Свет
Го уби ли делта-сојот сонот за колективен имунитет?

Додека делта-сојот на коронавирусот се шири во целиот свет, експертите се прашуваат дали желбата да се создаде имунитет на стадо преку вакцинација и натаму е остварлива. Имунитетот на стадо се постигнува во моментот кога одреден дел од населението е вакцинирано или ја прележало инфекцијата.
Дали е ова можно да се постигне кога станува збор за Ковид-19 поради постојаното појавување позаразни варијанти е отворено прашање.
„Ако прашањето е дали ќе ја контролираме пандемијата само со вакцинација, одговорот е негативен“, вели францускиот епидемиолог Мирсе Софоне, професор на Универзитетот во Монпелје.
Тој вели дека колективниот имунитет зависи од два основни факторa.
„Тоа се заразноста на вирусот и ефективноста на вакцината за заштита од инфекцијата. Во моментот нема таква ефикасност“.
Делта е приближно 60 проценти попренослив од алфа-варијантата и двојно позаразен од оригиналниот сој што се појави во Вухан кон крајот на 2019 година.
Колку е побрз вирусот во ширењето на инфекцијата, толку е поголем прагот за имунитет на стадо.
„Теоретски, тоа е многу едноставна математика“, вели епидемиологот Антоан Флао, директор на Францускиот институт за јавно здравје.
„Изворната варијанта на коронавирусот имаше стапка на репродукција помеѓу нула и три, што значи дека едно заразено лице може да зарази до три други. Да останеше така, имунитетот на стадо ќе беше постигнат по вакцинација на 66 проценти од луѓето“, објаснува Флао.
„Но, ако стапката на репродукција е осум, како што е кај делта-сојот, тоа веќе се приближува до стапка од 90-процентна вакцинација“, додава тој.
Сепак овие тврдења се релевантни под услов вакцините да бидат сто проценти ефикасни во запирање на делта-варијантата, што, за жал, знаеме дека не е така.
Според американските научници, ефективноста на вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ во спречувањето на инфекцијата е намалена од 91 на 66 проценти откако делта стана доминантна варијанта.
И бидејќи студиите покажаа дека имунитетот стекнат од самата вакцина се намалува со текот на времето, неколку земји веќе почнаа со вакцинација со трета доза, таканаречена бустер.
Земајќи го сето ова предвид, Софоне вели дека апсолутно 100 проценти од луѓето треба да се вакцинираат за да го запрат преносот на вирусот, што од очигледни причини е невозможно.
Но, дури и ако таа митска цел за колективен имунитет повеќе не е во игра, експертите посочуваат дека вакцинацијата е најважна. Вакцината несомнено обезбедува одлична заштита од сериозни болести.
„Научниците препорачуваат да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе“, истакнува Флао додавајќи дека со текот на времето сите пандемии завршуваат.
Софоне вели дека и натаму е можно Ковид-19 да стане уште една ендемска болест, но не само со помош на вакцините.
Тој предвидува дека ќе треба уште долго време да се носат маски и да се одржува физичко растојание.
„За време на пандемијата на СИДА, кога научниците рекоа ‘носете кондоми’, многумина мислеа ‘добро, ќе го правиме тоа некое време’“, потсетува Флао додавајќи дека користењето презервативи и денеска е сосема вообичаена работа.
„И во оваа ситуација може да се случи да продолжиме да користиме маски долго време во затворени простории и во јавен превоз“, заклучува францускиот научник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Рајанер“ го зголемува дозволениот бесплатен рачен багаж

„Рајанер“ ќе ја зголеми максималната големина на багажот што може да се носи во авион бесплатно и да се складира под седиштето за 20 проценти, откако Европската Унија презентираше предлог за нови закони што би дозволиле поголеми димензии.
Нискобуџетната авиокомпанија моментално им дозволува на патниците да земат бесплатен рачен багаж што се вклопува под седиштето, како што е чанта или мал ранец. Максималната големина сега се зголемува од 40x25x20 см на 40x30x20 см.
Иако станува збор за зголемување само од 5 сантиметри во ширина, ова значи дека волуменот на торбата се зголемува од 20 на 24 литри.
И покрај зголемувањето, „Рајанер“ сè уште заостанува зад својот главен конкурент „ИзиЏет“, кој дозволува багаж со димензии 45x36x20 см (32 литри), додека „ВизЕр“ веќе дозволува багаж со димензии 40x30x20 см.
„Рајанер“ изјави дека новите правила ќе бидат имплементирани во наредните недели.
Минатата недела, европратениците предложија патниците да имаат право на багаж со димензии од најмалку 40x30x15 см, како и дополнителен багаж со димензии до 100 см и тежина до 7 кг, без дополнителни трошоци со нивниот авионски билет.
Свет
САД воведоа нови санкции врз Иран и Хезболах

Соединетите Американски Држави воведоа нови санкции врз Иран и неговиот либански сојузник Хезболах, насочени кон високи функционери и мрежи кои помагаат да се избегнат санкциите на САД поврзани со продажбата и транспортот на иранска нафта.
Министерството за финансии соопшти дека неговата Канцеларија за контрола на странски средства „презема мерки против мрежите кои колективно транспортирале и купувале иранска нафта вредна повеќе милијарди долари, од кои дел им користеле на силите Кудс на Иранскиот корпус на револуционерната гарда (IRGC-QF), кој е прогласен за странска терористичка организација“.
Санкциите се насочени и кон бродовите вклучени во транспортот на нафта.
Министерот за финансии Скот Бесент изјави: „Министерството ќе продолжи да воведува мерки против изворите на приходи на Техеран и да го зголемува економскиот притисок за да го наруши (неговиот) пристап до финансиските ресурси што им овозможуваат на неговите дестабилизирачки активности“.
Санкции беа воведени и против неколку високи функционери и еден субјект поврзан со Хезболах поради помагање во избегнувањето на санкциите.
Овој потег ја нагласува посветеноста на попречување на напорите на Хезболах да ги избегне санкциите, според одделот.
Целта на санкциите беше и да се поддржат напорите на новата либанска влада да го ограничи влијанието на терористичката група, особено затоа што актери како финансиските институции на Хезболах продолжуваат да ја поткопуваат веќе кревката економија на Либан, соопшти одделот.
Свет
Путин разговараше со Трамп: „Нема да се откажам од своите цели во Украина“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот претседател, Владимир Путин, разговараа по телефон речиси еден час за војната во Украина, при што двајцата изразија подготвеност да бараат решение преку преговори, објави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
За време на разговорот, Трамп повторно го отворил прашањето за брзо завршување на војната во Украина, но Путин јасно ставил до знаење дека Русија нема да отстапи од своите цели, вклучително и, како што рекол, отстранување на причините што довеле до конфликтот.
„Нашиот претседател нагласи дека Русија ќе ги постигне целите што си ги поставила, а тоа е да ги елиминира познатите причини што доведоа до сегашната конфронтација“, рече Ушаков.
Путин му ги презентирал на Трамп и деталите за неодамнешниот договор со Украина за размена на затвореници и загинати војници и ја изразил подготвеноста на Москва да продолжи со преговорите со Киев.
Ушаков нагласи дека рускиот став е дека мировните преговори за Украина мора да се водат исклучиво меѓу Москва и Киев, без трети страни.