Свет
Во судири со полицијата во Багдад повредени се седум демонстранти
Седум лица се повредени во судир меѓу полицијата и демонстрантите денеска во центарот на Багдад.
До судирот дојде откако властите почнаа со отстранување на барикадите подигнати од демонстрантите на повеќе локации, пренесува „Ројтерс“.
Во Багдад и Басра, безбедносните сили ги отвораат патиштата за сообраќај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Билд: Европа сака доуредување на најмалку 4 точки од мировниот план
Европа сака да промени најмалку четири точки во мировниот план на САД, пишува Билд.
Европејците особено не се согласуваат со предлогот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во врска со териториите. Тоа е Крим, Луганск и Донецк да бидат де факто признати како руски, а границите во Херсонската и Запорошката област да бидат замрзнати по линијата на контакт.
Европските земји, исто така, го оспоруваат ограничувањето на големината на украинската армија на 600.000 луѓе. Европските лидери и лидерите на Г7 на самитот на Г20 во Јужна Африка изразија загриженост за намалувањето на големината на украинските вооружени сили, што, според нив, ја прави Украина „ранлива на идни напади“. Тие, исто така, инсистираа дека границите на Украина „не треба да се менуваат со сила“.
Понатаму, според „Билд“, канцеларот Фридрих Мерц има намера да му стави до знаење на американскиот претседател дека безбедносните гаранции на Украина „можеби не вредат ниту хартијата на која се напишани“, бидејќи сличен договор беше склучен уште во 1994 година, кога Киев се откажа од своето нуклеарно оружје.
Мерц е исто така незадоволен од плановите на Трамп за замрзнатите руски средства. Според нив, 100 милијарди долари замрзнати руски средства би биле инвестирани во напори за реконструкција и инвестиции во Украина предводени од САД, при што Вашингтон, пак, би добивал 50 отсто од профитот. Европа би додала 100 милијарди долари за да го зголеми обемот на инвестиции во реконструкцијата на Украина. Остатокот од замрзнатите средства на Москва би биле инвестирани во посебно американско-руско инвестициско средство.
Според „Шпигел“, Европејците им испратиле на САД работна верзија на контрапредлозите за Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека планот на Трамп не бил конкретно дискутиран со Москва. Путин верува дека причината е тоа што Вашингтон сè уште не успеал да добие согласност од украинската страна. Претседателот не исклучи ја исклучи можноста предлозите да бидат поставени како основа за конечно мирно решение.
Украинските власти веќе објавија дека го проучуваат документот, но изразија резерви за клучните прашања поврзани со територијалните отстапки, статусот на вооружените сили на Украина и безбедносните гаранции.
Доналд Трамп веќе изјави дека верува оти следниот четврток, 27 ноември, е соодветен рок за Украина да го прифати планот.
Рускиот претседател Владимир Путин, од друга страна, посочи дека американскиот план „може да се користи како основа“ за решавање на војната во Украина и дека Москва останува задоволна од офанзивата на бојното поле, но е отворена за преговори.
Свет
Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, велат западните челници
Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, се согласија челниците на 11 земји и ЕУ во заедничка изјава по состанокот на маргините на самитот Г20 во Јоханесбург.
Тие сметаат дека нацртoт на американскиот мировен план за Украина претставува основа за понатамошна разработка, но дека поединечни точки, вклучувајќи ги предложените ограничувања за украинските вооружени сили, предизвикуваат сериозна загриженост.
Во изјавата стои дека нацрт-планот од 28 точки е темел кој бара дополнителна работа, а челниците истовремено изразуваат загриженост поради предложеното ограничување на украинските вооружени сили, што би ја направило Украина ранлива на идни напади.
Декларацијата ја потпишаа во име на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александар Стуб, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерите Марк Карни од Канада, Михал Мартин од Ирска, Џорџа Мелони од Италија, Санае Такаичи од Јапонија, Дик Схоф од Холандија, Педро Санчез од Шпанија, Кир Стармер од Обединетото Кралство и Јонас Гар Сторе од Норвешка.
Во изјавата се признава дека американскиот предлог вклучува важни елементи што ќе бидат клучни за праведен и траен мир. Но повторуваат дека „се јасни во принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила“.
Потсетуваат и дека елементите од планот кои се однесуваат на ЕУ и НАТО бараат согласност од членките на ЕУ и НАТО и додаваат дека имаат намера да продолжат со тесната координација со Украина и САД во наредните денови.
Американскиот план во Киев се гледа со голема загриженост затоа што содржи неколку клучни руски барања: Украина се откажува од дел од територијата, прифаќа намалување на големината на својата армија и се откажува од членството во НАТО.
Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени подрачја.
Од друга страна, Украина би добила западни безбедносни гаранции за спречување на идни руски напади.
Планот предвидува и огромен глобален пакет мерки за Украина веднаш да започне со обновата на разурнатата земја, вклучувајќи основање на Украински фонд за развој со цел инвестирање во брзорастечки индустрии, меѓу кои технологија, дата-центри и вештачка интелигенција.
Свет
Европските земји, САД и украинските претставници утре ќе разговараат во Женева
Претставници на европските држави утре во Женева ќе разговараат со американски и украински претставници за американскиот мировен план за Украина, изјавил извор од германската влада за dpa. Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ дал рок на Украина до четврток да одговори на предлогот со 28 точки.
Нацрт-планот, кој протече во медиумите и во четврток беше официјално претставен на Киев, предизвика загриженост затоа што предвидува широки територијални и воени отстапки кон Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски именуваше преговарачка делегација, со Андриј Јермак како главен преговарач. Во деветчлената група е и Кирило Буданов, шеф на воената разузнавачка служба.
Зеленски изјави дека планот ја остава Украина пред „многу тежок избор: или губење на достоинството или ризик од губење на клучниот партнер“ – мислејќи на САД, кои обезбедуваат оружје и разузнавачка поддршка.
Украински високи претставници во наредните денови треба да се сретнат со американска делегација во Швајцарија за да разговараат за планот, но точниот термин и локација не се прецизирани.

