Свет
(Видео) Трамп го нападна градоначалникот на Лондон: „Тој е меѓу најлошите во светот“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не сакал градоначалникот на Лондон, Садик Кан, да присуствува на државниот банкет во Велика Британија што се одржа во негова чест и побара да не биде поканет.
„Мислам дека градоначалникот Кан е еден од најлошите градоначалници во светот, а имаме и неколку лоши“, им рече Трамп на новинарите во авионот „Ер Форс Уан“.
„Тој заврши ужасна работа. Криминалот во Лондон е на рекордно високо ниво. Градоначалникот на Лондон, Кан, градоначалникот Кан, заврши ужасна работа, а во однос на имиграцијата, тој е катастрофа. Не, побарав да не биде таму. Тој сакаше да биде таму, како што јас разбирам.“
Trump says he specifically requested that @SadiqKhan should be excluded from the UK state banquet:
"On immigration, he's a disaster."
As mayor of London, Khan has no powers over immigration. pic.twitter.com/xqXeKu01nV
— Adam Schwarz (@AdamJSchwarz) September 18, 2025
Трамп додаде дека чувствува „извесна гордост во Лондон и Велика Британија“, истакнувајќи дека неговата мајка е родена во Шкотска.
„Кога го гледам градоначалникот Кан како лошо си ја врши работата, со нападите со нож, нечистотијата и гнасотијата, не е исто. Не. Не го сакав таму“, рече тој.
Градоначалникот на Лондон одговори на коментарите на Трамп. Според „Скај њуз“, Кан неколку недели претходно јасно ставил до знаење дека не бара ниту очекува покана за државниот банкет.
Извор близок до градоначалникот изјавил: „Политиките на Трамп се засноваат на страв и поделба. Тоа вклучува и омаловажување на нашиот голем главен град“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Признавањето на Палестина предизвика жестоки реакции во Израел

Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, изјави дека признавањето на палестинската држава од страна на Западот е чекор кон „праведен и траен мир“, додека во исто време двајца израелски министри предложија анексијата на Западниот Брег како одговор на признавањето на палестинската држава од страна на западните земји.
– Претседателот на Палестина, Махмуд Абас, го поздравува фактот што Обединетото Кралство објави признавање на независна палестинска држава, нагласувајќи дека тоа е важен и неопходен чекор кон постигнување праведен и траен мир – се наведува во соопштението на палестинското претседателство.
Абас истакна дека фактот што овие земји го признаа правото на палестинскиот народ на самоопределување, слобода и независност ќе го отвори патот за спроведување на решението за две држави, дозволувајќи ѝ на палестинската држава да живее покрај Државата Израел во безбедност, мир и хармонија.
Крајнодесничарските израелски министри Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрих денес повикаа на анексија на Западниот Брег како одговор на признавањето на палестинската држава од страна на Австралија, Велика Британија и Канада.
– Признавањето на палестинската држава од страна на Велика Британија, Канада и Австралија бара итен одговор: итна анексија на Јудеја и Самарија- изјави министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир. Тој, исто така, повика на целосно укинување на Палестинската самоуправа.
И лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, ја осуди одлуката на Велика Британија, Австралија и Канада да ја признаат палестинската држава, нарекувајќи ја „дипломатска катастрофа“.
– Тоа е лош потег и награда за тероризам. Функционална израелска влада можеше да го спречи ова – преку паметна и сериозна работа, професионален дипломатски дијалог, соодветно претставување – смета Лапид.
Лапид, чија партија Јеш Атид припаѓа на политичкиот центар, ја обвини десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека стои зад безбедносната катастрофа и дипломатската криза.
– Владата што ни ја донесе најлошата безбедносна катастрофа во историјата на земјата сега ја носи и најлошата дипломатска криза досега – напиша тој, алудирајќи на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога милитантите убија околу 1.200 луѓе и киднапираа уште 250.
Израелското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека Израел категорично ја отфрла одлуката на Велика Британија и другите земји да ја признаат државата Палестина.
– Официјалната декларација за признавање од страна на Велика Британија, Канада и Австралија дополнително го дестабилизира регионот и ги поткопува перспективите за постигнување мирно решение во иднина. Наместо тоа, ако земјите што ја потпишаа оваа декларација навистина сакаат да го стабилизираат регионот, треба да се фокусираат на вршење притисок врз Хамас да ги ослободи заложниците и веднаш да се разоружа – објави Министерството на платформата X, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Велика Британија, Канада и Австралија денес официјално ја признаа државата Палестина.
Палестина моментално е признаена од околу 75 проценти од 193-те земји-членки на ОН , но нема меѓународно договорени граници, главен град или армија.
Од ноември 2012 година, таа има статус на држава набљудувач, која не е членка на Генералното собрание на Обединетите нации.
Свет
Германија подигна два Еурофајтери поради руски авион над Балтичкото Море

Два германски борбени авиона од типот „Еурофајтер“ полетаа како одговор на руски извидувачки авион Ил-20 кој леташе над Балтичкото Море.
Германските воздухопловни сили известија дека во меѓународниот воздушен простор над Балтичкото Море е забележан авион кој не одговорил на обидите за воспоставување контакт. Како одговор на тоа, два авиони „Еурофајтер“ полетаа од воздухопловната база Росток-Лаге во Германија.
Авионот е идентификуван како руски извидувачки авион Ил-20М.
Тензиите во регионот на Балтичкото Море неодамна ескалираа поради повторените нарушувања на воздушниот простор од страна на Русија.
Пред два дена се случија два инциденти со руски авиони. Три МиГ-31 влегоа во естонскиот воздушен простор и останаа таму околу 12 минути. Подоцна истиот ден, Полска објави дека два руски авиони летале на ниска надморска височина над нафтената платформа Петробалтик во Балтичкото Море, нарушувајќи ја безбедносната зона над објектот.
Советот за безбедност на ОН утре треба да одржи итен состанок како одговор на нарушувањето на естонскиот воздушен простор од страна на Русија.
Свет
Велика Британија официјално ја призна Палестина како држава

Британскиот премиер, Кир Стармер, објави дека Велика Британија официјално ја признала Палестина како држава.
Одлуката на Велика Британија доаѓа пред конференцијата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде што прашањата за палестинската државност ќе доминираат на агендата.
Признавањето на Палестина претставува голема промена во британската надворешна политика, откако претходните влади генерално веруваа дека признавањето треба да дојде како дел од сеопфатен мировен договор.
Today, to revive the hope of peace for the Palestinians and Israelis, and a two state solution, the United Kingdom formally recognises the State of Palestine. pic.twitter.com/yrg6Lywc1s
— Keir Starmer (@Keir_Starmer) September 21, 2025
Актуелните британски министри тврдат дека имаат морална одговорност да дејствуваат за да ја одржат надежта за долгорочен мир.
Најавеното признавање беше критикувано од водечките американски политички личности, кои предупредуваат дека таков потег би можел да го зајакне Хамас и да ја загрози безбедноста на Израел.
Републиканските лидери во Конгресот, вклучувајќи ја и претседателката на нивниот пратенички штаб Елиса Стефаник и сенаторот Рик Скот, испратија писмо до Велика Британија, Франција, Канада, Австралија и други клучни земји кои го објавија признавањето на Палестина.
„Ова е непромислена политика што ги поткопува шансите за мир. Тоа поставува опасен преседан дека насилството, а не дипломатијата, е најефикасното средство за терористичките групи како Хамас да ги постигнат своите политички цели“, напишаа Стефаник и Скот.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, за време на неговата државна посета на Велика Британија, изјави дека „не се согласува со премиерот“ во врска со признавањето на Палестина.
Група семејства на заложници предупредија дека признанието може да ги попречи напорите за нивно ослободување.
Во отворено писмо до Кир Стармер, тие напишаа:
„Вашето тажно соопштение за намерата на Велика Британија да признае палестинска држава на Генералното собрание на Обединетите нации драматично ги комплицира напорите за враќање на нашите најблиски дома. Хамас веќе ја прослави оваа одлука како победа и го прекрши договорот за прекин на огнот“.
Канада и Австралија, исто така, официјално ја признаа палестинската државност.