Свет
(Видео) Помпео ќе стане првиот државен секретар на САД што ќе посети израелска населба

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, ќе посети еврејска населба во Јудеја и Самарија (Западниот Брег) за време на својата посета на Израел следната недела, што го прави првиот државен секретар што го сторил тоа, тврди познат израелски новинар, кој се повикува на израелски и американски официјални лица.
Официјални лица во американската амбасада и во Тајната служба на САД прават планови за необичното патување до населбата Псагот северно од Ерусалим, објави Барак Равид на веб-страницата „Вала“ на хебрејски јазик и на „Аксиос“ на англиски јазик.
Таквата посета ќе означи драматично отстапување од политиката на САД, која сè до администрацијата на Трамп ги означуваше Западниот Брег и Голанската Висорамнина како окупирани територии.
Во јануари Помпео го осуди долгогодишното правно мислење на Стејт департментот, со кое еврејските населби на Западниот Брег беа прогласени за кршење на меѓународното право. Месеци порано тој издаде поумерена декларација, во која се наведува дека САД повеќе не ги признаваат израелските населби како неконзистентни со меѓународното право.
Сè уште е нејасно дали посетата ќе се смета за приватна или официјална посета и не е јасно кој висок израелски службеник ќе го придружува Помпео до населбата, рече Равид.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека посетата на Помпео на Израел, која ќе трае три дена, ќе претставува еден вид посета на наследство за да се потенцираат клучните одлуки за политиката што ги донесе администрацијата на Трамп во однос на Израел.
Равид додаде дека посетата за Помпео, најверојатно, има и лично значење пред можната претседателска кандидатура во 2024 година.
По пристигнувањето во Израел во средата, Помпео ќе се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и со алтернативниот премиер и министер за одбрана, Бени Ганц, министерот за надворешни работи, Габи Ашкенази, и со шефот на Мосад, Јоси Коен.
Помпео, кој ќе биде придружуван од својата сопруга, потоа ќе замине во приватна посета на христијанското место за крштевање Каср ал-Јехуд во близина на Ерихон на Западниот Брег, кое се смета за трето најсвето место на христијанството.
Населбата Псагот е позната по својата винарница, која неделава се најде на насловните страници кога се обрати на суд против политиката на ЕУ за обележување производи направени од Израелци во населбите.
Еден од главните инвеститори на винарницата е еврејско-американскиот бизнисмен и сопственик на „Дјути фри Америка“, Симон Фалич, кој е донатор и на неколку политичари во Републиканската партија, како и на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Кога Помпео не го прифати меморандумот од ерата на Џими Картер, со кој сметаше дека населбите се нелегални, сопственикот на винарницата „Псагот“ именува нова серија вино по државниот секретар и му испрати кутија со вино.
За време на мандатот како државен секретар, Помпео присуствуваше на настани организирани од Фалич вклучувајќи го и евангелистичкиот самит во Де Моин, Ајова. Според блогерот Џоел Розенберг, Фалич го повикал Помпео на настанот да му помогне на Израел да го примени суверенитетот над Западниот Брег.
За време на својата посета, Помпео ќе ја посети и Голанската Висорамнина. Во март минатата година претседателот Доналд Трамп објави дека САД ќе го признаат израелскиот суверенитет над стратешкото плато. Израелската влада одговори со најава за основање нов град наречен „Трамп хајтс“.
Помпео во минатото отстапи од американската политика обраќајќи се на Националната конвенција на републиканците од Ерусалим. Тој исто така стана првиот врвен американски дипломат, кој оствари официјална посета на Западниот ѕид во Ерусалим.
Во октомври 2017 година амбасадорот на САД во Израел, Дејвид Фридман, присуствуваше на деловен форум во официјално својство во населбата Ариел на Западниот Брег, што беше прва ваква посета на претставник на американската влада. Левичарската група „Ј Стрит“ упати остри критики за присуството на Фридман.
„Со официјалното јавно појавување на настан во израелска населба на Западниот Брег амбасадорот Фридман уште еднаш ја премина главната долготрајна црвена линија на двопартиската политика на САД. Администрацијата на Трамп продолжува да испраќа јасна порака за поддршка на движењето за населбите и за агендата на израелската десница“, рече тогаш попретседателот за владини работи на „Ј-Стрит“, Дилан Вилијамс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин и Макрон разговараа по телефон по три години

Рускиот претседател, Владимир Путин разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон за војната во Украина, соопшти денес Кремљ. Се работи за прв телефонски разговор меѓу двајцата лидери од 2022 година.
Во соопштението се наведува дека Путин, коментирајќи ја ситуацијата во Украина, оценил дека сегашниот конфликт е директна последица на политиките на западните земји кои со години ги игнорираа безбедносните интереси на Русија, а сега водат политика на продолжување на непријателствата.
Рускиот претседател ги потврди основните пристапи кон можните мировни договори за Украина, се додава во соопштението, тврдејќи дека договорот треба да биде сеопфатен и долгорочен, да обезбеди отстранување на коренските причини за украинската криза и да се базира на нови територијални реалности.
Двајцата лидери разговараа и за ситуацијата на Блискиот Исток во контекст на конфликтот меѓу Иран и Израел и нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран. Тие ја нагласија посебната одговорност на Русија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност на ООН во зачувувањето на мирот и безбедноста и одржувањето на глобалниот режим за неширење на нуклеарно оружје.
„Во овој контекст, важноста од почитување на легитимното право на Техеран да развива мирна нуклеарна енергија и да продолжи да ги исполнува своите обврски според Договорот за неширење на нуклеарно оружје, вклучително и соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)“, се додава во соопштението.
Путин и Макрон се залагаа за решавање на прашањето за иранската нуклеарна програма и другите регионални прашања исклучиво преку политички и дипломатски средства, а беше нагласено дека претседателите се согласиле да продолжат со контактите. „Разговорот меѓу Владимир Путин и Емануел Макрон беше значаен“, се заклучува во соопштението.
Ова е првиот телефонски разговор меѓу двајцата претседатели по повеќе од две години, а последниот познат контакт се одржа во септември 2022 година.
Свет
Тесно изгласан „големиот, прекрасен закон“ на Трамп за даноците и трошењето

Сенатот на САД го изгласа законот за даноци и владини трошоци на претседателот на САД, Доналд Трамп, по повеќе од 24 часа преговори.
Гласањето заврши со нерешен резултат 50-50, при што потпретседателот Џ.Д. Венс во просторијата го даде одлучувачкиот глас. Републиканците Том Тилис, Ранд Пол и Сузан Колинс гласаа против законот, заедно со сите демократи.
Таканаречениот Голем прекрасен закон, кој ги спроведува многу од клучните политички цели на Трамп, а воедно го зголемува националниот долг за 3,3 трилиони долари, сега се враќа во Претставничкиот дом за конечно одобрување.
Трамп претходно навести дека можеби ќе биде флексибилен во врска со рокот од 4 јули.
Поради законот, избувна пресметка меѓу недамнешните сојузници, претседателот Доналд Трамп и милијардерот кој ја водеше канцеларијата за ефикасност на владата, Елон Маск. Денес, таа конфронтација повторно се разгоре.
Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече усвојувањето на неговиот закон за даноци и владини трошоци во Сенатот „музика за неговите уши“.
За време на дискусијата на тркалезна маса во новоотворениот, многу контроверзен центар за притвор на мигранти во Флорида, кој е наречен „Алигатор Алкатраз“ поради неговите услови и локација, еден новинар го информираше Трамп дека Сенатот штотуку го усвоил законот.
„Ви благодарам, вау. Ви благодарам, чекав, слушајќи ги овие прекрасни зборови што се музика за моите уши, но ме интересираше и како стоиме. Тоа покажува колку ве ценам затоа што сум тука со вас, а веројатно треба да бидам таму“, одговори Трамп.
Трамп, исто така, го пофали својот потпретседател Џ.Д. Венс, кој го даде одлучувачкиот глас во Сенатот.
„Тој добро си ја врши работата“, рече Трамп.
Кога беше прашан што им кажува на републиканските членови на Претставничкиот дом кои не беа задоволни од промените во законодавството усвоени од Сенатот, Трамп рече:
„Тоа ви кажува дека има по нешто за секого… Тоа е одличен закон. Има по нешто за секого и мислам дека ќе помине многу непречено во Претставничкиот дом. Всушност, мислам дека ќе биде полесно таму отколку во Сенатот.“
Свет
Трамп го навреди фаворитот за градоначалник на Њујорк: „Тој е лудак“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес остро го критикуваше кандидатот за градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „целосен лудак“, објави Анадолија.
„Искрено, слушнав дека е тотален лудак“, им рече Трамп на новинарите.
„Мислам дека луѓето од Њујорк се луди што гласаат така. Мислам дека се луди. За прв пат ќе имаме комунист, вистински, чист комунист. Тој сака продавници, стоковни куќи. А што е со луѓето што работат таму? Мислам дека е лудо.“
Мамдани го победи поранешниот гувернер на Њујорк, Ендру Куомо, на демократските прелиминарни избори минатата недела, позиционирајќи се себеси како првиот муслимански градоначалник на Њујорк.
Кандидатот на демократите е познат како отворен поддржувач на Палестина и критичар на Израел. Тој е ко-основач на огранокот Студенти за правда во Палестина на колеџот Боудоин, а во 2023 година учествуваше во штрајк со глад пред Белата куќа барајќи прекин на огнот во Појасот Газа.
Трамп го повтори своето тврдење дека Мамдани бил комунист. „Мислам дека е ужасен. Тој е комунист. Последното нешто што ни треба е комунист. Реков дека никогаш нема да има социјализам во Соединетите Држави“, рече тој.
„Мислам дека е лоша вест и мислам дека ќе се забавувам многу со него, гледајќи го, бидејќи мора да дојде тука за своите пари. Не грижете се, нема да се извлече.“