Свет
Ден на Земјата – што може секој поединец да направи за да ја заштитиме нашата планета?

Додека голем број граѓани од католичка вероисповед од Европа и светот го празнуваат првиот ден од Велигден, 22 Април исто така се одбележува и како Ден на планетата Земја.
На овој датум во целиот свет секоја година се одржуваат разни настани со кои се изразува поддршка за заштита на животната средина, пренесува „Евроњуз“.
Глобална мрежа на голем број организации во текот на целата година работи на справување со најсериозните проблеми за нашата планета, како климатските промени, таложењето пластичен отпад, заштитата на загрозените видови и сл.
Како 22 Април стана Ден на нашата планета?
Мировниот активист Џон Меконел е првиот што ја предложил идејата за Ден на Земјата во 1969 година на конференција на УНЕСКО во Сан Франциско.
Неговата цел била на тој ден да ѝ се оддаде почит кон Земјата како дом на целото човештво и да се промовира концептот за мир меѓу луѓето, а со ваква порака денот првпат бил одбележан на 21 март 1970 година – првиот ден од пролетта на северната хемисфера.
Американскиот сенатор Гејлорд Нелсон го промовирал Денот на планетата Земја еден месец подоцна, на 22 април 1970 година, кога бил сведок за стравотните еколошки штети од масовното излевање нафта во Санта Барбара, Калифорнија, во 1969 година.
Иако првично станува збор за американска иницијатива, концептот беше преземен на меѓународно ниво во 1990 година, со настани организирани во 141 земја.
Како секој поеднинец може да влијае за да ја заштити Земјата?
Обединетите нации објавија прирачник со комичен наслов „Водич за тоа како мрзливите луѓе може да го спасат светот“, во кој се наведени повеќе активности што секој поеднец може да ги преземе за да придонесе кон целите за одржлив развој поставени од организацијата.
Листата категоризира предлози од ниво 1 до ниво 4, во зависност од тоа дали активностите се преземаат дома, на работа или во локалното место на живеење.
Еве неколку предлози од сите четири нивоа:
- Заштедете електрична енергија со приклучување повеќе апарати во продолжен кабел и целосно исклучувајте ги кога не ги користите вклучувајќи го и вашиот компјутер;
- Избегнувајте банкарските извештаи да ги подигате печатени на хартија и своите сметки плаќајте ги онлајн или преку мобилен;
- Не е можно во целост да се избегне купувањето храна и стока спакувана во пластична амбалажа, но гледајте тоа да го сведете на минимум;
- Купете си килим – теписите и килимите го прават вашиот под топол и ќе ви помогнат да заштедите при затоплувањето на домот;
- Практикувајте кратки туширања – со бањањето во када се троши многу повеќе вода отколку 5-10 минути минати под туш;
- Вашата коса и облека сушете ги природно наместо со помош на фен, односно машина. Кога ја перете облеката, внимавајте да го искористите целиот капацитет на машината;
- Јадете помалку месо, живина и риба. Повеќе ресурси се користат за да се обезбеди месо отколку растенија;
- Планирајте ги вашите оброци – при пазарење користете листа и избегнувајте да купувате водени од импулсот. Не наседнувајте на маркетинг-трикови кои ве тераат да купите храна, облека и предмети повеќе отколку што ви се потребни;
- Возете велосипед, пешачете или користете јавен превоз. Патувајте со автомобил само кога сте во поголема група;
- За пиење вода или кафе употребувајте амбалажи што повторно може да се искористат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.