Свет
(Видео) Хезболах истрела 50 ракети кон Израел
Околу 50 ракети беа истрелани од јужен Либан кон Израел, поточно Горна Галилеја, објавија израелските медиуми.
Снимките од социјалните мрежи покажуваат како израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ бил активиран над таа област.
„Во поддршка на нашиот непоколеблив палестински народ во Појасот Газа и како поддршка на нивниот храбар и чесен отпор, и како одговор на нападите на израелскиот непријател врз непоколебливите јужни села и безбедни домови, особено оние насочени кон селата Кафр Кила и Деир Сирјан и повредувајќи цивили, Исламскиот отпор ја вклучи новата населба Беит Хилел во својот распоред и ја бомбардира за прв пат со десетици ракети од типот Катјуша“, се вели во соопштението на Хезболах.
The Iron Dome is truly a Technological Marvel. pic.twitter.com/egMH5GY4IF
— OSINTdefender (@sentdefender) August 3, 2024
Израел се уште не го коментирал инцидентот. Засега нема извештаи за жртви.
Соединетите држави, Велика Британија и Франција ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан поради зголемените стравувања од сеопфатна војна меѓу Израел и либанскиот Хезболах.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин нареди бројот на војници да се зголеми за 180.000
Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска и’ нареди на армијата на земјата да го зголеми бројот на своите војници за 180.000 на вкупно 1,5 милиони, во време кога воената операција на Москва во Украина трае повеќе од две и пол години.
Указот на Путин, објавен на официјалната веб-страница на владата, ќе стапи на сила на 1 декември. Со него се определува вкупниот број на руски воен персонал на речиси 2,4 милиони, вклучително и 1,5 милиони војници, и ѝ наредува на владата да ги обезбеди потребните средства.
Претходното зголемување на бројот на руски војници се случи минатиот декември, кога со декретот на Путин вкупниот број на руски воен персонал беше околу 2,2 милиони, вклучувајќи 1,32 милиони војници.
Свет
Министерот за одбрана на Израел: Времето за договор со Хезболах истекува
Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, денеска изјави дека истекува времето за договор со Хезболах за запирање на судирите по должината на израелско-либанската граница.
Во разговор со својот американски колега Лојд Остин, Галант истакна дека можностите за договор во северната арена се при крај бидејќи Хезболах продолжува да се здружува со Хамас“, пишува „Тајмс оф Израел“.
Галант исто така му рекол на американскиот секретар за одбрана дека какво и да е сценариото, израелските одбранбени сили ќе продолжат да дејствуваат со цел да го уништат Хамас и да обезбедат враќање на заложниците што ги држи Хамас во Газа.
Хезболах почна да лансира ракети и беспилотни летала во северен Израел по избувнувањето на конфликтот во Газа по нападот врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври минатата година.
Свет
Од денеска контроли за влез во Германија: воведени нови мерки на граничните премини со пет земји
Поради преоптовареност на системот за прифаќање баратели на азил, Германија од денеска воведува контроли на сите државни граници, кои ќе траат најмалку шест месеци.
Новата регулатива се однесува на премините кон Данска, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција, пренесува „Дојче веле“.
Почнувајќи од денеска, германската федерална полиција не само што ќе ги контролира патниците на источната и јужната копнена граница туку и на северната и западната граница, најмалку шест месеци.
Германија овој чекор го оправда со големиот број мигранти, кои илегално влегуваат во земјата, и со преоптоварувањето на системот за прифаќање бегалци, изјави германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер.
Иако треба да биде исклучок во рамките на Европската Унија, тие правила очигледно веќе не важат, оценува германското радио и укажува дека дополнителните контроли би можеле да доведат до тешкотии во движењето на луѓе и стоки, со оглед на тоа што Германија е во центарот на шенген-зоната.
Контролите на внатрешните граници се предвидуваат само под одредени услови, но самите земји членки одлучуваат дали се исполнети овие услови, а за воведување гранични контроли, единствено се должни да ја информираат Европската комисија во Брисел.