Свет
Ројтерс: Во тек спасувачката акција, досега извлечени шест деца од пештерата
Шест момчиња излегоа од пештерата во Тајланд, јави „Ројтерс“, повикувајќи се на извори од спасувачкиот тим.
Момчињата кои беа спасени се пренесени во болница во Чианг Раи.
„АП“ наведе дека две возила на итната медицинска помош се забележани како ја напуштаат пештерата на северот во Тајланд, каде фудбалскиот тренер и 12-те момчиња беа заробени повеќе од две недели. Возилата на Итната помош од пештерата заминале кон најблискиот хелиодром.
Спасувачката акција за извлекување на 12 деца и нивниот тренер почна утрово во 10 часот по локално време, а првичните проценки беа дека првите деца ќе бидат спасени во 21 часот. За среќа, засега акцијата се одвива добро и децата почнаа да се извлекуваат уште порано од предвиденото, односно до 19 и 47 часот беа спасени 4 деца.
Претходно беше објавено дека фудбалскиот тренер на децата ќе биде извлечен во последната група, заедно со уште две деца.
Тајландската Влада го објави планот за спасување на заробените деца во пештерата. Според него, двајца нуркачи ќе придружуваат по едно момче, а низ пештерата ќе ги влечат со јаже. Кога ќе наидат на тесен премин, нуркачите ќе ги отстрануваат боците со кислород од грбот и ќе ги истркалаат низ премините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
За Зеленски доаѓањето на Трамп претставува надеж, Путин отворен за дијалог
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на САД претставува надеж за решавање на многу проблеми, вклучително и глобални, пренесува Anadolu.
Со полагањето заклетва во Капитол, Трамп денеска и официјално стана 47-ми претседател на САД, а Зеленски на социјалните мрежи објави честитка и специјална порака.
„Денес е ден на промени и ден на надеж за решенија за многу проблеми, вклучувајќи ги и глобалните. Претседателот Трамп е секогаш одлучувачки, а неговата декларирана политика на мир преку моќ дава можност да се зајакне американското лидерство и да се постигне траен и праведен мир, а тоа е најважно“, рече Зеленски.
Тој му посака успех на Трамп на функцијата.
„Очекуваме активна и заемно корисна соработка. Заедно сме посилни и можеме да обезбедиме поголема безбедност, стабилност и економски раст и на светот и на нашите земји“, рече Зеленски.
Во изјавите за време на изборната кампања, како и по неговата изборна победа, Трамп рече дека ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
И Путин му честиташе на Трамп
Кремљ денеска објави и порака од рускиот претседател Владимир Путин, кој рече дека Русија е отворена за дијалог со администрацијата на Трамп за Украина.
Во соопштението се наведува дека Путин денеска одржал состанок со членовите на рускиот Совет за безбедност, на кој разговарале за ситуацијата на Блискиот Исток и Украина, како и за односите меѓу Русија и САД.
„Отворени сме за дијалог со новата американска администрација за украинското прашање. Најважниот елемент овде е решавање на основните причини за кризата. Краткорочен прекин на огнот или пауза за повторно вооружување на воените сили за продолжување на конфликтот не доаѓа предвид, долгорочниот мир да се постигне врз основа на почитување на легитимните интереси“, рече Путин.
Свет
Трамп: Бајден помилува луѓе виновни за многу тешки злосторства
Американскиот претседател Доналд Трамп во својот говор го критикуваше потегот на сега веќе поранешниот претседател Џо Бајден непосредно пред да ја напушти Белата куќа за превентивно да помилува неколку политички фигури и членови на неговото семејство.
„Тој помилуваше луѓе кои беа многу, многу виновни за многу тешки злосторства“, рече републиканецот во својот втор говор по неговата инаугурација, осврнувајќи се конкретно на членовите на истражниот комитет на Конгресот кои ја осудија неговата улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021. Трамп додаде дека помилувањата на Бајден се срамни.
Непосредно пред да му ја предаде власта на Трамп, Бајден, во обид да спречи можна лична одмазда, превентивно помилува избрани функционери и државни службеници, како и пет членови на неговото семејство, настојувајќи да ги заштити од можна одмазда на Трамп.
Откако неговиот републикански наследник вети дека ќе им се „одмазди“ на своите политички противници, 82-годишниот демократ во заминување одлучи да ги заштити луѓето на црната листа на Трамп од „неоправдани и политички мотивирани правни дејствија“.
Меѓу нив се поранешниот претседател на Здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили, поранешниот архитект на стратегијата за Ковид-19 на администрацијата на Бајден, Ентони Фаучи, и луѓе кои учествуваа во комисијата задолжена за истрага на нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, како и полициски службеници кои дадоа исказ пред истата комисија.
Бајден помилува и пет членови од неговото семејство, велејќи дека сака да ги спречи да бидат цел на „неосновани и политички мотивирани истраги“.
Меѓу помилуваните се и неговите двајца браќа Џејмс и Френсис. На листата се и Сара, сопругата на Џејмс Бајден, сестрата на Бајден, Валери и нејзиниот сопруг Џон.
Свет
Зеленски му честита на Трамп за враќањето во Белата куќа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му честиташе на Доналд Трамп за враќањето на претседателството на Соединетите држави.
Зеленски укажа на решителноста на Трамп и нагласи дека политиката „мир преку сила“ што ја најави дава можност да се зајакне американското лидерство и да се постигне траен и праведен мир.
„Овој век се оформува токму сега, и сите ние мора да работиме заедно за да го направиме голем и успешен век за демократските земји, а не за оние кои сакаат да пропаднеме“, нагласи тој на платформата Х.