Свет
(Видео) По 30 часа, заврши ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала

Вулканот Фуего, оддалечен околу 35 километри од главниот град на Гватемала, престана да еруптира по повеќе од 30 часа, објави Институтот за сеизмологија на Гватемала.
Во соопштението се наведува дека „активноста на вулканот Фуего значително се намалила“ и дека „ерупцијата може да се прогласи за завршена“, пренесува Анса.
За време на ерупцијата, која започна во среда навечер, чад и пепел се издигнаа од кратерот на висина од над 7.000 метри и се формираа „струи“ составени од жешки гасови, пепел и парчиња лава кои се спуштија по падините, предизвикувајќи евакуација на околу 800 луѓе.
Вулканот Фуего, со висина од 3.763 метри, е еден од најактивните во Централна Америка, а за време на неговата ерупција во 2018 година загинаа 194 лица, додека повеќе од 200 луѓе никогаш не беа пронајдени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Удар од гром усмрти жена на ливада во Германија

Жена (60) од Вилнсдорф во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија почина денес од удар од гром на ливада, соопшти локалната полиција.
Како што објави „Билд“, таа била погодена од гром веднаш откако, во придружба на своето куче, зела коњ од пасиште во близина на таа населба.
– Нема очевидци, освен нејзините животни. Потоа тие се стрчаа кон другите минувачи – рече портпаролот на полицијата.
Тој додаде дека жената била пронајдена во 10:00 часот наутро и дека обидите за итна реанимација не биле успешни.
Регион
Силен земјотрес ја погоди Света Гора, почувствуван на Халкидики и во Солун

Земјотрес со магнитуда од 5,3 степени е регистриран попладнево во морската област на Света Гора.
Според Геодинамичкиот институт и Сеизмолошката станица на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, епицентарот на потресот бил на 7 километри западно од Кареја, на длабочина од 12,5 километри.
Како што јавуваат грчките медиуми, силниот земјотрес го потресе целиот регион Халкидики, како и градот Солун. Бил почувствуван и на крајбрежните области на Кавала и Тасос.
Свет
Нов закон во Русија: до 5.500 евра казна за продажба на енергетски пијалаци на деца

Рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша нов закон со кој се воведуваат строги казни за продажба на енергетски пијалаци на малолетници. Според информациите објавени на официјалната веб-страница за правни акти, прекршителите може да се соочат со казни до 5.500 евра.
Законот ги регулира правилата за малопродажба на безалкохолни енергетски пијалаци и предвидува казни за сите кои ќе ги прекршат одредбите – од индивидуални продавачи до правни и службени лица. За граѓаните и компаниите казната може да достигне до 5.500 евра, додека за службени лица – до 2.200 евра, јави РИА Новости.
Претседателот на руската државна дума, Вјачеслав Володин, претходно изјави дека овој закон ќе биде продолжение на систематската законодавна работа за заштита на здравјето на помладата генерација.
Пратеникот на Државната дума, Алексеј Говирин, истакна дека во некои региони ограничувањето за продажба на енергетски пијалоци на малолетници важеше и претходно, но дека само во некои региони беа предвидени казни, на пример, во Московскиот регион и Санкт Петербург, и дека тие беа значително пониски од она што беше утврдено врз основа на новиот закон.