Свет
(Видео) Садик Кан бара малцинствата да добијат повластен пристап до вакцините против коронавирусот

Лондонскиот градоначалник Садик Кан побара црните луѓе и другите етнички малцинства да добијат приоритетен пристап до вакцината на Ковид-19, пренесува Би-би-си.
Левичарскиот градоначалник тврди дека таканаречените БAME (црни, азиски, малцински етнички) групи се диспропорционално погодени од вирусот и затоа треба да се стават на врвот на списокот кога ќе се дистрибуира вакцината.
„НХС и јавното здравство во Англија работат на критериумите за тоа кој прв ќе ја прими вакцината. Во суштина тоа е направено според возраста. Но, јас побарав да бидат разгледани дополнителни работи и тоа ја вклучува загриженоста за црните, азиските, етничките малцинства во Лондон, кои несразмерно страдаа од вирусот во март, април, мај и во јуни.
„Мојата загриженост е дека во Лондон постои поголема колебливост кон примањето вакцини отколку во другите делови на земјата. Значи, една од работите што треба да ја направиме е да им влееме доверба дека вреди да се прими оваа вакцина и исто така да се осигуриме дека најранливите – најверојатно нема да се заразат од вирусот и, не дај боже, да умрат – први ќе ја примат вакцината“, заклучи Кан.
The positive news around COVID19 vaccine development is hugely encouraging.
But there is still some way to go, and it’s vital that when we have a vaccine that is approved for use that the most vulnerable members of our society are first to benefit.pic.twitter.com/hUQ0vwhNRD
— Sadiq Khan (@SadiqKhan) November 17, 2020
Во август Кан напиша кометар за левичарскиот „Гардијан“, во кој тој тврди дека структурниот расизам е причина за зголемената стапка на смртност од коронавирус кај етничките малцинства во Велика Британија.
„И покрај тоа што може да биде непријатно за некои да признаат, не можеме да ги игнорираме бариерите на дискриминација и структурниот расизам што постојат во нашето општество, што придонесува етничките малцинства да страдаат од сиромаштија, да имаат здравствени проблеми и да работат на несигурни, ниско платени работни места“, напиша Кан.
Идејата дека т.н. структурен расизам е определувачки фактор за стапката на смртност од Ковид-19 беше оспорена од владиниот советник и виш соработник за клинички истражувања на Универзитетот во Кембриџ, д-р Рагиб Али. Во октомври д-р Али рече дека структурниот расизам не е разумно објаснување за различните резултати за различните етникуми.
„Ако структурниот расизам беше важен проблем, не велејќи дека не постои, но ако беше важен проблем во резултатите од здравството, би очекувале дека тој ќе се рефлектира не само кај Ковид-19 туку и кај други болести“, рече тој.
Во понеделникот секретарот за здравство, Мет Ханкок, рече дека нема да исклучи вакцините да бидат задолжителни.
Неодамнешното истражување спроведено во Лондон преку интернет помеѓу 19 октомври и 2 ноември покажа дека околу една третина не би примиле вакцина или веројатно нема да ја примат вакцината, при што речиси половина од испитаниците одговориле дека не му веруваат на НХС дека успешно ќе ја администрира вакцината кога таа ќе биде достапна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.