да Го препознаеме во лицето на сиромашните, болните, напуштените и странците, кои Бог ги става на нашиот пат“, рече Франциско.
„И оваа средба станува за нас време на благодат и на спасение бидејќи ни ја дава истата мисија што им е доверена на апостолите. Средбата со другиот е исто така средба со Христа бидејќи Тој е оној што тропа на нашата врата, гладен, жеден, гол, болен, затворен, барајќи средба со нас и ја бара нашата помош. Нашиот одговор кон другите – вклучително и мигрантите – е нашиот одговор на самиот Исус, во добро или во лошо!“, рече папата.
„Ова предупредување е горливо прашање денес“, рече тој. „Дозволете ни да го искористиме како основен елемент за секојдневно да ја испитуваме нашата совест. Мислам на Либија, камповите за притвор, злоупотребите и насилството, чии жртви се мигрантите, патувањата на надеж и спасувачки операции“, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

