Свет
Во 130 земји не пристигнала ниту една доза на вакцина против Ковид-19

Првиот човек на Светската здравствена организација, Тедрос Аданан Гебрејесус, рече дека е потребно компаниите што ја произведуваат вакцината против Ковид-19 да ги делат средствата и инфраструктурата, а земјите да ги делат вакцините кои се достапни.
СЗО соопшти дека 130 земји со 2,5 милијарди жители сè уште немаат ниту една доза на вакцина, додека некои земји веќе вакцинирале добар дел од популацијата и сега имаат намален ризик од ширење на заразата.
Сите влади имаат обврска да ги штитат своите граѓани, рече Гебрејезус. Сепак, откако ќе набават доволно вакцини и ќе го имунизираат своето население, земјите што се во можност треба вишокот вакцини да го проследат други земји.
Сè додека има толку многу невакцинирани луѓе во светот, ризикот е присутен кај сите, рече тој.
Во средата, Ковакс објави листа за дистрибуција на вакцини во земјите со кои има договор, меѓу кои и Македонија. Тие земји се подготвени, но сè уште не добиле вакцини.
Минатата недела компанијата Санофи објави дека со своите средства и фабрика ќе помогне во производството на вакцината Фајзер Бионтек, што ќе овозможи полесно и побрзо производство. Ова доведува до побрза имунизација на населението за земјите кои не примиле ниту една доза на вакцина.
СЗО апелира повеќе компании да го следат примерот и да го олеснат процесот низ целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
На југот на Италија се преврте брод со мигранти, најмалку 20 лица загинаа

Најмалку 20 лица загинаа откако брод со мигранти се преврте кај италијанскиот остров Лампедуза во Средоземното Море, објавија денес локалните медиуми и агенцијата за бегалци на Обединетите нации.
Спасувачите досега пронајдоа 20 тела, а спасувачките операции продолжуваат, според новинската агенција Анса. Се верува дека преживеале помеѓу 70 и 80 лица.
Филипо Унгаро од агенцијата за бегалци на ОН УНХЦР изрази „длабока тага“ поради катастрофата и процени дека дополнителен број мигранти би можеле да се сметаат за исчезнати во море. „Пронајдени се дваесет тела, а ист број луѓе се водат како исчезнати“, напиша тој на својот „Икс“ профил.
Свет
Средбата меѓу Трамп и европските лидери е во тек

Според соопштението за медиумите на француското претседателство, започна онлајн самитот, на кој учествуваат американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Европската Унија.
Се очекува на состанокот да се разговара за војната во Украина и европската безбедност, пред состанокот помеѓу Трамп и рускиот претседател, Владимир Путин, закажан за в петок.
Свет
Русија ги објави своите услови за примирје пред средбата меѓу Трамп и Путин

Русија денес соопшти дека нејзината позиција за војната во Украина не се променила откако претседателот Владимир Путин ги постави своите услови минатата година: Украина целосно да ги повлече своите сили од клучните украински области и да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО.
Путин и американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретнат во Алјаска в петок, што ќе биде првиот самит на САД и Русија од 2021 година, за да разговараат за опциите за завршување на војната. Трамп рече дека двете завојувани страни ќе мора да разменат дел од териториите што моментално ги држат за да се случи тоа.
Русија моментално контролира 19 проценти од Украина, вклучувајќи го целиот полуостров Крим, целиот регион Луганск, над 70 проценти од регионите Донецк, Запорожје и Херсон, и помали делови од регионите Харков, Суми, Николаев и Дњепропетровск.
По некои медиумски извештаи дека Вашингтон верува оти Путин е подготвен да направи компромис кога станува збор за територијални претензии, новинарите го прашаа портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Алексеј Фадеев, дали ставот на Русија се променил.
„Ставот на Русија останува непроменет, а беше изразен во оваа сала пред малку повеќе од една година, на 14 јуни 2024 година“, рече Фадеев, осврнувајќи се на говорот на Путин во министерството.
Потоа шефот на Кремљ ги изложи своите барања, вклучително и повлекување на украинските трупи од деловите на регионите Доњецк, Запорожје и Херсон што тие сè уште ги држат, што беше негов прв јавен коментар за евентуален мировен договор.
Путин, исто така, рече дека Киев ќе мора официјално да ја извести Москва дека се откажува од своите планови за влез во НАТО и дека има намера да остане неутрален и неврзан.
Покрај тоа, Путин рече дека правата и слободите на руските говорници во Украина мора да бидат гарантирани, како и „реалноста“ дека Крим, Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон сега се дел од Русија. Путин рече дека неговите услови ќе мора да бидат одразени и во меѓународните договори.
Во времето на неговиот говор во 2024 година, Украина ги отфрли тие барања, нарекувајќи ги апсурден ултиматум. Украина постојано повторуваше дека нема да ја признае руската окупација на нејзината територија, а повеќето земји ја признаваат украинската територија во рамките на нејзините граници од 1991 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија мора да се согласи на прекин на огнот пред да разговара за територијални прашања. Тој рече дека ќе го отфрли секој руски предлог Украина да ги повлече своите војници од источниот регион Донбас и да ги предаде своите одбранбени позиции.
Зеленски денес пристигна во Берлин, каде што се среќава во живо со германскиот канцелар Фридрих Мерц, а заедно со него на видеоконференција со европските лидери, шефот на НАТО и американскиот претседател Доналд Трамп.
Пред видео повикот, Трамп напиша на платформата Truth Social дека „европските лидери сакаат да постигнат договор“ и дека тие се „одлични луѓе“.