Свет
Данската премиерка му порача на Трамп: Гренланд има право да одлучува за својата иднина

Данската премиерка Мете Фредериксен му кажа на Доналд Трамп дека Гренланд има право да одлучува за својата иднина, пренесува Би-Би-Си, oткако новоизбраниот американски претседател предизвика бура во Копенхаген минатата недела кога навести дека САД сакаат да го купат арктичкиот остров лоциран на данска територија.
За време на 45-минутниот телефонски разговор, Фредериксен вчера му кажала на Трамп дека Данска е подготвена да ја зголеми својата одговорност за безбедноста на Арктикот. Таа ги повторила и изјавите на гренландскиот премиер Муте Егеде, кој неодамна јасно стави до знаење дека Гренланд не е на продажба.
Трамп не одговори јавно, но тој повторно ја објави анкетата од 2019 година на неговата платформа „Трут соушал“ која покажува дека 68 отсто од Гренланѓаните ја поддржуваат независноста од Данска. Се очекува да се одржи референдум за независност, а Данска веќе соопшти дека ќе го почитува секој резултат.
Трамп ја изрази својата желба да го купи Гренланд уште во 2019 година. Откако Фредериксен го нарече предлогот апсурден, Трамп нагло ја откажа посетата на Данска. Во телефонскиот разговор Фредериксен нагласила и дека данските компании придонесуваат за растот и работните места во САД и дека е во интерес на Европската унија и САД да ја зајакнат трговијата.
Минатата недела Трамп и се закани на Данска со високи царини доколку не се откаже од Гренланд, што предизвика загриженост кај данските бизнисмени. САД се вториот најголем извозен пазар во Данска, така што целните царини би имале значително влијание врз нивната економија.
Денес, Фредериксен ќе одржи, како што го нарекуваат данските медиуми, кризен состанок со бизнис лидерите, вклучително и директорите на пивскиот гигант Карлсберг и фармацевтската компанија Ново Нордиск, позната по лековите за дебелина и дијабетес кои се популарни во САД. Предвиден е и вонреден состанок на Советот за надворешна политика, на кој ќе присуствуваат претставници од целиот парламент.
Пратеничката на Гренландскиот парламент Аја Кемниц рече дека го поддржува ставот на премиерот дека одлуката за Гренланд треба да ја донесат Гренланѓаните. „Имам голема доверба во премиерот, како и во гренландскиот премиер Егеде. Мислам дека е важно тие да соработуваат тесно“, рече таа. Егеде претходно оваа недела изјави дека неговата влада е подготвена да започне дијалог со претстојната администрација на Трамп.
Коментарите на Трамп и посетата на неговиот син на Гренланд минатата недела предизвикаа голема загриженост во Данска. Соочена со можноста за заострување на односите со нејзиниот близок сојузник, Фредериксен внимателно ги избираше зборовите, притоа нагласувајќи го правото на Гренланд на самоопределување. Ханс Редер, политички уредник на ТВ2, истакна дека фактот што на Трамп му биле потребни 45 минути за да разговара со Фредериксен е знак дека прашањето на Гренланд е навистина нешто што Трамп сериозно го разгледува, а не само минлива мисла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пожар попладнево избувна во шумската област Агиос Никитас на Лефкада

Пожар попладнево избувна во шумската област Агиос Никитас на Лефкада, јавија грчките медиуми. Пожарот избувнал во близина на плажата Катисма.
Според Противпожарната служба, за инцидентот биле известени во 16 часот и 40 минути и засега нема извештаи за непосредна опасност по околните домови.
Нешто пред 18 часот жителите преку 112 биле предупредени да бидат подготвени, а вторпат да се евакуираат.
Свет
Трамп вели дека тој е единствената личност во светот што може да стави крај на војната во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тој е единствената личност во светот што може да стави крај на војната во Украина, додавајќи дека напорите да се спречи ескалацијата на конфликтот се „донекаде под контрола“.
Мислам дека нема никој на светот кој може да го запре рускиот претседател Владимир Путин, освен мене – рече Трамп доцна синоќа во интервју за „Ауткик“.
„И мислам дека ќе можам да го запрам“, додаде тој.
Имавме многу рационални дискусии и само сакам да видам дека луѓето престануваат да се убиваат, рече Трамп.
Свет
Папата Франциско денеска беше отпуштен од римската болница Гемели

Папата Франциско денеска беше отпуштен од римската болница Гемели по повеќе од пет недели престој, јави ДПА. Папата денеска го имаше своето прво појавување во јавноста по пет недели, мавтајќи од балконот на болницата пред да ја напушти установата.
На 14 февруари, 88-годишниот понтиф беше примен во болница со тешка респираторна инфекција. Од неговата хоспитализација, Ватикан објави само една фотографија од папата – и тоа само одзади, пред олтарот во капелата на десеттиот кат од клиниката.
Неизвесно е дали тој ќе може да учествува на прославата на Велигден следниот месец.